Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во македонското собрание вчера започна расправата за реконструкција на Владата по предлог на премиерот Димитар Ковачевски. Претпладнево, Собранието веќе ги констатира оставките на министерот за правда Никола Тупанчевски и на министерот за животна средина Насер Нуредини, како и на заменик-министрите за здравство Владимир Рендевски и за правда Агим Нухиу. Тие не ги образложија оставките пред пратениците.
Во реконструираниот состав, партијата на Таравари го добива Министерството за правда. Таму е предложен актуелниот член на ДИК, Кренар Лога, во здравство неврологот Фатмир Меџити, а за ресорот информатичко општество и администрација е предложен Азир Алиу. СДСМ го презема Министерството за екологија од ДУИ, за да остане со истиот број министри во Владата, а таму ќе седне досегашната државна секретарка во министерството Каја Шукова.
Ќе има и нови пет заменик-министри. Во правда Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, а досегашниот Агим Нухиу од ДУИ се сели во Министерството за образование. СДСМ го задржува заменик-министерското место во здравство, но наместо Владимир Рендевски, функцијата ќе ја извршува Маја Манолева. Тирон Јајага од Алијанса е предложен на местото на Башким Хасани од ДУИ во Министерството за одбрана и Вјолца Бериша на местото на Абдулшуќур Абедини од Алтернатива во Министерството за земјоделство.