Амбасадорот на НР Кина во Македонија, Џанг Ѕуо, специјално за „Нова Македонија“:

Додека Кина ја реализира својата историска мисија за градење просперитетно општество во сите аспекти и искоренување на сиромаштијата и ја остварува својата првенствена цел стара со векови, повторно се воведува прашањето за нејзиниот статус како земја во развој. Се појавуваат кинеските теории за развој, за трагање по профит и избегнување на одговорноста. Статусот и специјалниот третман на земјите во развој воспоставени преку меѓународното право ги одразуваат меѓународната правда и праведност. Статусот на Кина како земја во развој е потврден преку различни меѓународни договори и е прифатен од страна на поширокото мнозинство членки на меѓународната заедница. Но, без разлика колку се развива, Кина секогаш ќе биде дел од светот во развој, како и партнер и поддршка на пријателските земји во развој.

Веќе подолго време Кина им е лојална членка на земјите во развој. Иако е станата водечка светска сила во некои области, гледано во целина, показателите по жител во Кина сѐ уште се на средно ниво во споредба со оние на многу развиени држави. Сѐ уште е истакнат проблемот на неизбалансираниот и недоволен развој и сѐ уште има многу одолжувања што го попречуваат. Многу од индикаторите за развој на Кина, особено оние по жител, сѐ уште се на средно светско ниво. БДП по жител во Кина во 2022 година изнесувал 12.741 американски долар или 16,6 проценти од оној на напредните економии и само една шестина од оној на САД. Секторот за услуги сочинувал 52,8 проценти од БДП на Кина, што е пониско од просечните 70 проценти во развиените држави. За достигнувањата што ги оствари Кина сведочи светот. Таа претставува одличен студент помеѓу земјите во развој, но во никој случај не претставува дипломиран студент. Кина сѐ уште се соочува со застрашувачки предизвици и тешкотии. Статусот на земја во развој ѝ е признаен од страна на Светската трговска организација преку нејзините механизми и меѓународни договори, како што е Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, и е прифатен од мнозинството членки на меѓународната заедница. Тој статус не треба да ѝ биде одземен.

Кина секогаш ќе им биде лојален партнер на земјите во развој. Како дел од светот во развој, Кина треба да ужива разумни права на меѓународната сцена. Таа никогаш не го користела овој статус за да ги избегне своите одговорности, туку, напротив, таа ги има исполнето своите одговорности во рамките на својот капацитет. Од 2013 до 2021 година, Кина има придонесено со околу 38,6 отсто од светскиот економски раст годишно, што сочинува повеќе од 70 отсто од намалувањето на сиромаштијата во светот. Во Светската трговска организација, одредбите за специјален и диференцијален третман за Кина обезбедуваат многу помалa поволна поддршка отколку просечното ниво на поддршка што го уживаат земјите во развој. Само една деценија откако Кина ја предложи Иницијативата за појас и пат, таа поттикна инвестиции од речиси 1 трилион американски долари, создаде повеќе од 420.000 работни места за земјите учеснички и избави речиси 40 милиони луѓе од сиромаштија.

Кина предложи иницијатива за глобален развој, иницијатива за глобална безбедност и иницијатива за глобална цивилизација. Таа учествува во промовирањето на соработката југ-југ и север-југ, соработува со земјите во развој и ги поттикнува на меѓусебно помагање и стремење кон заеднички развој преку механизми како што се групата 77, Г20 плус и БРИКС плус. Како резултат на тоа што е членка на „Глобал југ“, Кина секогаш ќе се придржува кон својот статус на земја во развој и нема да се приклучи на западниот „клуб на богатите земји“.

Кина цврсто ги поддржува заедничките интереси на земјите во развој. Концептот на „земји во развој“ е проникнат со меѓународната политика и меѓународниот поредок уште од самото негово основање. Во 1964 година, за време на првата сесија на Конференцијата за трговија и развој на Обединетите нации, голем број азиски, африкански и латиноамерикански држави што успеале да се осамостојат и да тргнат по патот на независен развој, по Втората светска војна биле назначени како „земји во развој“, во споредба со развиените земји. Како дел од земјите во развој, Кина отсекогаш била посветена на подобрувањето на имиџот на земјите во развој, како и на можноста да бидат чуени во меѓународниот систем на управување. Новата Кина категорично ги има поддржано националноослободителните движења во Азија, Африка и во Латинска Америка и, наспроти сопствениот недостиг од богатство, има помогнато во изградбата на железницата Танзанија-Замбија, што сликовито го илустрира значењето на „искрено пријателство за време на неволја“. Во новата ера, Кина продолжува да дејствува според принципите на „Духот на Бандунг“ во односите со земјите во развој, како добар пријател, партнер и брат, заедно и во добро и во лошо, и промовира градење нов тип меѓународни односи фокусирани на соработка и заемна добробит, градејќи заедница што ќе обезбедува иднина за целото човештво преку заедничко работење. Кина отсекогаш решително се спротивставувала на хегемонизмот и политиката на моќ и секогаш се залагала за мир и развој. Таа секогаш ќе работи со големиот број земји во развој и ќе ги охрабрува да се стремат кон остварување на заедничките права и бенефиции и ќе ги заштитува заедничките интереси.

Обидот на некои држави да ја означат Кина како „развиена земја“ е неправеден. Дали една држава ѝ припаѓа на категоријата развиени земји или земји во развој е прашање наменето за меѓународните организации, кои треба да направат истражување врз основа на соодветни критериуми, а луѓето од различни држави останува да го изразат своето мислење базирано на нивните лични и конкретни искуства. Статусот на Кина како земја во развој е определен со закон и тој не може да ѝ се одземе. Оние што се обидуваат да шират пропаганда што подмолно му противречи на статусот на Кина како земја во развој се осудени на неуспех. Како најголема земја во развој, Кина секогаш стои цврсто заедно со земјите во развој и со малите и средните земји во меѓународните односи, се залага за заемна помош, толеранција и заемно учење заедно со сите народи во светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, и се стреми да изгради заедница што промовира иднина за целото човештво.