Успешен настап: ЏК Миоки

Предводен од искусниот тренер Игор Паскоски, клубот освои четири сребра и три бронзи

ЏУДО – НА ТУРНИРОТ „ОПЕН ЛАКТАШИ“

Скопскиот џудо-клуб Миоки, предводен од искусниот тренер Игор Паскоски, постигна одличен успех на 21-от по ред меѓународен џудо-турнир во Босна и Херцеговина „Опен Лакташи“, а по повод 30 години од основањето на тамошниот клуб Лакташи. Во конкуренција на повеќе од 1.000 натпреварувачи од шест држави, џудистите на Миоки во кадетска конкуренција освоија вкупно седум медали, од кои четири сребрени и три бронзени.
Така, со сребро можат да се пофалат Хамида Друштинац (до 36 кг), во возрасната категорија до 15 години, Емилија Паскоска (до 40 кг), до 13 години, како и Георгина Блажеска (до 44 кг) и Ханија Друштинац (до 52 кг) до 18 години. Со бронзи, пак, се закитија Ерик Крстев (до 46 кг) до 15 години, Георгина Блажеска (до 44 кг) до 21 години и Ива Богдановска (до 57 кг) во возрасната категорија до 21 година.
– Ова беше прв од серијата контролни турнири предвидени за 2023 година, каде што ќе ја утврдуваме формата, што треба да се отстрани, а на што повеќе треба да поработиме. Крајната цел е да се подготват тие неколку кадетки и да го достигнат потребното ниво за она што ги очекува, а тоа се европските купови кон крајот на годинава. Секако, задоволен сум од настапот во Лакташи, ова е прв турнир и верувам дека на секој нареден ќе бидат уште подобри. Годинава Македонија е домаќин на Европскиот куп за јуниори, како и на Балканијадата за кадети, па, така, овој турнир беше и еден вид контролка за тоа што нѐ очекува – ни изјави тренерот на Миоки, Игор Паскоски.
Како и изминатите години, турнирот се одржа во два дена. Првиот ден на татамите во салата во Лакташи се одржаа борбите во помладите категории, додека вториот ден беа борбите во кадетска, јуниорска и сениорска конкуренција. Г.И.