Фото: МИА

Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, по информацијата за закани со бомби во пет училишта во Кавадарци.

– Се замолуваат родителите, нема потреба од паника, учениците ќе бидат вратени на настава откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека тие се безбедни – соопштија од кабинетот на Јанчев.

Оттаму појаснија дека имало пријава за поставена бомба во неколку основни и средни училишта и дека се евакуирани учениците од ООУ „Тоде Хаџи Тефов” во Кавадарци и подрачно училиште во село Бегниште, „Димката Ангелов Габерот” во Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, „Страшо Пинџур” во Кавадарци и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, гимназијата „Добри Даскалов” во Кавадарци и СОУ „Ќиро Спанџов Брко”.

Покрај училиштата, во село Марена биле евакуирани и деца во градинката поради непосредната близина на подрачното училиште.

Дополнително, од СВР Велес информираа за МИА дека закана за бомба имало во уште едно средно училиште, откако претходно соопштија дека закани има во пет училишта.