Чадиковски реизбран за претседател на најмасовните избори досега

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги ИЗбираше своите раководни тела

Младен Чадиковски повторно е избран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на редовно годишно изборно собрание. По преброените гласови, тој го доби потребното мнозинство и со убедлива разлика победи пред противкандидатите Марјан Николовски и Филијана Кока. За Чадиковски гласаа 275 члена на ЗНМ, Николовски доби 119 гласа, а Кока 53 гласа. На собранието присуствуваа 465 члена на Здружението, што е најмасовен одзив досега на новинарите и медиумските работници.
– Денеска направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму. И особено сум среќен и задоволен што сите заедно, и тие што учествуваа на ова собрание, значи конкурентите, и УО, сето она што ќе значи дел од органите на ЗНМ, во иднина ќе продолжиме да работиме на принципите на професионалност, правда, етика во новинарството, со намера да го засилиме и зголемиме потенцијалот на македонските новинари, сниматели и сите медиумски работници – изјави новоизбраниот претседател на ЗНМ.
Тој нагласи дека новинарите мора да работат за граѓаните на тој начин што, во основа, тоа ќе значи да ги почитуваат сите стандарди и принципи.
Членовите на ЗНМ ги избраа и членовите во Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на честа.
ЗНМ е здружение на професионални новинари основано на 17 февруари 1946 година во Скопје.