„Двојно мнозинство“ – заштита на онеправданото малцинство или одбрана на привилегиите на олигархиската клика

Значи, „двојното мнозинство“ може да значи и заштита на привилегираното малцинство, особено кога е уставно врамено и законски предложено, како што е тоа случај во Македонија. Така што време е да се отвори нова дискусија околу овој принцип во Македонија. Имавме надгласување на мнозинското население во Македонија за прашања што длабоко задираат во македонскиот идентитет, прво за време на усвојувањето на Преспанскиот договор, а потоа со усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, кај нас познат и како француски предлог. Се согласувам дека не треба да има надгласување на Албанците по прашања што се однесуваат на колективните права

Што е суштината на принципот на „двојно мнозинство“ во Македонија? Уставните измени од 2001 година дадоа уставна потврда и законски го врамија принципот на „двојно мнозинство“. Претходно, во периодот од почетокот на демократизацијата во 1990 година, па до воениот конфликт од 2001 година овој принцип беше своевидно обичајно право, изградено низ праксата на меѓуетничко усогласување во првото македонско демократско собрание. Идејата зад овој принцип, во етнички, културно или политички сложени општества, може да биде двојна. Доколку малцинството е предмет на дискриминаторски практики, доколку малцинството се судира со надгласување и мајоризација, доколку постојано се игнорираат барањата за практична реализација на рамноправноста, тогаш „двојното мнозинство“ има цел да ги заштити и да ги унапреди правата на граѓаните од малцинската заедница, да овозможи нивна интеграција во политиката, економијата и во општеството, како и пристап до државните услуги. Во случајот на Албанците од Македонија, заштитата на колективните права, било во првичната премолчена форма или потоа во законската форма, имаше јасна причина. Во националистичкиот налет, кон крајот на постоењето на поранешна Југославија, духот на политиката на Слободан Милошевиќ се прелеа и во Македонија. За жал, без никаква посериозна дебата, на јуриш и во еден запален национален набој, последното социјалистичко собрание на Социјалистичка Република Македонија одлучи да ги избрише албанската и турската народност, како што тогаш се нарекуваа малцинствата (денеска „делови од народ“ од клучниот член каде што се дефинира самата природа на македонската држава, како и од преамбулата). Од 1974 година, па сè до 1989 година, цел четврт век Македонија беше „национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, во која се остварија историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и државна самостојност, на народностите за рамноправност“. Односно, македонската државност извираше и од Албанците и од Турците, како самоникнати граѓани на Македонија, рамноправни на Македонците. Барањата на Албанците и на Турците беа, всушност, да се реализира ова начело за рамноправност во пракса. За несреќа, уставниот национализам во тогашна Југославија се занимаваше со бришење народи, народности, јазици и цели грижливо смислувани уставни дефиниции што овозможуваа заштита на принципот на рамноправност, па и ние во Македонија си создадовме непотребен проблем буквално во предвечерието на нашата демократизација и независност.

Одговорот на Албанците од Македонија, логично, беше да се излезе со барање за подигнување на нивниот статус до ниво на уставен народ, еднаков со македонскиот народ, како и за врамување на албанскиот јазик како еден од трите службени јазици на Македонија и еден од двата работни јазици во државната администрација. Покрај тоа, барањата беа и за отелотворување на принципот на рамноправност во форма на целосен опфат на сите ученици Албанци во Македонија со паралелки на мајчиниот јазик, како во основните така и во средните училишта, потоа рамноправност при вработувањето во локалната и во државната администрација, а на крајот и поставување Албанци на раководни позиции во администрацијата. Бојкотот на пратениците Албанци при гласањето на првиот македонски демократски устав од 1991 година остави злокобен белег за натамошната македонска демократска историја.
Токму тука лежи најголемиот грев на претседателствувањето на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Легитимните барања на челниците на тогашната Партија за демократски просперитет се реализираа со брзина на полжав или воопшто не се реализираа. Имајќи предвид дека тие бараа решавање на албанските прашања низ системот, ова игнорирање на нивните стремежи ги влошуваше меѓуетничките односи.
Оттаму, во тие моменти принципот на „двојно мнозинство“ беше оправдан.
Но постои и друга форма на овој принцип што најјасно се гледа во американската политичка и уставна теорија, преку дејствувањето на некогашниот американски потпретседател Џон Калдвел Калхун, популарно Џеј Си Калхун. Тој дури и слободно може да се нарече политички и интелектуален татко на политиката на белата владејачка класа на американскиот Југ пред американската граѓанска војна. Идеите на Калхун се постхумно собрани во неговиот политички памфлет „Расудување за Владата“. Таму тој се залага за „истовремено мнозинство“ на различните слоеви во едно општество, со цел да се избегне можноста за „отцепување“ на надгласаниот слој. Навидум никој не би имал ништо против вакво размислување, особено кога е изложено на убедлив начин, преку прекрасна политичка проза на дипломец на „Јејл“ и веројатно најголемиот политички и интелектуален талент во Јужна Каролина и во САД во првата половина на 19 век. Меѓутоа, неговото „истовремено мнозинство“ не штити едно дискриминирано малцинство, не ги зголемува шансите за успех на онеправданите, не промовира нови слоеви во политиката, економијата и општеството. Сосема обратно, неговото „истовремено мнозинство“ ги штити имотот, привилегиите и статусот на олигархиската клика. Правото на вето на американскиот Југ, правото за поништување на сојузните прописи и другите мерки значеле продолжување на ропството за Афроамериканците и убивање на комерцијалниот и индустрискиот дух на белите Американци од Југот што не биле сопственици на големи земјишни поседи.
Значи, „двојното мнозинство“ може да значи и заштита на привилегираното малцинство, особено кога е уставно врамено и законски предложено, како што е тоа случај во Македонија.

Така што време е да се отвори нова дискусија околу овој принцип во Македонија. Имавме надгласување на мнозинското население во Македонија за прашања што длабоко задираат во македонскиот идентитет, прво за време на усвојувањето на Преспанскиот договор, а потоа со усвојувањето на предлогот Ковачевски – Петков, кај нас познат и како француски предлог. Се согласувам дека не треба да има надгласување на Албанците по прашања што се однесуваат на колективните права. Епизодата со бришењето на „албанската народност“ од Уставот во 1989 година е срамна точка на современата македонска историја, но ништо помалку болна и лоша епизода се и гласањата од 2018 и од 2022 година. Секој нормален македонски уставен суд, повикувајќи се на духот на македонскиот устав, би морал да ги поништи овие гласања и да го повика Собранието повторно да се изјасни и по двете точки. Нема ништо поздраво за сегашна Македонија од повторно отворање на прашањата за националните права на Македонците, кои се брутално прегазени. Заедничка куќа се гради со заемна почит и со еднакви правила за сите.
Надгласувањето води кон меѓуетничка нетрпеливост затоа што во самата своја суштина газењето на колективните права на една етничка заедница е огромна неправда. Така што, пред да продолжи дебатата за уставните измени околу вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав, ајде прво да се запрашаме како заврши епизодата со надгласувањето на Албанците и нивниот бојкот при усвојувањето на првиот македонски демократски устав? Но ајде конечно да дискутираме и за „двојното мнозинство“…

Ивица Боцевски

(Во следната колумна следува дискусија на темата „Правична и соодветна застапеност“)