Фото: Кабинет претседателка

Македонија очекува еднаков третман со другите земји кандидатки за членство во Европската Унија, заснован врз примена на исти правила и стандарди, истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која денеска во Брисел учествуваше на Самитот за проширувањето на ЕУ, организиран од „Еуроњуз“ (Euronews).

Во објава на својот Фејсбук-профил, Силјановска-Давкова посочи дека на самитот нагласила оти е потребен суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи.

Во однос на реформите, претседателката оценила дека постојат капацитети за напредок во областите на владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Сепак, нагласила дека за нивно спроведување се потребни внатрешна политичка волја и поттик од Европската Унија.

На самитот учествуваат високи европски и регионални политички претставници. Во фокусот на дискусиите се процесот на проширување на ЕУ, европската интеграција на земјите кандидатки, регионалната соработка и предизвиците со кои се соочува Унијата во однос на приемот на нови членки.

Во рамките на посетата на Брисел, Силјановска-Давкова ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич, во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа (SHAPE), во Монс.

Предвидени се и средби со претставници на европските институции.