Понекогаш се случува, без оглед на нашите обиди да се опуштиме, сепак да се чувствуваме фрустрирано и немоќно. Колку долго можеме да ја издржиме таа состојба? Кога работите изгледаат мошне лошо, тоа е сигурен знак дека ни треба совет од психолог. Во нашиот регион сè уште постои мислење дека луѓето што бараат помош во оваа форма се слаби, неспособни и малку мрзливи. Дали е тоа навистина точно?
Разговор со Адмир Косоврасти, психолог
Обврските и проблемите на личен и професионален план можат да предизвикаат непријатност, стрес и на крајот – здравствени проблеми. Понекогаш се случува, без оглед на нашите обиди да се опуштиме, сепак да се чувствуваме фрустрирано и немоќно. Колку долго можеме да ја издржиме таа состојба? Кога работите изгледаат мошне лошо, тоа е сигурен знак дека ни треба совет од психолог. Во нашиот регион сè уште постои мислење дека луѓето што бараат помош во оваа форма се слаби, неспособни и малку мрзливи. Дали е тоа навистина точно? Во развиените земји сосема е нормално да се оди на психотерапија, па дури и пожелно – толку пожелно што стана тренд. Кај нас посетата на психолог или психијатар уште е придружена со одредена стигма, но психолозите се радуваат на позитивните промени во овој поглед, изразени по ковид-пандемијата.
Колку во Македонија се знае за што служи психотерапијата и за кого е наменета? Дали психотерапијата е неопходност или мода? Која е разликата помеѓу психијатар и психотерапевт и кому да му се обратиме кога имаме проблем? Ова се само дел од прашањата што се поврзуваат со психотерапијата.
– Психотерапијата е процес на поврзување со себе. Тоа е процес во кој ги наоѓаме сопствени саботирачки шеми на однесување, стануваме свесни за нив и почнуваме да ги менуваме. Преку психотерапијата ја откриваме можноста дека повеќе не мораме да ги следиме овие модели, туку можеме, преку терапевтски техники, да ги заобиколиме и да тргнеме по патот на нови, поефективни обрасци на однесување, кои ќе нѐ доведат до повисок квалитет на животот и подобри одлуки – вели психологот Адмир Косоврасти.
Психотерапијата не спаѓа во доменот на алтернативна медицина, туку е наука што се развивала на универзитетите, во здравствените институции и во посебни центри од страна на традиционално обучени професионалци што ги следеле нејзините ефекти, ги проучувале, ја развивале во согласност со актуелните научни стандарди.
– Во психотерапија, психотерапевтите користат научно засновани процедури за да им помогнат на луѓето да ги решат своите проблеми и да развиваат адекватни обрасци на однесување и ефективни навики – додава Косоврасти.
Тој потенцира дека психотерапијата претставува третман што се заснова на односот помеѓу терапевтот и клиентот. Кога сте во една таква состојба тогаш се наоѓате во поддржувачко опкружување каде што можете отворено да зборувате со некој што е објективен и не ве осудува, туку ви помага да согледате многу процеси и да стане експлицитно сето она што е имплицитно, ви троши сила и енергија, а не сте свесни од каде потекнува.
Психотерапијата е одлична поддршка. Особено затоа што се отвора можност на неутрална личност, која е професионална и непристрасна, да ѝ кажете сè што ве мачи, ве оптоварува, ви предизвикува сомнежи или ви создава некаков вид немир, а во исто време не осудува, не критикува, не суди, не убедува, не расудува… и, секако, нема да ја шири приказната наоколу…
– Ниту еден терапевт не нуди готови решенија за проблеми, туку кога клиентот зборува за својот живот и непријатноста што ја доживува и го притиска, терапевтот проценува и заедно со клиентот ги идентификува потребите и проблемите и заедно работат употребувајќи низа техники што водат кон промена на неговите мисли, чувства и однесување – истакнува Косоврасти и додава дека е потребна активна работа на двете страни за да се оствари заедничката цел.
– Доколку е во мода да си здрав, тогаш дефинитивно психотерапијата е модна писта – вели психологот.
Психотерапијата е одлична поддршка за сите. Особено затоа што имате можност на неутрална личност, која е професионална и непристрасна, а во исто време не осудува, не критикува, не суди, не убедува, не расудува, не се гади или не ја шири приказната наоколу – да ѝ кажете сè што ве мачи, ве оптоварува, ви предизвикува сомнежи или ви создава некаков вид немир. Токму затоа психологот е врвната форма на лек за нашиот внатрешен свет.
– Психотерапијата е збир на постапки што ѝ помагаат на индивидуата или групата подлабоко да ги разбере сопствените психолошки тешкотии и низ работа со нив подобро да се запознаат себеси и да стекнат вештини што ќе влијаат на своето размислување, што резултира со личен развој и подобро секојдневно функционирање. Корисна е за поширок дијапазон проблеми, како што се односите со другите, полесни или средно тешки психолошки нарушувања, разбирање на сопствените емоции, стравови, проблеми за зависности, но сѐ почесто ја користат и целосно здрави психички индивидуи за да имаат поквалитетен животен перформанс и личен раст и развој – истакнува Косоврасти.
Последниве години во земјава се бележи зголемен интерес за студирање психологија. Годинава има околу 100 нови бруцоши. Дали психологијата станува нов образовен светски тренд?
– Несомнено е дека потребата за студирање психологија и општо за работници на полето на менталното здравје е во пораст, затоа што потребата од нив е сѐ поголема, а и популацијата полесно ја прифаќа таа помош, за разлика од земјите во ЕУ, каде што од многу поодамна функционира овој вид сервис. И во нашата земја почнува да се намалува стигматизацијата, особено од периодот по ковид-кризата. Тука ја гледам причината психологијата, психотерапијата и психијатријата да стануваат трендовски, а не модерни професии – констатира психологот.
Косоврасти апелира дека менталното здравје е еднакво важно како и соматското, а како главна причина за посета на психолог ја истакнува душевната болка.
– Луѓето најчесто бараат помош кога ги боли душата. Нејзината болка е тивка, а разорна, затоа што таа знае да боли во тишина. Да постои, а да не ја гледаме, да е присутна, а да не ја забележуваме – истакнува Косоврасти.
Тој советува дека доколку чувствувате потреба за психолошка поддршка и не сте сигурни дали советувањето или психотерапијата повеќе ви одговараат, контактирањето со некој од професионалците за ментално здравје е веќе одличен и храбар почеток.
– Со влегувањето во овој процес, секогаш можете да побарате професионално мислење, но и сами да почувствувате дали сегашната терапевтска врска е пријатна и корисна за вас или повеќе би ви одговарал поинаков пристап во решавањето на вашите проблеми – додава Косоврасти.