Националниот интерес и баба Ципора

Она што мене најмногу ми фали во годишната програма за култура е вистински возбудлива изложба, книга, претстава… што со нетрпение ќе ја очекувам годинава. Или некое големо претставување на македонската култура надвор од границите, каква што беше онаа исклучителна изложба на македонските икони во Утрехт на пример… Театрите нема да отпатуваат подалеку од Ниш, а Филхармонијата, која некогаш имаше светски турнеи дури до Оман, сега ќе го види само Дубровник. Македонските книги, пак, ќе одат само на еден светски саем на книги, а некогаш ги посетуваа сите позначајни

Во денешниот прилог за култура ја објавуваме реакцијата на писателот Блаже Миневски по одлуката на Министерството за култура да го одбие неговиот нов роман за Гоце Делчев. Ова е само една од многубројните реакции деновиве, повеќето неофицијални, во вид на преписки на социјалните мрежи, но единствена што стигна како официјално писмо за објава и се најде на страниците на весникот. Најмногубројни, како и секогаш, се негодувањата во врска со издавачкиот дел од програмата за финансирање проекти од национален интерес за 2023 година. Веројатно затоа што најголем дел од корисниците во делот на издавачката дејност се приватни фирми, додека во другите области повеќебројни се проектите што ги доставуваат национални институции и установи или непрофитни здруженија.
Одбиените реагираат, прифатените молчат. И отсекогаш било така, што се разбира не ја намалува одговорноста, ниту е оправдување за направениот избор. Лично сум била и во едните и во другите. Мојата последна книга излезе само со скромна поддршка од Град Скопје, беше одбиена на конкурсот на Министерството за култура, мојата книга во подготовка за 2023 година, пак, годинава се најде во списокот. Оттука, личното искуство ми зборува дека нема формула или рецепт за тоа како да се најдете меѓу „среќниците“, нешто како добивка на лото! Барем во мојот случај. Но веројатно, судејќи според многубројните реакции, не секогаш е така. Многумина гледаат политички причини во одлуката да бидат одбиени (како што е случајот со писателот Миневски), некои ја наведуваат партиската определба како клучен аргумент да се најдат или не во списокот на Министерството, трети сметаат дека блиските и пријателски врски до комисиите биле одлучувачки… Не ги отфрлам ваквите обвинувања, се разбира, само моето искуство не било такво. Реакции има и околу несоодветната распределба на средствата, на пример сериозни манифестации да добиваат неколкукратно помалку од некои третокласни по квалитет, содржина, број на учесници, странски гости и сл.
Нејсе, она што сакам да го кажам е дека истава ситуација се повторува со години, или практично откако постои овој систем на годишно финансирање проекти. Ниедна програма, откако се занимавам со оваа професија, а тоа се цели дваесет и пет години, не била пофалена како подобра во однос на претходната и ниедна не била помалку кудена како несоодветна од годинашнава, без разлика на министрите, комисиите, владите, партиите, буџетите… Оттука, мојот заклучок е дека годинашната програма не е ни подобра ни полоша во однос на претходните. Тоа што концерт на фолк-пејачка, поддржан со завидна сума средства, се најде на списокот годинава исто така не е новина. Вакви бисери, и тоа по неколку, имало без исклучок секоја година. Така што ни тоа не е аргумент дека програмава е најлоша досега.

Ете, можеби грешам, ама мене ми е поважно да видиме и чуеме што се случува во светот, или да му покажеме на светот што имаме, отколку да мериме дали на книга за зурлаџиската традиција ѝ се доделени неколку илјади повеќе од, на пример, онаа за свадбените традиционални церемонијали. Или кој наслов е повреден, „Сетко досетко“ или „Новогодишни приказни на баба Ципора“?! Ако јас се прашувам, домашната културна сцена годинава немаше битно да осиромаши и без ниедна од нив. Ама ќе осиромаши со по две премиери во неколкуте активни театри во земјава,
без гостувања, без претставувања, без големи и значајни изложби, без класични преводи што ни недостигаат…

Главниот проблем е отсуството на критериум за тоа што е, а што по ниедна основа не може да биде „национален интерес“, односно колкав габарит носи еден проект и од колкаво значење и бенефиција е за заедницата. Оттука, дали е во право Миневски кога прашува дали дело од национален интерес е книга со наслов „Спекулумот на лудата жена“ или тоа е роман за љубовта на Гоце Делчев ако се земе предвид тоа што се случува последниве неколку години со македонскиот идентитет? Веројатно е во право што се чуди, ама за мене дури и самата формулација „национален“ е дискутабилна. Можеби една голема гостувачка изложба, на пример, како што биле оние на Хенри Мур или Тони Крег, не е национален интерес, ама секако е јавен интерес, и многу повеќе од тоа, начин на издигнување на културното ниво на граѓаните на оваа наша изолирана културна средина. И тоа е она што мене најмногу ми фали. Вистински возбудлива изложба, книга, претстава… што со нетрпение ќе ја очекувам годинава. Во програмата нема ни големи претставувања на македонската култура надвор од границите, како што беше онаа исклучителна изложба на македонските икони во Утрехт на пример… За жал, вакви проекти, големи по значење и квалитет, и овој пат нема. Театрите нема да отпатуваат подалеку од Ниш, а Филхармонијата, која некогаш имаше светски турнеи дури до Оман, сега ќе го види само Дубровник. Македонските книги, пак, ќе одат само на еден светски саем на книги! Некогаш ги посетуваа сите позначајни во Европа…

Ете, можеби грешам, ама мене ми е поважно да видиме и чуеме што се случува во светот, или да му покажеме на светот што имаме, отколку да мериме дали на книга за зурлаџиската традиција ѝ се доделени неколку илјади повеќе од, на пример, онаа за свадбените традиционални церемонијали. Или кој наслов е повреден, „Сетко досетко“ или „Новогодишни приказни на баба Ципора“?! Ако јас се прашувам, домашната културна сцена годинава немаше битно да осиромаши и без ниедна од нив. Ама ќе осиромаши со по максимум две премиери во неколкуте активни театри во земјава, со по една-две нови оперски и балетски продукции, без гостувања, без претставувања, без големи значајни изложби, без класични преводи што ни недостигаат, или нови автори што само ние сѐ уште ги немаме на македонски јазик… Затоа што без оние скромни авторски хонорарчиња, домашните автори и творци ќе преживеат, ама македонската култура, онаа живата, но и културното наследство, нема. Затоа, неопходни ни е културна политика, сериозна стратегија за тоа што сакаме да продуцираме и како тоа да го претставиме дома и да го афирмираме надвор, но и како да го заштитиме она што ни е оставено на чување… Сѐ друго е помалку битно.