Фото: Игор Бансколиев

Со протоколот што е потпишан минатиот месец, владите на Северна Македонија и Бугарија имаат обврска во рок од две години откако ќе бидат постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат, и тоа обострано врз принципот на реципроцитет, изјави денеска на прес-конференција вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во врска со препораките на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, усогласени од македонска и од бугарска страна.

– Со протоколот што е потпишан минатиот месец, Владите имаат обврска во рок од две години откако се постигнати некакви резултати и објавени, да ги спроведат. Секако тоа оди во фази и низ филтрите на институциите. Она што е задача на комисијата е да утврди точки и наратив текстови за заедничко чествување и за евентуална корекција во учебниците. Притоа да не заборавиме, тој текст којшто е договорен и Бугарија и Северна Македонија подеднакво имаат обврска да го имплементираат во својот систем и тоа функционира на принцип на реципроцитет, односно важечка е само доколку заедно ги имплементираме во двата системи – рече Маричиќ во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на содржината на договореното, рече дека тоа останува на историчарите, но напона дека е вредно да се спомене дека во комисијата членуваат седум врвни историчари, коишто ние како држава сме ги поставиле, вклучувајќи ги и оние коишто, вели, во меѓувреме заминаа од таа историска комисија, а кои се согласиле околу текстот за цар Самоил.

– Ние целосно ја поддржуваме работата на комисијата, и се што можеме како институција ќе помогнеме. Секако ќе бидеме внимателни да го заштитиме нашиот интерес, бидејќи им веруваме на луѓето коишто работат таму, а сите чекори во врска со имплементација на договореното ќе бидат координирани со нашите филтри на институциите и со комисиите за учебници, со сите оние други инстанци во Министерството за образование и наука и Владата и нема да направиме ниту еден чекор еднострано, значи се она што ние ќе го направиме би очекувале да го направи и Софија, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.


Рано е да се зборува за седницата за уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ треба еднаш да даде поддршка за нашите стратешки цели

Процедурата за уставни измени во Собрание ќе почне во некоја понатамошна фаза. Сега е рано да се зборува за тоа, бидејќи скринингот ни дава доволно време да ги изведеме уставните измени, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, одговарајќи на прашање на прес-конференција во Владата во однос на повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се закаже седница во Собранието за уставните измени.

– Сите опции се на располагање. Ние како Влада ќе понудиме платформа за поддршка на европските интеграции и сигурен сум дека ќе има можност таа платформа да ја подржат широк консензус на пратеници во Собранието – рече Маричиќ во однос на можните опции за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата.

Според него, тоа нема да биде едноставно, токму заради, како што рече, „овој притисок и премногу пропаганда и лажни вести поврзани со договорот со Бугарија“.

– ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба еднаш да дадат поддршка на нашите стратешки цели. Го пропуштија тоа за НАТО, што е жално за сите нас, но не би требало да го пропуштат за ЕУ. Се надевам дека ќе смогнат сили или како партија или како политички структури да дадат поддршка за овој процес, ние се уште немаме временска рамка, скринингот ни остава доволно простор да делуваме. Ќе работиме на ова интензивно – потенцира вицепремиерот Маричиќ.