Во актуелниот политички контекст, во кој на Македонија ѝ се наметнуваат услови (како уцени и ултиматуми) за продолжување на евроинтеграциите, односно да направи измени на сопствената историја, според желбите и барањата на соседните држави, членки на ЕУ (Бугарија и Грција), менувањето на историската терминологија со временско и просторно ограничување со употреба на „Северна Македонија“ наведува на заклучок за создавање терен за тотална деноминација на нашата држава и народ
Нема компромис со предлозите да се елиминира „Македонија“ од македонската историја
Информацијата пренесена во медиумите дека претставник од Институтот за национална историја во Комисијата за изготвување нова класификација на научните и образовните области и полиња, според Фраскатиевата меѓународна класификација, има поднесено предлог наместо терминот „Македонија“ во историските научни области да се употребува „Северна Македонија“, внесе вознемирувачка збунетост во научните историски кругови во Македонија, но и кај општата македонска јавност.
Чепреганов: Историјата на македонскиот народ ќе биде ограничена просторно на овој дел од територијата на државата што сега се нарекува Северна Македонија
Вознемиреноста е предизвикана со антиципирање на неминовните импликации што ќе бидат предизвикани со менувањето на термините во меѓународната историска научна класификација што произлегуваат од именката Македонија. Ваквата интервенција директно влијае на именување на категоријата „македонски народ“. Имено, според информациите што протекоа во јавноста, досега изготвената верзија на предлогот за Комисијата за нова класификација, воопшто нема област „Историја на македонскиот народ“, а доколку се прифати предлогот, наместо „Историја на Македонија“ во антиката, во средниот век, во новиот век… би станале „Историја на Северна Македонија во средниот век“ или во другите историски периоди.
Според сѐ уште нецелосните информации се претпоставува дека ваквиот предлог е даден од името на Институтот за национална историја, но ниту историчарите вработени во институтот не биле запознаени со оваа иницијатива за менување на поимот „Македонија“ со „Северна Македонија“.
И политичкото силување на историската наука не запира
Историчарот Тодор Чепреганов, поранешен директор на Институтот за национална историја, смета дека доколку се точни информациите за постоењето на ваков предлог, тоа е политичко силување на историската наука, што води кон апсурд за постоење држава во која нема народ, носител на државноста.
– Навистина, ниту ние, историчарите немаме целосни, речиси никакви информации за текот на случувањата за оваа иницијатива за нова класификација на научните и образовните области и полиња. Главниот проблем, кој може да предизвика далекосежни последици, произлегува од основниот факт што Северна Македонија нема историја. Поимот „Северна Македонија“ почнува да циркулира од 2018 година, како резултат на конечната спогодба, или т.н. Преспански договор што Македонија го потпиша со Грција. Според тој договор, Северна Македонија не може да се повикува на античката историја на Македонија, но ниту на историјата на целиот македонски народ, како во Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија. Историјата на македонскиот народ ќе биде ограничена просторно на овој дел од територијата, на државата што сега се нарекува Северна Македонија. А досега, историски познато и прифатено е дека актуелната државна територија на Македонија е само еден дел од територијата на која живее македонскиот народ. Со таквата предложена класификација, фактички се откажуваме од историската целовитост на македонскиот народ во Егејска и во Пиринска Македонија. Временски, пак, нашата историја ја сведуваме најдалеку до 1944 година. Доколку навистина е исклучена областа „историја на македонскиот народ“, а се наметнува предлогот за „историја на албанскиот народ“, влегуваме во процес на силување на историската наука, но и конструираме еден апсурд на постоење држава во која нема народ, носител на државноста – вели професорот историчар Тодор Чепреганов.
Притисоци, уцени, ултиматуми
Во актуелниот политички контекст, во кој на Македонија ѝ се наметнуваат услови (како уцени и ултиматуми) за продолжување на евроинтеграциите, односно да направи измени на сопствената историја, според желбите и барањата на соседните држави, членки на ЕУ (Бугарија и Грција), менувањето на историската терминологија со временско и просторно ограничување со употреба на „Северна Македонија“ наведува на заклучок за создавање терен за тотална деноминација на нашата држава и народ.
Придружено со фактот дека во билатералните тензии со Бугарија, проследени со националистички провокации, значајна улога има и функционирањето на мешаната историската комисија меѓу Македонија и источниот ЕУ-сосед, ваквите предлози за харикири-„самокорекција“ на историската терминологија создаваат дополнителни внатрешни кризи, тензии од политички, па и сериозен безбедносен карактер.
Според голем дел од македонските историчари, овие предлози дополнително целат да ја модифицираат македонската историја како регионална и географска, да ја прогласат за ништовна, а да се прифатат во целост националните истории на соседите.
Историчарите најсериозно предупредуваат, апелираат, но и тврдат дека нема да останат само на упатување повици, обраќања и алармирања!