Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест што носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани. Нашата држава може и мора да застане на патот на сè позачестените појави на регистрирање вакви здруженија, кои со своите провокации и навреди шират говор на омраза и остануваат неказнети под превезот на слобода на говорот или добрососедство

ПОРАКА ОД ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА И ФОНДОТ НА ХОЛОКАУСТОТ НА ЕВРЕИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од регистрaцијата на здружението „Цар Борис III“ – Охрид и од леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот и се шири говор на омраза.
Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест што носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… Или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величање на фашизмот и на нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи?!
Името цар Борис III е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна. Да потсетиме, цар Борис III и владата на царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и во Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблинка, во окупирана Полска. Цар Борис III на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на таканареченото „Конечно решение на еврејското прашање“.
Ова е еклатантен пример на негирање и извитоперување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите.

На 18.4.2022 година, во нашата реакција за отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола повикавме: „Да се поведе постапка за правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија и сл. да носат имиња на потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите“.
Што треба да очекуваме да се случи следно? Регистрација на здруженија што го носат името на Александар Белев, комесар за еврејски прашања, Петар Габровски, министер за внатрешни работи и јавно здравје, Богдан Филов, премиер на царска Бугарија, или можеби на Адолф Хитлер?
Несфатлива е рамнодушноста на надлежните органи во ситуации кога одредени поединци на најгруб начин ја искривуваат историјата и газат по достоинството на Евреите и на сите граѓани на Северна Македонија.
Кои се тие лојални граѓани на Северна Македонија што сеат омраза и глорифицираат антисемити, фашисти и нацисти, основајќи вакви и слични „културни здруженија“?
Почитувани претставници на Владата, до каде е спроведувањето на двете заложби на државата преземени во Малме на меѓународниот форум за сеќавање на холокаустот и борбата против антисемитизмот „Remember – React“, 12-14.10.2021 год., а поврзани со заклучоците на Владата на Р Северна Македонија од 14 септември 2021 година: 1. Проширување на наставната програма за борба против антисемитизмот и негирање на холокаустот за учениците од 8. и 9. одделение; 2. Задолжителна посета на Меморијалниот центар на холокаустот за учениците од основното и од средното образование?

Тоа е вистинскиот пат и начин како да се сузбие говорот на омраза и да се оневозможи искривување на историјата.
Нашата држава може и мора да застане на патот на сè позачестените појави на регистрирање вакви здруженија, кои со своите провокации и навреди шират говор на омраза и остануваат неказнети под превезот на слобода на говорот или добрососедство. Тоа е класичен пример за искривување на историските факти и величање на фашизмот и на нацизмот, чин што не е во духот на мултикултурализмот во нашата држава и не е во духот на добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Со почит, Еврејска заедница во Р Македонија Претседател Пепо Леви

Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија Претседател на УО Иван Николиќ