Фото: принтскрин

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го означи како малверазација споменувањето на Владата во контекст на тврдењата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој тврди дека имало тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери и уште едно лице во врска со измените на Кривичниот законик.

-Прво, јас гледав во текот на вчерашниот ден преписки и јавна дебата помеѓу членови на ВМРО-ДПМНЕ, бивши високи функционери, сегашни високи функционери. Споменувањето на Владата во таков контекст е класична малверзација, манипулација и шпекулација и јас шпекулации и манипулации не коментирам – изјави премиерот.

Ова претходно го демантираше и спикерот на Собранието, Талат Џафери, кој како невистини ги означи ваквите тврдења и рече дека се наменети за дневно политички цели.

-На тоа прашање веќе одговорив за време на викендов. Нема никаква вистина во тоа дека претседател на Собранието од екс премиерот примил каков било допис и или каков било материјал. Тое е невистина која што само служи за дневно-политички цели – рече Џафери, одговарајќи на новинарско прашање, по денешната средба со претставниците на медиумите.

Тој истакна дека Собранието добива материјали од овластени предлагачи, во форма која е пропишана со Деловникот.

-Не би сакал да користам несоодветни зборови, кои што ги заслужува таквата инсинуација, но оставам на совеста на тие што шпекулираа со јавноста – рече Џафери.

Николовски вчера во интервју  за „360 степени“ на ТВ МРТ 1 сподели материјали за кои тврдеше дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, и лидерот на ДУИ Ахмети, претседателот на Собранието Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски покажа УСБ, за кое тврдеше дека е она што деновиве го спомнувал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а сподели и три испечатени страници А4-формат за кои рече дека се содржината од УСБ-то.

Според Николоски, тоа се докази дека веќе подолго време поранешниот претседател на партијата Груевски е дел од сценарио за ослабување на ВМРО-ДПМНЕ.