Фото: Игор Бансколиев

На 14 мај 2023 година во Република Турција се одржаа редовните претседателски и парламентарни избори. Како што веќе и официјално е потврдено, изборот на идниот претседател на оваа земја ќе биде направен/ познат по вториот круг на изборите, кој ќе се одржи на 28 мај годинава. Според официјалната оцена на Државната изборна комисија на Република Турција (YSK ), како и според оцените на сите учесници во „натпреварот“, првиот круг на претседателските, како и парламентарните избори во Турција, од 14 мај годинава, помина во фер и демократска атмосфера. Очекувањата се дека и вториот круг на претседателските избори ќе помине во слична или иста атмосфера.
Како што е познато, на парламентарните избори и овој пат победници се политичките партии на т.н. „Републиканска коалиција“, која ја сочинуваа Партијата за правда и напредок (AK ), на чие чело е претседателот Реџеп Таип Ердоган, Националистичката народна партија (MHP) на Девлет Бахчели и Обновената Рефах партија (YRP), на Мухамед Али Фатих Ербакан. Партиите од оваа коалиција добија 49,46 отсто од гласовите, односно 322 од вкупно 600 пратенички места на Големото национално собрание на Турција. Другата, опозициската т.н. „Народна коалиција“, која ја сочинуваа опозициската Републиканската народна партија (CHP) на Кемал Киличдароглу и Добра партија (İYİ Parti) на Мерал Акшенер, на изборите добија 35,02 отсто од гласовите, односно вкупно 213 пратенички места. Преостанатите 10,54 отсто, односно 65 пратенички места добија политичките партии на т.н. „Коалиција на трудот и слободата“.
Судејќи според горенаведените резултати, најголемото ветување на опозициската коалиција за редефинирање, односно повторно враќање на стариот парламентарен систем во земјата, најмалку во следните пет години, дефинитивно пропадна.
Што се однесува, пак, до претседателските избори, во опозицискиот табор, покрај наведените, учествуваат уште четири други помали политички партии. Една од главните причини за нереализирањето на очекувањата на опозициската коалиција за победа на нивниот кандидат уште на првиот круг на изборите е наводната „блискост“, односно наводното кокетирање на К. Киличдароглу со најголемата политичка партија на Курдите во Турција – Народна демократска партија (HDP), чии членови важат за еден вид „продолжена рака“, односно политички претставници на терористичката организација ПКК. Поради постапката за нејзина забрана/затварање, која сè уште е во тек, на изборите од 14 мај годинава, кандидатите за пратеници од редовите на оваа партија се кандидираа преку листата на Зелената лева партија (YSP).

Какви се вистинските намери на К. Киличдароглу околу неговите релации со наведената „курдска“ политичка партија времето ќе покаже. Но, според оцената на голем број пред сè турски аналитичари, вклучувајќи и според моето длабоко убедување, наведениот пристап на „Народната коалиција“, а посебно на Кемал Киличдароглу, би можело да резултира со негов пораз во вториот круг на претседателските избори. Ова дотолку повеќе што во необјавената војна, која меѓу безбедносните сили на Република Турција и припадниците на ПКК се води од 1984 година до денес, односно речиси 40 години, животите ги загубија неколку десетици илјади лица од двете страни на „фронтот“. Да не зборуваме за огромните материјални штети што Турција ги има доживеано досега поради наведениот конфликт. Притоа, исто така е важно да се напомене дека претензиите на ПКК и на нејзините политички претставници дека тие ги претставуваат интересите на сите Курди во Турција се неточни/неосновани. Ова, покрај другото, поради фактот што во Турција покрај наведената постои и друга помала политичка партија на Курдите (HÜDA PAR), како и фактот дека, како во минатото така и сега, во редовите на другите политички партии, вклучувајќи и во партијата на чие чело е претседателот Р.Т. Ердоган, секогаш учествувале/учествуваат голем број пратеници, министри и други функционери од курдска етничка припадност.
Дали Турција веќе е „уморна“ од Реџеп Таип Ердоган? Судејќи според резултатите од првиот круг на претседателските и од исходот од парламентарните избори, краткиот одговор е секако дека не е. Со други зборови, доколку се врши споредба со изборните резултати од парламентарните избори во 1999 година и резултатите од изборите од 14 мај годинава, меѓу другото, може да се заклучи дека во 1999 година, непосредно по катастрофалниот земјотрес во неколку провинции на Турција, тогашните водечки политички партии, на чие чело беа Тансу Чилер, Месут Јилмаз, Булент Еџевит и Девлет Бахчели, на изборите во 1999 година ги изгубија речиси половината од нивните претходно добиени гласови. За разлика од ова, на изборите од 14 мај годинава, кои исто така се одржаа околу два и пол месеца по уште покатастрофалниот земјотрес, гласачите од погодените провинции и на земјата во целина, на Р.Т. Ердоган и неговата партија им ги дадоа најголемиот број гласови. Ова, меѓу другото, говори дека Реџеп Т. Ердоган важи за „човек од збор“, кому сè уште му веруваат мнозинството граѓани на Република Турција.

