Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судскиот совет на вчерашната 504-та седница ја избра судијката Лидија Георгиевска за претседател на Вишиот управен суд. За претседател на Основен суд – Велес советот ја избра судијката Валентина Георгиевска, додека за претседател на Основен суд – Струга е избран судијата Вулнет Винца. Претседателката на Комисијата за избор на претседател на Виш управен суд, Антоанета Димовска, рече дека имало две кандидатури, кои биле целосни и навремени.
– Судиите од Вишиот управен суд не се оценуваат и предлог-листата е сочинета по азбучен ред. Прва е Лидија Георгиевска, потоа Виолета Илиевска. Ги имате сите материјали и пријавите. Бидејќи се работи за избор на претседател имате предлог-програма со акциски план – појасни Димовска.
Судскиот совет со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците едногласно донесе одлука за претседател на Виш управен суд да биде избрана Лидија Георгиевска. Претседателката на Комисијата за избор на претседател на ОС – Велес, Весна Дамева, рече дека на огласот имало пријавено тројца судии – Валентина Георгиевска, Валентина Петровска и Билјана Јанчева, сите судии од ОС – Велес. Во текот на постапката, судијката Јанчева се повлекла, по што е изработена предлог-листа.
– Прва е Валентина Георгиевска од ОС – Велес со 15 години и шест месеци судиски стаж со 200 бода. Втора е Валентина Петровска со 27 години и четири месеци стаж со 187 бода – изјави Дамева.
Судскиот совет со 13 гласа „за“ едногласно ја избра Валентина Георгиевска за претседател на ОС – Велес.
Претседателот на Комисијата за избор на претседател на ОС – Струга, Миљазим Мустафа, рече дека имало само еден кандидат – судијата Вулнет Винца, сегашен в.д. претседател на судот.
Судскиот совет со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците едногласно донесе одлука за претседател на ОС – Струга да биде избран Вулнет Винца, од ОС – Охрид.
Членовите на советот, во согласност со препораките за транспарентност од Оценската мисија, по гласањето го објаснија својот избор. Н.М.