Германската АфД бара нов европски договор

  • Вистинската вест не е само дека АфД сака да ја менува ЕУ туку и дека повторно го отвора прашањето за нејзиниот опстанок. Сѐ повеќе
    се чини дека Европа каква што е сега се престројува на политичка удолница
  • Во Германија европското прашање повторно влегува во политичка фаза во која не се расправа само за тоа колку овластувања треба да има Брисел, колкав треба да биде европскиот буџет или колку пари треба да плаќаат побогатите членки. Се отвора многу посуштинска дилема за тоа дали ЕУ треба да продолжи да се развива како заедница со сè повеќе заеднички правила и институции или да се врати кон сојуз на
    суверени држави што соработуваат само таму каде што нивните национални влади ќе се согласат

Деновиве, поточно на 5 октомври 2026 година, германскиот јавен сервис „Дојчландфунк“ (Deutschlandfunk) објави дека интерен стратешки документ, подготвен од функционери и пратеници на АфД од Европскиот парламент, Бундестагот и покраинските парламенти, предлага суштинска промена на европската политика на партијата. Наместо непосредно напуштање на ЕУ и еврозоната, документот предлага преговори за фундаментално преуредување на Унијата во „сојуз на суверени држави“. Ако таквите преговори не успеат, се предлага барање за референдум за членството на Германија во ЕУ.
Оваа вест заслужува внимание од две причини. Прво, затоа што доаѓа од политичка сила што веќе не е маргинален глас во германската дебата за Европа. Второ, затоа што предложениот пристап може да биде политички поинаков од отвореното ветување за излез од Унијата, а сепак да доведе до длабоко редефинирање на нејзиниот карактер.
– Документот засега е интерен стратешки предлог, а не автоматски усвоена и обврзувачка одлука на целата партија. „Дојчландфунк“ известува дека тој би можел да биде претставен на партиски конгрес во 2027 година. Затоа не треба да се констатира во јавноста дека АфД веќе донела конечна одлука за конкретниот модел, ниту дека постои формално одобрена одлука за запирање на сите институционални процеси на ЕУ, бидејќи разликата е суштинска. Политичката намера може да биде радикална, но институционалната реализација бара време, мнозинства, преговори и промени на договорите – вели нашиот соговорник, член на партијата АфД.

Од партија против еврото до проект за поинаква Европа

За да се разбере денешниот потег, во разговорот со нашиот соговорник, со кого неформално разговаравме на темата за АфД и партиските становишта наспроти европските политики, тој инсистираше на еден информативен пресек за карактерот на партијата, за која рече дека иако ја етикетираат како ултрадесна и дури со „нацистички програми“, сака јасно да стави до знаење на трансформација на партијата и дека истата таа се ослободила и од лицата-членови на партијата и од елементите што и најмалку индицираат на антисемитизам, омраза, шовинизам или фашизам и дека оваа парија е далеку од таквите етикети што ѝ ги лепат противниците.
– АфД е основана во 2013 година, во време кога европската должничка криза ја отвори расправата за спасувањето на презадолжените земји од еврозоната и за тоа кој треба да ги преземе финансиските ризици. Нејзината првична политичка препознатливост произлезе од отпорот кон заедничката валута и кон финансиските механизми што, според нејзините основачи, ја изложувале Германија на туѓи долгови. Тоа историско потекло го потврдува и „Дојчландфунк“ во анализата од 5 октомври 2026 година. Во официјалната програмска рамка на партијата, европската интеграција долго време е претставена како процес на прекумерна централизација. АфД се противи на создавање европска федерална држава, бара враќање на овластувањата кај националните влади и, ако нејзините основни реформи не можат да се спроведат во постојниот систем, предвидува излез на Германија или распуштање на Унијата и создавање нова европска економска заедница. Тоа значи дека идејата за длабок европски ремонт не е нова. Нов е начинот на кој дел од партиските претставници на АфД предлагаат таа да се спроведува. Наместо веднаш да се бара напуштање на ЕУ и еврото, интерниот документ предлага прво да се обиде да се промени самата конструкција на Унијата. И „Ројтерс“ на 5 октомври објави дека предлогот вклучува повторно преговарање за европските договори, национални исклучоци во области како миграцијата и фискалната политика, како и противење на заедничкото задолжување на ниво на ЕУ. Во документот не се бара директно напуштање на еврото како прв чекор. Оваа промена може да се чита на два начина. Од една страна, тоа е обид да се направи разлика меѓу напуштањето на европските институции и нивното преуредување одвнатре. Од друга страна, тоа е премин од барање за непосреден излез кон стратегија во која излезот останува можност ако политичките преговори не успеат. Оваа разлика е поважна од самата формулација „ремонт на ЕУ“. Не станува збор само за тоа колку далеку сака да оди АфД туку и за тоа дали сака да ја урне постојната институционална логика на европската интеграција или да ја замени со модел во кој националните влади имаат многу поголема можност да кажат „не“ – вели соговорникот од АфД.

