Во текот на вчерашниот ден повеќето училишта беа празни или со мал број ученици, бидејќи поради конфузната ситуација поголемиот број родители решија да ги остават своите деца дома
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ја реализира најавата за генерален штрајк во градинките, основните и средните училишта, откако Владата го одби нивното барање за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата што беше донесена во февруари.
– Според наша оцена и сознанија, се штрајкува во сите основни и средни училишта и во градинките, и тие што не се членови на СОНК масовно се вклучуваат во штрајкот – изјави првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.
Тој додаде дека околу 25 илјади вработени во училиштата и градинките вчера се вклучиле во штрајкот, истовремено појаснувајќи дека е минорен бројот на тие што не штрајкуваат.
– Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните, која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта, кои имаат проблем со нивниот социјален статус – истакна Неделков.
Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека во текот на вчерашниот ден од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, штрајкот на дел од вработените се одвива во 54, а во 21 јавна установа вработените воопшто не се приклучија кон штрајкот организиран од СОНК.
– Целокупната состојба на терен потврдува дека установите и вработените го почитуваат Законот за заштита на децата и ја вршат дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и при остварувањето на правото на штрајк обезбедуваат непречено одвивање на дејноста – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува во скоро време да се надминат недоразбирањата на релацијата Влада – СОНК.
– Го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека за брзо време ќе најдеме решение за оваа ситуација. Не само јас, но како влада од првиот ден сме влезени во овој процес за постигнување договор – истакна Шаќири.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека СОНК не им дал доволно шанса на преговорите со Владата.
– Прво беше зголемување на минималната плата, второ беше усогласување на платите со минималната во рок од шест месеци и за тоа се согласи и СОНК, кој сега штрајкува. На преговори се договоривме за тие шест месеци период и СОНК се согласи, а три дена по почнувањето на минималната плата, СОНК прогласува штрајк – рече Битиќи, најавувајќи продолжување на преговорите.
Инаку, во текот на вчерашниот ден повеќето училишта беа празни или со мал број ученици, бидејќи поради конфузната ситуација поголемиот број родители решија да ги остават своите деца дома.
Се очекува штрајкот да продолжи и денеска, бидејќи дури и во меѓувреме да се постигне некаков договор со Владата, предлозите треба да бидат разгледани од членството на СОНК и да се донесе одлука.
– Дури и вечерва да има средба со претставници од Владата и да има согласност, ќе треба предлозите да одат во процедура кај членството и да добијат овластување за евентуален прекин на штрајкот или одбивање на предлогот… Процедурата мора да се запази и тоа бара време – појасни првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.