Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот шеф на дипломатијата секогаш е гласен и реагира кога во некој контекст ќе се спомене Косово или Албанија, но никаде го нема кога треба да се заштитат интересите на Македонија и на македонскиот народ. Поради ваквото негово поведение, во јавноста често се наметнува и дилемата кого, всушност, претставува Османи?

Најновата преписка меѓу македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи и министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, во која подоцна се вмешаа и Ковачевски и Вучиќ, е само уште една потврда за неусогласеноста и некоординираност на македонската дипломатија, чиј заштитен знак станаа честите солирања и избрзани потези, на своја рака, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои се на штета на државата и македонските национални интереси. Македонскиот шеф на дипломатијата секогаш е гласен и реагира кога во некој контекст ќе се спомене Косово или Албанија, но никаде го нема кога треба да се заштитат интересите на Македонија и на македонскиот народ. Поради ваквото негово поведение, во јавноста често се наметнува и дилемата кого, всушност, претставува министерот за надворешни работи, Османи?

Министерот ги игнорира и премиерот и претседателот на државата и другите
државни органи и институции

Најново откако српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ рече дека Македонија и Црна Гора се огрешиле кон Србија со признавањето на независноста на Косово, веднаш преку Фесјбук се огласи министерот Бујар Османи барајќи појаснување на оваа изјава и нагласувајќи дека Македонија ги отфрла мешањето во нејзините внатрешни работи и несоодветните забелешки од функционери од соседството.

По ова следуваше одговор од Вучевиќ дека постои голема меѓународна поддршка за создавање голема Албанија, и тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи, вклучувајќи и за Македонија.
– Дали нашите пријатели во С. Македонија спијат мирно? Дали спиете мирно – напиша српскиот министер за одбрана.

Потоа топката мораше да ја смирува премиерот Ковачевски, кој во меѓувреме беше на заедничка неформална вечера во Атина на која присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Ме увери дека како претставник на српската држава, тој ги смета македонскиот народ и македонската држава за исклучително пријателски и дека доколку некој македонски граѓанин е навреден од која било порака од српската држава, тој лично ќе се извини – се огласи Ковачевски на Фејсбук.

Со свој став веднаш излезе и претседателот Вучиќ.
– Србија и Северна Македонија се вистински пријателски земји. Нема и не смее да има недоразбирања помеѓу нас. Ништо не бараме од нашите браќа, единствено што нудиме е искрено пријателство – беше реакцијата на Вучиќ.

Сепак тој не пропушти да нагласи дека токму премиерот Ковачевски на средбата во Атина силно реагирал, пред сите, токму против косовскиот премиер Албин Курти и неодамнешните немили настани при неговата приватна посета на Тетово кога беше истакнато знаме на голема Албанија.

Но реакција на осуда за инцидентот при посетата на Курти, провокациите со истакнување знаме на туѓа држава и искажаните територијални претензии кон Македонија, немаше и од министерот Османи. Се добива впечаток дека со своите потези и политики Османи, и претходно како вицепремиер и сега како шеф на дипломатијата, ги игнорира и премиерот и претседателот на државата и другите државни органи и институции и си тера некоја своја партиска или лична политика. Еве и конкретни показатели. Во однос на последниот случај, Османи се истрча со свои оцени и реакции без претходно да се консултира со премиерот или со Владата.

Претходно во однос на најжешкото политичко прашање, околу промената на Уставот, токму Османи беше првиот македонски политичар што пред неколку години порача дека нема ништо против Бугарите да влезат во Уставот. На ваквиот негов став тогаш реагираше претседателот Пендаровски нагласувајќи дека не гледа потреба од какви било измени на Уставот, такво нешто не е побарано од бугарска страна и тоа е исклучиво наше суверено право и надлежност. Османи беше тој што одеше низ светот и лобираше за признавање на Косово и често се солидаризира со политиките и ставовите на Приштина.

Македонската дипломатија „под жито“

Во однос на Бугарија, во јавноста се појавија сомневања со основа дека „Османи многу работи премолчува или крие од македонската јавност“ и во еден исклучително сензитивен момент на надворешни односи се појавува некаква форма на „подземна дипломатија“, од која се исклучени и експертската и пошироката заинтересирана македонска јавност.

Така, македонското МНР долго време го држеше во тајност и не го обелоденуваше протоколот со бугарски желби, кои Македонија се обврзала да ги исполни. Додека целата македонска јавност чекаше протоколот да биде презентиран, министерката на Бугарија, Теодора Генчовска, кажа дека таа се договорила со Османи текстот да биде скриен.

Османи замеша прсти и околу пописот, лобираше во странство, исклучиво кај албанската дијаспора, и прв соопшти дека во пописот ќе има и етничка графа. Патем, пред секоја клучна одлука за државата, Османи и неговиот лидер Ахмети одеа во Тирана на координација и за добивање насоки како да дејствуваат.

МНР и Османи никогаш не се огласија со остра реакција за многубројните провокации, искази за асимилација и територијални претензии кон Македонија од страна на бугарски политичари. МНР и Османи досега не реагираа и на фактот што Бугарија повеќекратно го прекрши меѓународното право, но и Договорот за добрососедство и пријателство. Најмалку што требаше да направат МНР и Османи досега е да изготват бела книга на сите овие прекршувања кон Македонија, тврдат искусните дипломати.
Османи, самоволно и без знаење на Владата, отиде и во Софија да го посети повредениот и самодеклариран Бугарин Христијан Пендиков, за кого тогаш имаше отворена истрага за шверц со наркотици. Има уште редица други примери на самоволни потези, солирања и излети на шефот на дипломатијата, кој како да залутал во професијата.

– Македонското МНР и генерално нашата дипломатија целосно потфрлија во изминатиот период, особено последниве години. На планот на дипломатијата сме буквално згазени и поразени и од Грција и од Бугарија, па, еве, сега има обиди и од Косово, и тоа е поради незнаење, немање меѓусебна координација, немање осет на државните и национални прашања. МНР премолчува груби прекршувања на меѓународното право и не реагира на искажаните територијални претензии кон Македонија, што е недопустливо. Тоа не се одлики на сериозна држава и затоа ни се случува ова – тврдат дипломатите.

Според нив, целата кадровска поставеност на клучните позиции во државата е наопаку поставена. Кога е така, тогаш не можете да очекувате ништо повеќе од анестезија и вивисекција на македонското национално ткиво. Без силна и уиграна дипломатија нема ниту силна држава, констатираат соговорниците.