Сезонава на 10 трки, тој седум пати победи, трипати беше втор и одново е европски првак, по триумфите во 2014 и 2015 година

АВТОМОБИЛИЗАМ – ЕВРОПСКИ ШАМПИОНАТ НА РИДСКИ ПАТЕКИ

Игор Стефановски-Иџе (40), најдобриот македонски рели-автомобилист, третпат во својата кариера ја освои титулата европски шампион на ридски патеки. Тој на последната трка сезонава, која се возеше викендов во Бузет (Хрватска), дојде до нова победа (притоа возејќи со просечна брзина од 117,5 км/ч.), која му овозможи да ја зачува предноста во генералниот пласман.
На трката тој беше поддржан од стотина негови навивачи, кои со специјален автобуски превоз организирано заминаа и присуствуваа во Бузет, а потоа заедно и го прославија големиот успех.
Сезонава Стефановски имаше извонреден настап во Европскиот шампионат на ридски патеки, а тоа го потврди и во Бузет, со неговата седма победа од вкупно десетте трки колку што се возеа, а на три трки целта ја помина како втор.
Стефановски претходно ги освои европските титули во 2014 и во 2015 година.
– Трикратен европски шампион за мојата Македонија, за мојот народ. Бидете горди, испишавме нова историја – напиша Стефановски на социјалните мрежи по триумфот.
Стефановски во 2014 година беше избран за спортист на Македонија. Г.И.