Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот народ, истакна претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање во македонското собрание. Осврнувајќи се на спорот со Бугарија, тој посочи дека нема потреба од брзање во изнаоѓањето решенија и повика на почитување на донесената собраниска резолуција. Во својот говор, тој стави акцент и врз потребата од реформи во сферата на владеењето на правото, а ја истакна и потребата властите повеќе да се фокусираат на реалните проблеми на граѓаните

Македонскиот претседател Стево Пендаровски го започна годишното обраќање со едноминутен молк за жртвите од трагичната автобуска несреќа во Бугарија, за настраданите во модуларната болница во Тетово, како и за сите оние што годинава ја загубија битката со ковид-19, посакувајќи повеќе да не се случуваат вакви несреќи, истовремено повикувајќи овие настани да ја разбудат совеста во македонското општество и кај надлежните институции.
Тој понатаму се осврна на владеењето на правото, истакнувајќи дека правдата треба да биде неселективна, а сите процесирани случаи да имаат судска завршница во разумен рок. Уште апелираше со законите што се носат да не се привилегираат оние што не го почитуваат поредокот, наспроти оние што го почитуваат.
– Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија што се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите, кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мера, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот – истакна Пендаровски, притоа додавајќи дека не смее да се остава впечаток дека во земјава владее култура на неказнивост.
Претседателот предупреди да се внимава со привлекувањето странски инвестиции и побара сите најави за големи странски вложувања да се проверуваат од безбедносен аспект, колку и да изгледаат примамливи во прв момент. Напомена и дека е потребна департизација на институциите во сферата на одбраната и безбедноста.
Осврнувајќи се на спорот со Бугарија, македонскиот претседател посочи дека нема потреба од брзање во изнаоѓањето решенија.
– ЕУ е најдобрата опција за нас и едвај го чекам денот кога ќе ги почнеме преговорите, а уште повеќе денот кога ќе ги завршиме. Но во актуелниот контекст, со нашите црвени линии, не треба да бидеме преокупирани колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Ние треба да се посветиме на подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани. Брзањето не е секогаш најдобар сојузник – рече Пендаровски.

Тој ги негираше тезите што се наметнуваат во јавноста дека евентуалното подолго останување во чекалницата на ЕУ ќе ја дестабилизира земјава, притоа предупредувајќи на посериозна опасност од демократско назадување ако бугарското вето остане подолго.
– Нашите граѓани можат да бидат спокојни, и да потрае блокадата нема никаква безбедносна закана. Можно е нешто друго, демократско назадување и облици на авторитарно владеење на поединец или партија, но одговорноста за тоа нема да лежи кај граѓаните туку кај нас политичарите – нагласи Пендаровски.
Преголемата фокусираност на преговорите со ЕУ, смета претседателот Пендаровски, го фрлиле во втор план она што е суштина во меѓународните односи, процесите на градење добри билатерални односи, пред сѐ, како што рече, со земјите со кои споделуваме исти цели и вредности.
– Оттука, во наредниот период ќе биде неопходно со новата влада со забрзано темпо да пристапиме кон пополнување на испразнетите амбасадорски места и со здружени напори да посветиме поголемо внимание на билатералните релации, кои опфаќаат многу повеќе аспекти, отколку само поддршка за членство во Европската Унија – рече Пендаровски во обраќањето.
Тој потсети и на проектот „МКД 2030“, кој беше замислен да ја постави стратегиската рамка за развој на државата во следните 10 години, а чие финализирање се очекува кон средината на следната година.

Пендаровски во говорот повика и на поголема грижа за македонскиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, како и за виталните белези на македонскиот идентитет.
– Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социокултурен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен – истакна Пендаровски.
Претседателот се осврна и на проблемот со падот на поддршката на европските интеграции во земјава, подвлекувајќи дека овој тренд оди по линија на етничка припадност и дека тоа е загрижувачки во една мултиетничка средина како нашата.
– Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот, во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку сите држави на Западен Балкан, повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми… Критичен предуслов за вистински одлуки е внимателно да следиме што се случува околу нас и во меѓународните центри на моќ и да реагираме разумно и навреме – истакна Пендаровски.
Тој на крајот ја повика новата влада што поскоро да се позанимава со реалните проблеми на граѓаните, кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата, сè до енергетската криза, која допрва ќе се продлабочува.


Власта и опозицијата поделени во реакциите

Некои од пратениците во Собранието од опозицијата и од власта излегоа со првични коментари и оцени на годишното обраќање на претседателот Пендаровски.
За Владо Мисајловски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, обраќањето на претседателот Стево Пендаровски било предвидливо, невпечатливо и без изненадувања.
– Тој не успеа суштински да се оттргне од сенката на Заев и од политичкото блато во кое ја донесоа државата. Пендаровски не е никаква кочница на власта, која е закопана во криминал, корупција и безидејност – рече Мисајловски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, обраќањето на шефот на државата го оцени како државничко.
– Како што доликува на демократско општество и на институцијата претседател, тој го дава очекуваниот позитивен резултат. Мнозинството во Собранието со Пендаровски има конструктивен сојузник за концептот на едно општество, правецот на движењето на земјата, продолжување на реформите и подобрување на квалитетот на животот – рече Митрески.
На иста линија е и шефот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, кој рече дека се соглaсуваат со речиси сè што истакнал претседателот Пендаровски пред пратениците.
– Се согласуваме дека членството во НАТО ни помогна да се справуваме со безбедносните закани и дека се покажа како оправдано. Се согласуваме дека треба да има програма и завршница во разумен рок за реформите во правосудството. Ме израдува фактот што Пендаровски ја спомна медиумската писменост, која треба пообемно да се примени во основните училишта за веднаш да се познаат лажните вести. Се соглaсуваме со Пендаровски дека патот кон ЕУ е неправилно блокиран. Не треба да се откажуваме од иднината и треба и натаму да се ангажираме за изнаоѓање решение со Бугарија – рече Адеми.
Пратеникот Фадил Зендели од Беса оцени дека претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање ги констатирал состојбите во државата, кои не се добри.
– Претседателот нагласи дека има недостиг од демократски процеси и неказнивост за многу болни случувања, како што се автобуската несреќа во Бугарија и изгорената болница во Тетово. Ова се само констатации. Од односот на шефот на државата се гледа дека има несогласувања во делот на демократските процеси во општеството – рече Зендели.