Деновите пред и по празникот на некогашната заедничка држава СФРЈ, 29 Ноември, ми се будат многу спомени за луѓе и настани од тој период, за кои сум пишувал, со кои сум споделувал интересни случувања. Годинава таков беше случајот со потсетување на средбите и другарувањето со колегата и пријател Иво Етеровиќ од Сплит, Хрватска. Целиот живот го мина со фотоапаратот в рака, личен фотограф на претседателот Јосип Броз-Тито, со голем број изложби и над 200 награди зад себе, што го прави еден од најнаградуваните фотографи во поранешна Југославија. Живееше со желба да создаде најдобра фотографија, а токму тој порив го водеше постојано да биде на патувања низ светот. Почина во Белград, во 2011 година, на 76-годишна возраст.
Средбите со него секогаш ми беа интересни, го учев фотографскиот занает, слушав анегдоти, несекојдневни случки на средбите со претседателот Тито, од патувањата низ државата и светот. Првата средба и запознавање ги имавме во Галичник, на петровденската Галичка свадба, во 1981 година. На платото пред опеаната чешма „Упија“ и монументалната црква „Св. Петар и Павле“ очекувавме да појде свадбената поворка на побратимите за да ги пречекаат тапанџиите и зурлаџиите, без кои свадбата не може да се одржи, кога ми пријде средовечен човек, „накитен“ со неколку фотоапарати и објективи на појасот, и ме праша: „Дали сте вие Киро Кипроски, новинар и фоторепортер на весникот ’Нова Македонија’“, објаснувајќи дека генералиите ги добил во белградското дописништво на нашиот весник.
Предизвикот да допатува во Галичник го добил од репортажите што ги читал во „Нова Македонија“ и во прилогот „Починка“, објавен во 1975 година, посветен на свадбарските обичаи и ритуали на единствената од ваков вид балканска туристичка манифестација, атрактивната Галичка свадба. Два-три дена се дружевме, го запознав со манифестацијата, му бев водич на сите локации каде што се изведуваа свадбарските обичаи и ритуали, се пееја свадбарски песни и се виеја ора, на секоја локација на подвижниот „театар“ бевме пред изведувачите, на позиција од каде што имавме најдобра прегледност да создадеме квалитетни, содржајни композиции, уникатни…
На кафе-разговорот што го водевме во ресторанот „Неда“ во Галичник, од терасата го запознав со историјата на ова волшебно село, на кое секое камче е дел од богата историја. Нормално, бев љубопитен, сакав да дознаам како успеал да добие дозвола слободно со фотоапаратот да влегува во најинтимните простории на претседателот Тито, да ја создаде фотомонографијата „Нивните денови“, нешто што дотогаш не му се случило на ниеден фотограф.

– Големата желба, љубопитноста, настојувањето и среќата беа рецептот на успехот. Како професионален фоторепортер, со години го следев претседателот Тито и ми се роди идејата со фотоапарат да „ѕирнам“ во приватниот живот, во интимата на претседателот. Никогаш нема да го заборавам 13 април 1966 година, кога влегов во Ужичка број 15, во Белград, да направам серија портрети на претседателот за службени потреби. За време на паузата, пиење кафе со претседателот, го искористив моментот, собрав храброст и му ја предложив идејата да го фотографирам и неговиот приватен живот, делот што не е опфатен со протоколот. Притоа му ја образложив идејата дека обичните граѓани сакаат да знаат што прават во слободното време познатите, големите и славни личности, кој им ги шие костумите, кој им е бербер итн. Претседателот на смеа ми одговори: „Слободно време немам, ама понудата ја прифаќам, бидејќи си прв со такво барање. Очекувам дека успешно ќе ја реализираш, на задоволство на граѓаните“ – раскажа Етеровиќ.
Со Етеровиќ разговаравме неколку часа, особено ме интересираше дали доживеал непријатности при фотографирањето на претседателот Тито.
– Тоа беше нормално и очекувано, дваесетина години со фотоапаратот го следев другарот Тито на разни патувања во државата и странство, на приеми, прослави, на одмор, во лов… Имаше многу пријатни моменти, но имаше и непријатни. Еве една од нив што никогаш не ја заборавам. Во фоајето на Сојузниот извршен совет во Белград, спроти Денот на Републиката во 1973 година, другарот Тито разговараше со група високи функционери и успеав да направам неколку снимки. Тито ме забележа и ми рече со повишен тон: „Немојте да ме фотографирате кога сум лут“. Нозете ми се пресекоа. Кимнав со главата и се повлеков. Вечерта со „синиот воз“ заедно со претседателот Тито и со придружбата отпатував за босанското гратче Јајце. Ноќта не можев да заспијам, бев збунет, исплашен и загрижен. За инцидентот не дозна никој од протоколот. На Денот на Републиката, 30 ноември, во Јајце нѐ пречека сончев ден. Тито беше пред куќата каде што во 1943 година се одржа Второто заседание на АВНОЈ. Ме здогледа како стојам настрана, ми даде знак да пријдам: „Етеровиќ, не грижи се за она вчера. Врши си ја работата…“. Сите се насмеаја. Веројатно беа истите другари од претходниот ден. Од овој гест може да се извлече заклучок колку другарот Тито беше благороден. Сѐ додека не ми рече така, тоа беа најтешките моменти во мојот живот – рече Етеровиќ.

Во подолгиот разговор од Иво Етеровиќ дознав дека претседателот Тито имал посебна љубов кон фотографијата. Сакал доста да снима, а потоа сам ги обработувал филмовите и многу научил за лабораториската обработка на колор-фотографијата.
За Етеровиќ фотографијата беше живот и за неа живееше. Како што ми раскажа, а и самиот веќе нешто знаев за тоа, бил меѓу првите фотографи што утрото на 26 јули 1963 година пристигнаа во Скопје, да ги фотографираат последиците од скопскиот катастрофален земјотрес. Во претпладневните часови го обиколил цело Скопје, направил голем број фотографии од разурнатиот град, а попладнето филмовите биле во редакцијата „Вјесник“ во Загреб, откаде што фотографиите, преку телефото, ги добиле новинските редакции и агенции во целиот свет. За ова ангажирање и професионално исполнета задача ја добил дневната награда на „Вјесник“ во износ од тогашни 100.000 динари.