Европскиот буџет е местото каде што политичката идеологија се претвора во конкретна моќ

Ако европската интеграција е големата политичка тема, буџетот е нејзиното најконкретно финансиско мерило. Токму сега, во октомври 2026 година, ЕУ се соочува со тешки преговори за повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2028–2034. Европската комисија првично предложи буџет од 1,76 билион евра, додека ирското претседателство со Советот на ЕУ претстави компромисен предлог од околу 1,62 билион евра. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го отфрли компромисот како недоволна основа за договор. Овие бројки покажуваат дека судирот околу европските пари веќе не е само тема на евроскептичната десница.
Овој спор не е едноставно натпреварување меѓу штедливи и расипнички влади. Тој е судир околу тоа што треба да биде ЕУ во следните седум години. Дали поголем дел од заедничките пари треба да оди за одбраната, безбедноста, истражувањето и конкурентноста на европската економија? Дали треба да се зачуваат земјоделските субвенции и регионалната кохезија? Дали ЕУ треба да добие нови сопствени извори на приходи наместо да зависи претежно од придонесите на државите членки? Тоа се реалните прашања на тековната буџетска расправа, како што известува германскиот јавен сервис „Тагшау“.

Зошто Германија е клучна?

Германија е најголемата економија во ЕУ и нејзин најголем придонесувач во заедничкиот буџет. Во таква положба, секоја промена во германската политика кон Брисел има потенцијал да влијае врз преговорите, дури и без промена на европските договори.
– Да бидеме јасни. АфД ја користи токму оваа точка на притисок. Во септември 2026 година нашиот портпарол во баварскиот покраински парламент Мартин Бем побара намалување од најмалку 600 милијарди евра во однос на планираниот европски буџет, повикувајќи се на националниот суверенитет и на противењето кон новите заеднички расходи. Но, да бидеме уште појасни, ова е став на партиска фракција, а не усвоена одлука на ЕУ или на германската влада. И да издвојам дека, сепак, тука се појавува и важен политички парадокс, а тоа е дека и владата на Мерц и АфД бараат ограничување на европските расходи, но нивните мотиви и пошироки цели не се исти. За германската влада, помалиот буџет е преговарачка позиција во рамките на постојната Унија. За АфД, ограничувањето на финансирањето е дел од поширока концепција во која Брисел треба да има помалку автономни ресурси и помала можност да води политики независно од националните влади. Истиот буџетски приговор, според тоа, може да води кон две различни политички визии, и тоа прво поевтина ЕУ или, второ, суштински поинаква ЕУ – вели нашиот соговорник, член на АфД.

Може ли АфД во одредена ситуација и нејзина позиција во Германија и Европскиот парламент (ЕП) реално да ги смени или
стопира сите процеси на Европската Унија?

Според нашиот соговорник, кој се изрази со голема доза на сликовитост и метафора, „не постои едно копче со кое Германија, АфД или која било друга членка може да ја запре целата Европска Унија“.
– Да се разбереме. ЕУ функционира преку повеќе институции, различни законодавни процедури и договори што предвидуваат различни начини на одлучување. Но постојат области во кои едногласноста им дава на националните влади значителна моќ за блокирање. Според официјалните правила на Советот на ЕУ, повеќегодишната финансиска рамка и одлуките за сопствените приходи на Унијата бараат едногласност во Советот на ЕУ, а за финансиската рамка е потребна и согласност од Европскиот парламент. Тоа создава реален простор за, ајде да ја наречеме, блокада. Една влада што одбива да даде согласност може да го одложи договорот за буџетот. Но од тоа не следува дека сите европски законодавни постапки автоматски се прекинуваат. Во многу други области се применува квалификувано мнозинство, а заедничките политики се регулирани со различни процедури – елаборира нашиот соговорник.


Три нивоа на блокада во ЕУ

Теоретски, постојат најмалку три различни нивоа на блокада во Европската Унија:
Буџетска блокада, кога нема договор за долгорочната финансиска рамка или за новите извори на приходи.
Политичка блокада, односно кога националната влада го користи своето влијание за да спречи или одложи одредени европски иницијативи.
Институционална трансформација, кога се отвораат преговори за промена на основните договори, распределбата на надлежностите и самата архитектура на Унијата.
Овие три процеси не се исто. Во случајот на АфД, јавните извори потврдуваат дека интерниот документ од октомври 2026 година предлага фундаментално преуредување на ЕУ и можност за референдум доколку преговорите пропаднат. Но тие не потврдуваат дека партијата веќе усвоила единствена оперативна одлука за моментално запирање на сите европски процеси.
– Ако некој тврди дека „АфД ја запира Европа“, тоа би било предимензионирање. Зборувам реално. Поточно би било да се каже дека партијата бара политички и институционални промени. Тоа е реална констатација што треба да ја знае јавноста, но наедно треба да ги знае и сериозноста и бескомпромисноста на барањето на партијата – вели нашиот соговорник од партијата АфД.

Доне Прентоски, наш постојан дописник од Германија