За разлика од ова, на прашањето дали Реџеп Таип Ердоган им „здосади“ на домашните и странските „душмани“, овој пат одговорот е потврден, секако дека тој веќе е „непосакувана личност“ за голем број негови неистомисленици и политички „противници“. За разлика од неговите политички ривали, кои Ердоган го „мразат“ поради неможноста повеќе од 20 години да дојдат на власт, неговите странски главно западни „непријатели“ долги години мака мачат како да го симнат од власт. Така се случи и на овие избори, кога без никаков срам во разни западноевропски и американски влијателни медиуми отворено се заговараше негово заминување од турската политичка сцена. Парискиот „Шарли Ебдо“ (Charlie Ebdo), пак, деновиве отиде уште подалеку и на Р.Т. Ердоган му посака дури физичко заминување од овој свет?! Ваквото недозволено мешање во внатрешните работи на една земја, во конкретниот случај во внатрешните работи на Република Турција, според мене, донекаде е „разбирливо“, бидејќи наведените „демократски“ центри со претседателот Ердоган не можат да играат „прескокана“, како што тоа го чинеа со одделни турски воено-политички структури во годините пред неговото доаѓањето на власт (во 2002 г.).
Реџеп Т. Ердоган не дека е „светец“ или пак „непогрешлива личност“, но неоспорен факт е дека во последните 20 години, и покрај разните тешкотии и „сопки“ што непрекинато му беа поставувани главно од надворешни „невидливи“ сили и центри, Република Турција под негово лидерство доживеа револуционерни промени и достигања во разни области. Истовремено, Турција под негово водство стана лидер во давањето помош на настраданите од разни непогоди насекаде низ светот, меѓу другото собирајќи ги во земјата и грижејќи се за неколкуте милиони страдалници главно од Блискиот Исток, Азија и Африка. Двете најважни причини за евентуален пораз на Р.Т. Ердоган во вториот круг на претседателските избори, според мене, би можеле да бидат: а) неговиот толерантен однос кон неколкуте милиони Сиријци и други бегалци, кои продолжуваат да остануваат/да живеат во Турција; и б) неповолната економска состојба во земјата, односно огромната инфлација, која меѓу другото резултира и со постојано зголемување на сиромаштијата во земјата.

На прагот на вториот круг на претседателските избори се поставува и следното прашање: По кој пат ќе продолжи да оди Република Турција по 28 мај 2023? Одговорот на ова прашање, по неколку дена, дефинитивно ќе го дадат турските граѓани/гласачи, но кој и да биде победник на овие избори ќе треба многу посериозно да се зафати со решавањето на наведените и многу други прашања што се сериозна пречка за натамошниот развој и просперитет на Република Турција. Политички стабилна и економски развиена Турција треба да е во интерес не само на турските граѓани туку и пошироко. Со други зборови, без оглед на тоа кој ќе биде идниот претседател на Република Турција, а со оглед на фактот дека пред сè ЕУ и САД се свесни за важноста на нивните релации со Турција, и за опасноста по светскиот мир во случај на поголема дестабилизација на оваа земја, во наредниот период мислам дека ќе треба да ја преиспитаат досегашната неискрена/„нечесна“ политика на двојни аршини кон оваа земја и да започнат да развиваат попрагматични односи и соработка со Турција. На САД и пред сè на ЕУ и другите европски земји, вклучувајќи ги и земјите од нашиот регион, треба да им биде во интерес Република Турција пред сè да биде политички стабилна земја, бидејќи евентуалната нејзина дестабилизација би резултирала со катастрофални последици за мирот и стабилноста во нашиот регион, Европа и светот во целина.

Салим Кадри Керими, историчар, дипломат во пензија