Современите бајки „Детелинки-белинки“ ја збогатуваат домашната литература за деца

Новата книга за деца „Детелинки-белинки: современи бајки со четири листенца“, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, содржи шеснаесет современи бајки од 15 македонски автори. Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво, сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“, спроведен во 2020 година. Во книгата се застапени бајки од нови, но и од веќе етаблирани автори: Билјана Станковска („Авантурите на едно мракче“), Владо Димовски („Во земјата на белите облачиња“), Анета Ристеска („Вин-вин“), Клементина Петрушевска („Часовникот на Симон“), Мартина Дукоска („Детелинки-белинки“), Светлана Дарудова („Бајка за Нова година“ и „Талкачката“), Анита Димовска („Зелената кралица“), Биљана Стојановска („Змејот од Пелистер“), Ана Ѓорѓевиќ („Горделивата жирафа“), Марија Ралповска („Волкот Пуи“), Мимоза Тодоровска („Волшебен лет“), Владо Јаневски („Папагалот и кучето“), Алма Растодер („Магијата на другарството“), Ана Гаштарова („Не е добро да се лаже!“) и Весна Кираџиева („Авантурите на Трепколетка“).
Приказните се наредени во четири циклуси – како четири листенца на „среќната“ детелинка. Овие современи бајки ја збогатуваат домашната литература за деца. Некои од нив се случуваат и во наше време, на наши предели и со препознатливи ликови од нашето опкружување, со што уште повеќе им се приближуваат на малите големи читатели.
– Кога ќе ги најдете сите листенца на детелинката, тоа носи среќа; пандан на тоа ни беше: кога ќе ги прочитате сите четири циклуси – тоа да ви донесе радост. Графичкиот дизајн помогна оваа идеја да биде и лесно видлива, препознатлива на прв поглед. Корицата и духовитата поделба на циклусите со графички сепаратори се дело на графичката дизајнерка Ангела Чучкова. Кога го направиме ова, знаевме дека имаме книга. Пред тоа имавме само материјал, идеја за книга. Насловот на антологиичката е истиот со насловот на една од бајките внатре, со бајката на Мартина Дукоска. Вообичаена практика е антологиите да се насловуваат според еден застапен текст во нив што најсоодветно го објаснува целиот пристап на приредувачот, но, од друга страна, носи и нешто заедничко за сите застапени нешта внатре. Иако е наслов на бајката на Дукоска, овој наслов е податлив за целата книга, зашто го овозможува, го оправдува организирањето во четири циклуси и на целата графичка опрема на книгата во знакот на детелинката. Бајката на Дукоска не губи ништо со преземањето на нејзиниот наслов, напротив; а антологијата добива на кохерентност, на зацврстување на концептот – рече Ќорвезироска.
Изданието е дел од едицијата „Лесно читливо“, уредено со помош на специјален фонт за полесно читање за деца во фаза на описменување, како и за лица со дислексија, препорачано од здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје. Во книгата е вклучен и речник на помалку познати зборови.