Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зарем повторно милиони буџетски средства за кампањи да се убедуваме дека ние, всушност, припаѓаме во ЕУ?!

Наместо кампањи „Ние сме Европа“ во Македонија и притисоци од сите страни земјава да ги направи уставните измени, попрагматично би било ЕУ да направи своја внатрешна кампања во Унијата со истиот слоган, оти очигледно некои земји во рамките на Унијата немаат ништо заедничко со европското однесување, туку многу повеќе со анахронизмите од пред 100 и повеќе години, од кои подоцна се изроди фашизмот на европскиот континент

Во време кога народот живее сѐ посиромашно, кога не може да го истурка месецот, кога пензионерите се борат за гол опстанок, Владата ќе алоцира илјадници евра народни пари за кампањи преку кои ќе ги учи граѓаните географија, поточно, ќе им порачува дека Македонија била дел од Европа?!

Кога стана повеќе од јасно дека процесот на уставни измени западна во ќор-сокак бидејќи не може да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство и откако собранискиот спикер со неделовничкото прекинување на седницата на која требаше да се гласа за промена на Уставот само купи дополнително време за „убедување“ на пратениците од опозицијата, власта го примени повторно стариот добар метод, преку кампањи да ги освестува граѓаните за Европа и што значи тоа за Македонија.
Во тој контекст, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера ја промовира кампањата „Ние сме Европа“, која ќе ја спроведува Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Владата, за што официјално ќе се потрошат 80 илјади евра.

Вакви слични кампањи на кои официјално и неофицијално се потрошија стотици илјади евра беа спроведени и пред одржувањето на референдумот за промена на името, кога македонските граѓани беа убедувани дека ќе бидат дел од Европа, ќе имаат бесплатно здравство, образование, работа, инвестиции, за на крајот повторно да биде погазена волјата на граѓаните и со сила да се промени уставното име на државата. За возврат, освен потрошените пари од народот на јалова кампања, граѓаните не добија ништо од празните ветувања, ниту европско здравство, уште помалку европско образование, а најмалку почеток на преговорите со ЕУ.

Исклучително арогантна кампања под мотото „Некои прашања не заслужуваат одговор“ беше спроведена и за територијалната поделба, кога тогашната власт дури и не сакаше да одговара на забелешките на народот дека со таквата територијална поделба, всушност, се нарушува унитарниот карактер на земјата, а дека народот бил во право уште пред 20 години, најдобро покажува неодамнешната посета на косовскиот премиер на македонски општини во кои веќе со години се вее иконографија од некоја друга држава и каде што ниту има државни симболи, а уште помалку се интонира државната химна и се говори на официјалниот македонски јазик.
Несомнено и со оваа кампања ќе се постигне една цел, ќе се наполнат нечии џебови, а народот ќе продолжи и натаму да купува најскапа храна, да живее на работ на сиромаштијата, бизнисот ќе биде оставен да пропаѓа… Од друга страна, некој и натаму ќе продолжи да ги продава европските евтини приказни и кампањи во кои никој повеќе не верува.

Во пресрет на кампањата што ја најави Секретаријатот за европски прашања стигна и декларацијата од Атина во која беше јасно порачано дека местото на Македонија е во Европа, но во нејзиното предворје, заедно со сите земји кандидати од Западен Балкан, сето тоа дополнето со Украина и Молдавија.

Наместо кампањи „Ние сме Европа“ во Македонија и притисоци од сите страни земјава да ги направи уставните измени, попрагматично би било ЕУ да направи внатрешна кампања со истиот слоган, оти очигледно некои земји во рамките на Унијата немаат ништо заедничко со европското однесување, туку многу повеќе со анахронизмите од пред 100 и повеќе години, од кои подоцна се изроди фашизмот на европскиот континент.

Соговорниците со кои се консултиравме категорично тврдат дека нема никаква потреба од трошење на парите на граѓаните на кампањи со што ќе се пере европската дволичност.
– Имаше времиња кога граѓаните безрезервно ѝ веруваа на ЕУ, но Европа ја изневери таа доверба. И покрај сите ветувања, не дозволи почеток на преговорите иако земјава го смени името. Сега повторно Македонија е блокирана зашто истата таа Европа дозволи наместо европски, земјава да мора да исполнува бугарски критериуми. Попусто се сите овие кампањи, веќе никој нема да го излаже македонскиот народ. Наместо за кампањи, државата тие пари нека ги даде за вадење нови лични документи, обврска што непотребно им ја наметна на граѓаните по нејзина вина – велат нашите соговорници.

И политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека оваа кампања е уште едно големо понижување на македонските граѓани.
– Кога велат „Ние сме Европа“, веројатно мислат на довербата во судство од 0 отсто, мислат на коруптивниот договор со „Бехтел и Енка“ или, пак, мислат на немањето учебници во образованието или, пак, можеби мислат на функционерите што се на црна листа, а уште се на функција. Ова е само трошење на јавните пари за лични бенефиции и уште поголемо понижување на граѓаните – нагласува Пекевски.
Според него, кампањата е исклучиво за нечија лична бенефиција и граѓаните нема ништо да добијат со тоа.


Маричиќ: Сакаме да ги претставиме придобивките од брзото членство во ЕУ

Преку кампањата, која се вика „Ние сме Европа“, која ќе се спроведува пред уставните измени, за кои засега нема мнозинство, ќе се убедуваат граѓаните дека исполнувањето на условите е пат кон посигурна иднина.
– Во рамките на напорите на Владата на Република С. Македонија да ги оствари стратегиските цели и да ја приближи целта за влез во ЕУ, Владата ќе организира серија настани во осум града во државата. Кампањата ќе се вика „Ние сме Европа“. Ќе се реализира во Скопје, Струмица, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип и во Куманово. Секаде ќе има тематски настани, со кои ќе ги покриеме најважните теми, кои врз основа на нашите анализи ги интересираат граѓаните – истакна промоторот на оваа кампања, вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Тој најави дека активностите ќе почнат во Скопје на 30 август како официјален почеток на кампањата и ќе се зборува на темата „Економија“, а ќе ја отвори премиерот Димитар Ковачевски.
– Активностите ќе значат средби со граѓански организации и целни групи со кои сакаме да ги дискутираме европските вредности. Во секој град истиот ден ќе има и трибина отворена за присуство на сите граѓани. Целта е да се претстават придобивките од брзото членство во ЕУ, неопходните реформи и начините како членството во ЕУ ќе го зајакне идентитетот – додаде Маричиќ.