Дванаесет медитерански региони побараа нова политичка рамка на соработка и здружување

Каталонската влада деновиве повика 12 медитерански региони на состанокот во Барселона, кои, пак, заеднички ги повикаа земјите од Европската Унија да воспостават стратегија на ЕУ за Медитеранот, политичка рамка во која региони од 22 земји што излегуваат на Средоземно Море ќе соработуваат во областа на заштитата на животната средина, климатските промени, миграцијата, туризмот и сообраќајот.
– Климатските промени се главниот заеднички предизвик со кој се соочуваме, па затоа е загрозена непосредната иднина на нашите територии – изјави Пере Арагонес, претседател на владата на автономната покраина Каталонија.
Тој потсети дека Медитеранот е еден од регионите во светот што се најмногу погодени од глобалното затоплување. Притоа тој додаде дека многу области присутни на состанокот претрпеле последици од климатските промени, како што е сушата со која се соочува Каталонија.

На состанокот присуствуваа Калабрија и Емилија-Ромања (Италија), Тирана и Скадар (Албанија), Тангер-Тетуан-Алхучемас (Мароко), западниот регион на Грција и Крит (Грција) и Корзика, Аквитанија, Бретања и Прованса-Алпи- Азурниот Брег (Франција).
Европскиот комитет на регионите, институција што ги застапува интересите на регионите во Брисел, пред една година побара формирање стратегија на ЕУ за Медитеранот. Известувач на таа институција, во која седат регионални функционери, беше префектот на Дубровник-Неретва, Никола Доброславиќ.
– Округот, како и самиот префект, го поддржува усвојувањето на макрорегионалната стратегија за Медитеранот – изјави портпаролката на дубровничко-неретванската жупанија.
Во моментов ЕУ има четири такви политички рамки во кои земјите или нивните региони лоцирани во ист географски простор ги дефинираат заедничките проблеми. Стратегијата за регионот на Балтичко Море, која ги обединува земјите лоцирани покрај тоа море на северот на Европа, беше воспоставена во 2009 година, проследена со стратегии за регионот на реката Дунав (2010), Јадранско и Јонско Море (2014) и алпската планинска област (2015).
Новата макрорегионална стратегија може да се усвои само кога ќе се согласат сите 27 земји членки, а Шпанија, која претседава со ЕУ уште еден месец, сè уште не ја објави иницијативата.

Поддржувачите на идејата, вклучувајќи го и Доброславиќ, се надеваат дека стратегијата на ЕУ за Медитеранот би можела да биде усвоена за време на шестмесечното претседавање на Шпанија со ЕУ. Шпанското министерство за надворешни работи не соопшти дали ја поддржува иницијативата. Медитеранската земја Шпанија не учествува во ниту една од постојните четири стратегии, а Франција само во алпската.
Новото барање на регионите за воспоставување стратегија на ЕУ за Медитеранот доаѓа во време на преговори меѓу шпанската левичарска влада и каталонската влада за поголема меѓународна улога на Каталонија.

Европската комисија, која треба да напише макрорегионална стратегија во договор со државите, не е склона да воспостави толку голема и разновидна политичка рамка, иако стратегијата беше поддржана од Европскиот парламент.
Постојните четири стратегии не успеаја да ги натераат земјите членки да издвојат доволно пари од нивните национални програми за меѓународни макрорегионални проекти, според мислењето на Европската комисија. Стратегиите немаат посебен фонд, но државите мора да дадат дел од парите што вообичаено ги повлекуваат од фондовите на ЕУ и да ги вградат во заеднички проекти наместо да ги користат само за национални проекти.

Подготвил: Митко Јовановски