Професорката Билјана Ванковска која е предложена од политичката партија Левица, заклучно со вчерашниот ден има собрано 9.085 од потребните 10.000 потписи за претседателската кандидатура. Зад неа е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.994 потписи.

Досега Бујар Османи, Арбен Таравари и Максим Димитриевски успеаа да соберат 10.000 потписи и со тоа да бидат кандидати за претседател на државата.

Вело Марковски има собрано 1087 потписи, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачката партија има собрано 977 потписи, Ѓорѓи Манасков – 323, а Зорица Цветковска – 105, Господин Попоски – 63.

Државната изборна комисија соопшти дека сè додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител одделно и редовно ќе се ажурира.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари, ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.