Фото: МИА

Македонија се соочува со сериозни предизвици во развојот на е-трговијата, меѓу кои ниското ниво на дигитални вештини, високата сива економија, недоволната доверба во онлајн купувањето и доминацијата на готовинските плаќања. Сепак, според претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, Нина Ангеловска, земјата и регионот мора паралелно да работат на надминување на овие слабости и да ги следат новите технолошки трендови.

 – Додека светот зборува за ВИ-агенти, хиперперсонализација и автоматизирана е-трговија, ние во регионот сè уште се соочуваме со основни предизвици – посочи Ангеловска пред почетокот на деветтото издание на регионалната конференција за е-трговија.

Таа посочи дека нивото на дигитални вештини во регионот е околу 31 процент, наспроти 64 проценти во Европската Унија. Особено загрижувачка е состојбата со напредните дигитални вештини, каде што Македонија е на најниско ниво во регионот, со само седум проценти.

Ангеловска нагласи дека развојот на е-трговијата не треба да чека целосно да се надминат постојните проблеми, туку е потребно истовремено да се вложува во дигиталните знаења, довербата на потрошувачите и примената на новите технологии.

Податоците на Асоцијацијата покажуваат дека готовинските плаќања сè уште доминираат, но повеќе од 50 проценти од трансакциите се во корист на домашните трговци, што, според Ангеловска, е позитивен показател.

Истовремено, растот на глобалните платформи придонесува за зголемување на бројот и вредноста на трансакциите со домашни платежни картички кон странство.

Според последните податоци на Народната банка, вредноста на реализираните електронски трансакции во првото полугодие е зголемена за 14 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Асоцијацијата за е-трговија изработила анализа за готовинските наспроти безготовинските плаќања, со цел да се утврдат можностите за забрзување на развојот на безготовинската трговија. Клучните наоди ќе бидат презентирани на конференцијата, на која се најавени повеќе од 900 учесници од 12 држави, меѓу кои и претставници на глобални компании како „Гугл“, „Линкдин“, „Тесла“ и „Амазон“.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека постојат добри предуслови за развој на електронската трговија, бидејќи граѓаните сè повеќе се присутни на интернет, а 97 проценти од малите и средните претпријатија имаат пристап до интернет.

Според него, следниот чекор е искористување на овој потенцијал преку развој на е-трговијата, дигитализација на плаќањата и унапредување на дигиталните вештини.

Андоновски ги посочи двата европски дигитални иновациски хаба на кои работи Министерството, а кои треба да им помогнат на малите и средните претпријатија во дигиталната трансформација. Едниот се реализира во соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а другиот преку проектот „Дигитмак“.

Првиот хаб функционира речиси година и половина, а досега повеќе од 60 компании добиле дигитални процени, патокази за трансформација и обуки. Вториот проект е насочен кон дигитализација на трговците.

Како пример, министерот ја посочи иницијативата во Битола, реализирана во соработка со локалната Стопанска комора, Комората на угостителите, две македонски банки и „Виза“.

Станува збор за дигитална трансформација на повеќе од 90 мали и средни претпријатија. Андоновски најави дека искуството ќе послужи како поттик за слични иницијативи и во други градови и региони, во соработка со банките, „Виза“ и други партнери.