Фото: Фејсбук/Артан Груби

Кога канадскиот премиер Џастин Трудо би го поканил македонскиот вицепремиер Артан Груби на неформална средба при која би играле хокеј, таа веројатно би се одржала на лизгалиште, а не во неговиот кабинет, под претпоставка дека домаќинот би го почитувал дипломатскиот протокол. Ваквата фиктивна ситуација е посочена како пример бидејќи неформалните средби станаа вообичаени на канадската политичка сцена. Практиката се должи на реалното шоу наречено „Политички состанок на слепо“, во кое канадските политички ривали поминуваа време заедно преку неформални активности што опфаќаа, час по управување со комбајн, играње хокеј на мраз, заедничко возење со автомобил, прошетка низ природа…

Налик на таквото дружење, Груби неделава на својот фејсбук-профил објави фотографии на кои министрите на ДУИ се прикажани како играат фудбал и кошарка во неговиот владин кабинет, а набргу излегоа и видеоснимки на социјалните мрежи, што наиде на остри критики и жестока реакција од јавноста. Вицепремиерот потоа се правдаше дека во канцелариското спортување не гледа ништо неморално и неетички, откако „денот бил напорен и предизвикувачки“. А додаде и оти нема странски амбасадор што дошол во неговата канцеларија, а да не шутирал фудбал.

Фото: Фејсбук/Артан Груби

Неформалните средби претставуваат вообичаена практика во дипломатијата, но протоколарните стандарди налагаат тие да не се одржуваат во работните простории, како што истакнува Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол, коментирајќи го за „Нова Македонија“ настанот што се случи во Министерството за политички систем и односи со заедниците.

– Дипломатијата, иако по дефиниција значи односи меѓу државите и спроведување на надворешната политика по официјални канали, не смее да се пренебрегне важноста и на неформалните контакти и дружења со дипломатите. Историјата на дипломатијата изобилува со такви примери, кога дружењето со дипломатите било и надвор од кабинетите – заеднички спортски настани, лов, игранки, ручеци, пикник и слично, а дури во некои кризни ситуации, токму таквите дружења доведувале до решение – објаснува Маљковиќ-Атанасовска.

Лукреција Маљковиќ-Атанасовска/Фото: Приватна архива

Таа посочува дека и самата организирала настани од ваков вид, но со најава дека е средбата е од неформална природа и со задржување на протоколарните стандарди.

– И самата сум организирала многу вакви настани, со најава дека настанот е од неформална природа, но, сепак, со задржување на сите протоколарни стандарди и во никој случај во работни простории. Тоа обично се прави надвор од кабинетите и службените простории, така што ми е многу тешко да замислам ситуација во која терате амбасадор кој дошол на службен состанок во службен костум да шутира голчиња. Треба многу да се внимава бидејќи она што сте сакале да го претставите како „опуштена атмосфера“ ќе се претвори во непријатна ситуација за гостинот, која нема да може да ја избегне, а и службената канцеларија, дефинитивно, не е место каде што треба да се практикуваат вакви активности – нагласува Маљковиќ-Атанасовска.

Шоуто „Политички состанок на слепо“ од 2017 година има цел да ги решава несогласувањата помеѓу канадските политичари со спротиставени гледишта. Телевизиската програма е инспирирана од колумна во британскиот весник „Гардијан“ објавена во пресрет на општите избори во Велика Британија во 2015 година, за потребите на која политичари од спротиставени партии, одеа на кафе, на т.н. состаноци на слепо. Транскриптите од средбите беа објавувани во колумната.

Канадски политичари заедно пијат чај во реалното шоу „Политички состанок на слепо“/Фото: Принтскрин

Згора, организаторите на канадското шоу ја унапредија британската идеја, спарувајќи политичари со големи несогласувања, со што им даваат задача да организираат неформални состаноци за да ги доближат ставовите. Меѓу темите на разговор во шоуто се најдоа даноците, декриминализација на дрогата, затворските реформи, како и законите за оружје. А интересно е што ниеден канадски политичар не го откажал учеството по дознавањето на идентитетот на другиот учесник. Но, може да се забележи дека средбите беа надвор од кабинетите и службените простории. М.Ж.