Фото: Принтскрин

Демократската унија за интеграција (ДУИ) со партнерите од коалицијата „Европски фронт“ на првиот ден од кампањата за парламентарните избори организираше настан на кој симулираше конститутивна седница на Собранието на која се гласаат уставни измени.

На почетокот на симулираната седница тие „го избраа“ коалицискиот партнер Зијадин Села за претседател на Собранието. Потоа, симулираа дека едногласно со 120 гласа се носат и уставни измени.

Симулацијата се однесуваше на усвојување амандмани на Уставот со кои во него се вметнуваат бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ. Другиот дел од уставните измени што „Европскиот фронт“ ги симулираше беа за избор на претседател на државата во Собранието при што го „инаугурираа“ Бујар Османи за шеф на државата.

Во изјава за медиумите, Артан Груби од ДУИ, рече дека симулациска седница ја претставува идејата на тоа на што ќе инсистира оваа коалиција во Собранието и во Владата.

На настанот говори одржаа претседателите на партиите од коалицијата: Мунир Колашинац од Бошњачкиот демократски сојуз, Фатима Османовска од Унијата на Ромите, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд од Народно движење, Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците, Зиајдин Села од Алијансата за Албанците и Али Ахмети од ДУИ.

Нивните главни пораки беа во насока на поддршка на уставните измени.
Кампањата за парламентарните избори, која започна денеска (18 април), ќе трае до 6 мај, а гласањето ќе биде на 8 мај.

Во трка за освојување пратенички мандати покрај „Европскиот фронт“ на ДУИ, се и кандидати од уште 16 други коалиции и партии.

Паралелно, во тек е и претседателската кампања која влегува во својот финиш. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април. Во трка се седум кандидати за шеф на државата, а двајцата кои ќе освојат најмногу гласови ќе се пласираат во вториот круг за кого гласањето ќе биде истиот ден со парламентарните избори – 8 мај.