Отчет на градоначалникот на Прилеп

И покрај политичката, енергетската и економската криза, Општина Прилеп значително се промени во сите сфери на општественото живеење. Прилеп не е повеќе град на сивилото и безнадежноста. Заедно со советниците и претседателот на Советот Дејан Проданоски, се вложивме и реализиравме низа проекти од витално значење за градот и
населените места. Ова меѓу другото, денеска на прес-конференција, го изјави Борче
Јовчески, градоначалникот на Прилеп, давајќи отчет за едногодишното работење.

– Од општинскиот буџет асфалтиравме, реконструиравме и саниравме голем дел од локалните улици, создадовме услови за почиста животна средина (исчистивме околу
6.000 метри кубни отпад од дивите депонии во општината), обновивме парковски површини во градот и населените места и дел од детските игралишта, извршивме рехабилитација на сите градски фонтани и ги вративме во функција, извршивме реконструкција на дел од водоводната мрежа и атмосферската канализација низ градот и успеавме да го завршиме виталниот проект за водоснабдување на градот – „Реконструкција на главниот довод од Пашоски ливади“. Завршуваме и со комплетна реконструкција на пешачката улица „Борка Талески“ којашто е составен дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ со површина од 3.500 метри квадратни, во која што имаме вклучително и реконструкција на подземната инфраструктура, проект во вредност од околу 25.000.000 денари. Во тек е набавка и поставување на полуподземни контејнери, со цел модернизација и подобрување на процесот на селекција на отпад. Во образованието издвоивме над 30.000.000 денари за подобрување на условите за работа во училиштата. Дадовме сериозна поддршка на низа културни манифестации, фестивали и спортски настани, како и за развој на
алтернативниот туризам и вративме во живот многу манифестации што не се одржувале
во изминатиот период. Во завршна фаза е изградбата на детската градинка за која
исплативме 37.000.000 денари. За првпат финансиска помош од општината во висина од 6.000 денари добијаа семејства за секое новородено дете, а ќе се исплатат и субвенции за 400 семејства за купени велосипеди. Со добро менаџирање исплативме околу 120.000.000 денари од вкупно 300.000.000 денари наследени обврски и го трасиравме патот за отворање на повеќе можности со цел исполнување на дадените ветувања – рече градоначалникот Јовчески, при отчетот за едногодишното работење.

При тоа тој, во присуство на директорите на ЈКП и на училиштата, посочи дека во
2023 уште на самиот почеток ќе има нови проекти – асфалтирање и рехабилитација на
околу 50 улици, (со вкупна површина од 68.000 метри квадратни), изградба на една катна гаража во централното градско подрачје, нов кружен тек во центарот, комплетна реконструкција на влезот на градот во правец Крушево – Прилеп, реконструкција на спортски игралишта во градот и населените места… Ка.М.