Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ОТКАКО ШПАНИЈА СЕ ПЛАСИРА ВО ФИНАЛЕТО НА СП 2026

  • Само девет фудбалери настапиле за победничкиот тим во финалето на ЛШ и на СП во иста сезона, пишува УЕФА. Руиз годинава со францускиот Пари сен Жермен стана европски првак, па сега има шанса за ретка двојна круна, ако со Шпанија стане и светски шампион

Шпанскиот репрезентативец Фабијан Руиз е единствениот фудбалер што на годинашното Светско првенство (СП) може да се запише на една трофејна листа со освоена двојна круна во иста година. Шпанија е во финалето на СП 2026 по победата во полуфиналето со Франција со 2-0 и во мечот за титулата в недела ќе игра со победникот на синоќешниот дуел меѓу Англија и Аргентина.
Само девет фудбалери настапиле за победничкиот тим во финалињата на Лигата на шампионите (ЛШ) и на светските првенство во иста сезона, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Руиз годинава со францускиот Пари сен Жермен стана европски клупски првак, па сега има шанса за ретка двојна круна, ако со Шпанија ја освои и светската титула.
За да се најдат на ваква листа играчите мора да настапиле во двете победнички финалиња, пишува УЕФА.
Елитен клуб од девет фудбалери ја освои оваа двојна круна во иста сезона. Шестмина од нив го направиле тоа заедно. Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Франц Бекенбауер, Герд Милер и Ули Хенес го предводеа Баерн во освојувањето на првата европска титула, во мај 1974 година, пред да бидат основата на репрезентацијата на Западна Германија што ја победи Холандија во решавачкиот натпревар на Светското првенство, во Минхен, седум недели подоцна. Тие се вратија од негатива во двете финалиња, пишува Европската фудбалска унија.
Другите тројца играчи го постигнаа овој подвиг откако ја освоија Лигата на шампионите со шпанскиот Реал Мадрид, и тоа Французинот Кристијан Карембе во 1998 година, Бразилецот Роберто Карлос во 2002 година и Французинот Рафаел Варан во 2018 година. Руиз настапи на сите седум досегашни натпревари на репрезентацијата на Шпанија на СП 2026.

Десет играчи, пак, беа европски прваци со клуб и со репрезентација во иста сезона, пишува УЕФА. Луис Суарез беше првиот во 1964 година, помагајќи му на Интер да ја освои својата прва континентална круна пред да ја инспирира шпанската репрезентација до првата голема титула. Ханс ван Бреукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле и Џералд Ваненбург беа следните што го постигнаа овој подвиг. Квартетот одигра клучни улоги во победата на ПСВ Ајндховен во финалето на тогашниот Куп на шампионите во 1988 година во Штутгарт, а точно еден месец подоцна, одново во Западна Германија, ја додаде првата голема титула на Холандија, пишува УЕФА. Фернандо Торес и Хуан Мата го комплетираа незаборавното лето во 2012 година кога титулата во ЛШ со Челси ја дополнија со голови во финалето на Европското првенство таа година. Кристијано Роналдо и Пепе одиграа клучни улоги за Реал Мадрид и за Португалија четири години подоцна. Жоржињо е единствениот што освоил ваква двојна круна во непарна година, откако Европското првенство од 2020 година беше одложено за 12 месеци поради пандемијата на ковид-19. Листата е комплетирана од двојката на Реал Мадрид, Дани Карвахал и Начо, кои по победата во финалето на ЛШ во 2024 година, тоа лето освоија трофеј со Шпанија, пишува УЕФА. Н.М.


ТИТУЛИ ВО ЛШ И НА СП ВО ИСТА ГОДИНА

1974 г. Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек,
Франц Бекенбауер, Герд Милер, Ули Хенес
(со Баерн и со Западна Германија)
1998 г. Кристијан Карембе (со Реал Мадрид и со Франција)
2002 г. Роберто Карлос (со Реал Мадрид и со Бразил)
2018 г. Рафаел Варан (со Реал Мадрид и со Франција)
Извор: УЕФА