КОЈ ЗБОРУВА ВО ИМЕТО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА? (1)

Вистинската битка во ЕУ се води за тоа кој ќе ја има контролата врз надворешната политика на Унијата. Многу суштински несогласувања до скоро се криеја под тепих, но од неодамна конфликтите излегоа на виделина, а прашањата поврзани Израел, како еден дел од несогласувањата, се само повод. Во две продолженија, денеска и утре, ќе можете да прочитате сублимат од разговори со повеќе наши соговорници, дипломати, универзитетски професори и политички аналитичари во врска со сериозните институционални судири внатре во ЕУ и борбата за тоа кој во надворешната и безбедносна политика е тој што треба/сака да го има последниот збор.

  • Ретко кога институционалните судири во ЕУ стануваат видливи за пошироката јавност. Најчесто тие остануваат зад затворени врати, во дипломатски  белешки, правни мислења и бескрајни состаноци на европските тела. Но  расправата околу можната забрана на трговијата со производи од израелските населби на окупираните палестински територии ја отвори токму таа долго прикривана дилема. Имено, кој навистина ја води надворешната политика на Европската Унија?

Додека министрите за надворешни работи на земјите членки расправаа дали Унијата треба да воведе ограничувања или целосна забрана за трговијата со населбите што, според меѓународното право, се нелегални, во Брисел избувна уште еден конфликт. Не помеѓу Израел и Европа, туку внатре во самата Европска Унија.
Од едната страна се најде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а од другата високата претставничка за надворешна политика и безбедност Каја Калас, поддржана од Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС). Формално, спорот беше околу правното мислење за можните санкции против израелските населби. Суштински, станува збор за прашањето кој има право да ја дефинира и да ја претставува европската надворешна политика.

Израел како катализатор

Франција, Шпанија, Белгија, Ирска, Холандија и Шведска побараа Европската Унија да воведе забрана за трговија со производите што доаѓаат од израелските населби на окупираниот Западен Брег. Аргументот им беше едноставен, односно во една реченица би се формулирал на овој начин:
Имено, доколку ЕУ официјално ги смета населбите за нелегални според меѓународното право, тогаш економската соработка со нив ја доведува во прашање доследноста на сопствената политика.
Високата претставничка Каја Калас побара Европската комисија (ЕК) да подготви правна анализа што би покажала кои се можните инструменти за ограничување на трговијата. Но документот што конечно пристигна до земјите членки не содржеше препорака. Наместо тоа, понуди неколку сценарија, како на пример построги дозволи за увоз, високи царини или целосна забрана, без Европската комисија (ЕК) да заземе политички став. Тоа беше доволно за дипломатите да оценат дека Европската комисија намерно го одолжува процесот. Еден висок дипломат од земја што ја поддржува забраната јавно признал дека соработката со Европската комисија „не била особено плодна“. Но многумина дипломати истакнуваат дека „зад оваа дипломатска формулација стои многу подлабок проблем“.

Каде завршува Европската комисија (ЕК), а каде почнува европската дипломатија?

Лисабонскиот договор се обиде да создаде единствен европски глас во светот. Затоа беше создадена функцијата висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика. Истовремено беше формирана Европската служба за надворешно дејствување – практично дипломатска служба на Унијата, со повеќе од 140 делегации низ светот. Која беше идејата?
Имено, според експертите за ЕУ, Европската комисија (ЕК) треба да ја води економската и регулаторната политика. Потоа, Европскиот совет (ЕС) да ги претставува владите. Натаму, „високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика“ да ја координира и претставува заедничката надворешна политика. Сето ова на хартија и како теоретски модел изгледаше многу јасно. Но во пракса никогаш не функционираше целосно.
Причината е што претседателот на Европската комисија (ЕК) располага со многу поголем политички авторитет, финансиски инструменти и административен апарат отколку високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика. Со текот на времето, особено за време на мандатот на Урсула фон дер Лајен, Европската комисија постепено почна да навлегува во просторот што формално му припаѓа на европскиот дипломатски сервис.

Од „геополитичка Европска комисија“ до паралелна дипломатија

Кога Урсула фон дер Лајен ја презеде функцијата во 2019 година, таа најави дека ќе создаде „геополитичка Европска комисија“. Во тоа време изјавата беше сфатена како амбиција Европа да стане повлијателен глобален актер. Но во институциите многумина ја разбраа поинаку. Практично, Европската комисија почна сама да ги презема иницијативите што претходно беа резервирани за европската дипломатија.
Пандемијата, енергетската криза, судирот на Русија со Украина, санкциите кон Москва, политиката кон Кина, односите со САД и сега конфликтот на Блискиот Исток постепено ја претворија Европската комисија во институција што најчесто ја претставува Европа на меѓународната сцена. Високиот претставник честопати остануваше во втор план. И според сите соговорници, ова не беше само прашање на личен политички стил, туку тоа беше постепено префрлање на тежиштето на европската надворешна политика.

Жозеп Борел беше првиот сигнал

Пред Каја Калас, истите проблеми ги чувствуваше и нејзиниот претходник Жозеп Борел. Во дипломатските кругови одамна се зборуваше дека односите меѓу него и кабинетот на Урсула фон дер Лајен не се идеални. Особено по почетокот на војната помеѓу Русија и Украина.
Додека Борел настојуваше Европската служба за надворешно дејствување да биде главниот дипломатски координатор, претседателката на комисијата директно ги водеше разговорите со Вашингтон, Киев и со лидерите на Г7. Не случајно европските аналитичари тогаш почнаа да зборуваат за постоење на „две европски дипломатии“ – една формална и една политички многу помоќна. Денес, актуелниот случај со Израел е „капката што ја прели чашата“ и го направи овој внатрешен судир во ЕУ видлив и за јавноста.

Продолжува утре:

Како Лисабонскиот договор ја создаде „двојната власт“ во ЕУ? Зошто сè почесто земјите членки ја заобиколуваат Европската служба за надворешно дејствување? Кои беа претходните конфликти по истата основа во ЕУ (…Авганистан, Украина, Кина, Газа…)? Како правниот спор околу квалификуваното мнозинство стана политичко оружје и дали Европската Унија ризикува да остане без својот внатрешно искоординиран унисон глас во светот за одредени глобални прашања?…