Фото: Принтскрин

Народната банка подготвува посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери кои примаат пензија преку АЛТА банка АД Битола, но немаат платежни картички. Се разгледува можноста тие еднократно да подигнат до 20.000 денари преку шалтер, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства.

Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во интервју за „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Од вкупно 11.500 пензионери кои примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив се подготвува посебен механизам за исплата, а јавноста ќе биде информирана кога ќе бидат утврдени деталите.

Народната банка воведе привремена администрација во АЛТА банка АД Битола, како заштитна мерка со времетраење до три месеци, согласно законската регулатива. Тим на Народната банка е присутен во Банката и континуирано ги следи состојбите и функционирањето на банкарските услуги, вклучително и на банкоматите.

Народната банка разгледува и можни решенија за компаниите кои имаат средства во АЛТА банка, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, чиј законски рок е до 15-ти во месецот.

Согласно воведените мерки, правните лица можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметки на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од Банката засега се привремено ограничени.

Гувернерот посочи дека ограничувањата ќе се разгледуваат во зависност од развојот на состојбата, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите релевантни промени.

Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали АЛТА банка а.д. Белград ќе ги понуди на продажба акциите во АЛТА банка АД Битола.

Славески најави дека, без разлика дали ќе пристигне одговор од српскиот регулатор, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на АЛТА банка АД Битола на Македонската берза.

Според него, постои интерес од неколку потенцијални инвеститори од земјата и од странство. Евентуалната продажба ќе се спроведе согласно законските процедури, а избраниот инвеститор ќе треба да ги исполни сите законски и супервизорски критериуми.

Целта, како што посочи гувернерот, е да се обезбеди инвеститор кој ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката.

Славески нагласи дека роковите за следните чекори се кратки и дека брзото постапување е особено важно за изнаоѓање соодветно решение.

Народната банка продолжува да ја следи состојбата и да ги презема активностите во рамките на своите законски надлежности, со цел заштита на клиентите и одржување на стабилноста на банкарскиот систем.