Работата на Собранието изминатите три дена се одвива со најавените активности на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада, преку реплики, барања за промени на дневниот ред, процедурални забалешки… По такви дводневни активности завчера вечерта во тензична атмосфера беше усвоен дневниот ред на 71-та седница, по што од владејачката СДСМ оценија дека блокадата на опозицијата е неуспешна, но од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека таа е ефикасна и најавија нејзино продлжување се до постигнување на целта – одржување предвремени парламентарни избори. Од двете партии изнесоа меѓусебни обвинувања за неработење и неодговорност кон државата и граѓаните.
– Блокадата на Собранието создадена од ВМРО-ДПМНЕ нема да доведе до предвремени парламентарни избори. Парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година – рече вчера на прес-конференција Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.
Тој најави дека ќе направат се што е во нивна можност, се што предвидува во Деловникот, Собранието да не биде блокирано.
– Ние ќе примениме се што е пропишано со Деловникот и ништо надвор од тоа. Вчера гледавте и бевте сведоци вие и целата македонска јавност дека качувањето горе на бината каде што претседателот ја води седницата впрочем е напад на функцијата претседател. Очигледно е дека намерата е да се предизвика инцидент. Тоа нема да го дозволиме. Нема да дозволиме да се вратат слики од минатото, но ќе ги примениме сите деловнички можности за да се одблокира работата на Собранието – рече Митревски, порачувајќи дека во време на најголема светска економска и енергетска криза, Собранието мора да биде функционално и ефикасно да носи решенија во интерес на граѓаните и заштита на нивниот стандард.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, пак ги обвини пратениците од СДСМ дека не си ја заработуваат ниту платата, истакнувајќи дека во период од јули до декември минатата година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имале три пати повеќе активности од тие на СДСМ. Бројките од активностите во Собранието, како што рече, покажуваат дека пратениците од СДСМ и ДУИ не си ја работат работата и не си ја заработуваат ниту платата.