Фото: Игор Бансколиев

Неколку клучни предизвици и приоритети се наметнуваат како императив во оваа 2023 година. „Нова Македонија“ ги систематизира во неколку сегменти, а ќе ги анализираме поединечно. Тука спаѓаат одбрани области од внатрешната и надворешната политика, економијата, правосудството и безбедносната политика. Ако се тргне од фактот дека „предизвиците одамна ни се познати“ и ним повеќе им одговара да се наречат со атрибутот проблеми, тогаш, следствено на тоа, она на што особено ќе се осврнеме во написите што ќе следуваат се токму размислувањата на авторитети од овие области како да се најдат решенија за детектираните општествени проблеми и слабости, во интерес на граѓаните и македонската држава

КОИ СЕ ПРИОРИТЕТНИТЕ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ПРЕДИЗВИЦИ ЗА ОВАА ГОДИНА

Започна новата 2023 година и Македонија во неа влегува исправена пред голем број предизвици, проблеми и приоритети со кои треба конечно да почне да се справува за сите чинители на македонското општество да влезат во еден функционален систем (правно-политички, економски и стопански, здравствен и образовен, социјален, безбедносен…), а кај граѓаните да се вратат и вербата и надежта дека работите може да тргнат на подобро.
Во таа насока неколку клучни предизвици и приоритети се наметнуваат како императив во оваа 2023 година, систематизирани во неколку сегменти, кои ги нотираме и ќе анализираме поединечно.


Предизвици во внатрешната политика

Многу работи се покажаа недоследни на внатрешнополитички план и тоа е забележливо на секој чекор, почнувајќи од длабокиот јаз меѓу политичките кампуси, лошиот изборен модел, кој не го отсликува реалното расположение на гласачите, нефункционалното собрание, кое не може да носи закони, ниту да воспостави ефикасен општествен надзор. Проблеми генерира и политички креираната територијална поделба, која создаде неефикасни локални самоуправи. Широкораспространетиот клиентелизам и многу други аномалии што го поткопуваат системот однатре се хроничен проблем.
Имено, генератор на целата нефункционалност е лошиот изборен модел, за кој сите партии декларативно се согласуваат дека причинува сѐ подлабока системска ерозија, но никој во суштина не прави ништо да го промени. Пред секои избори се засилува реториката дека е потребен нов изборен модел, за на крајот да се констатира дека сега е предоцна да се прават какви било измени и работите си остануваат по старо. На тој начин политичката сцена сѐ повеќе е окупирана од некомпетентни човечки ресурси, „теледиригирани партиски апаратчици“, а на власт и опозиција се менуваат само две поголеми партии од македонскиот и една константна партија од албанскиот блок, што доведе до тоа во земјата на секој изборен циклус да има сè помалку гласачи, бидејќи на граѓаните им стана кристално јасно дека во нивното живеење ништо не се менува на подобро, без оглед кој да дојде на власт.
Таквиот нефункционален и проблематичен изборен модел се рефлектира и врз работата на Собранието, кое изминатите години повеќе личи на политички театар, отколку на законодавен дом. Другите функции на Собранието, како на пример контролно-надзорната, во целост се апстрахирани, што е нонсенс за една функционална држава. Законите остануваат блокирани со месеци, нестабилното мнозинство се мачи да обезбеди кворум, собраниската дебата е под секакво ниво, а пратениците наместо да го слушаат гласот на граѓаните што им дале доверба и мандат, се раководат по директивите на партиските лидери и така се вртиме во круг. Затоа со години Македонија има целосно нефункционално Собрание.
Посебен проблем на внатрешнополитички план е лошата територијална поделба, која беше направена со политички диктат и под притисок во 2004 година, што резултира со нефункционални локални самоуправи. Повеќето, поради ниските дотации што ги добиваат по основа на собраните даноци од централниот буџет, мака мачат да спроведат дури и најосновен зафат, а не, пак, некој посериозен инфраструктурен проект, како изградба на водоводи или канализации. Проблем е и што голем дел општини се наполнети со партиска администрација, која нема капацитет да подготви проекти со кои би се зеле пари од европските фондови, па тие остануваа неискористени. Во една таква ситуација расте бројот на општини што се енормно задолжени, дел од нивните долгови покрива државата, така што развојниот елемент воопшто го нема.
Тука треба да се спомене и немањето политички дијалог меѓу партиите ниту за најсуштинските работи, а партиската комуникација е сведена на партиски соопштенија преполни со навреди кон политичкиот опонент и реакција со слична содржина од другата страна.


Предизвици во безбедносната политика

Последните неколку месеци од минатата година Македонија се соочи со голем број закани за поставени бомби во повеќе средни училишта, но и трговски центри, автобуски станици, станбени објекти и други места.
Ова на некој начин предизвика доза на страв и паника кај граѓаните, кои со право во овие турбулентни времиња во кои живее светот стравуваат за сопствената, но и за безбедноста на своите најблиски.
Особено е загрижувачки што надлежните досега не успеаја да лоцираат од каде доаѓаат заканите, па штурите изјави се сведоа само на наративот дека станува збор за хибридни закани и дека безбедносната ситуација е стабилна. Како и да е, за обичните граѓани терминот „хибридни“ ништо не значи, но зборот „бомба“ е повеќе од јасен и кај сите буди страв и паника и остава трага и врз психата на децата, но и на нивните родители.
Колку е ситуацијата безбедна говори и неодамнешната изјава на претседателот Пендаровски, кој рече дека изминатите години НАТО спречило подготовка на најмалку три терористички напади што би можеле да се реализираат токму во Македонија.
За безбедноста на државата исклучително е важно да се контролира границата, но напливот на мигранти и постојаните инциденти на железничките линии, како и ноќните полициски трки по превозници на мигранти, покажуваат дека и натаму има коридори што не се соодветно обезбедени и дека лесно може да се влезе во државата.
Ако на ова се придодаде и лошата контрола при издавањето македонски државјанства и пасоши на лица со сомнително досие, тогаш загриженоста на македонските граѓани околу севкупната безбедносна ситуација е оправдана и надлежните треба посериозно да се посветат на справувањето и со овие безбедносни предизвици.


Предизвици во економијата и енергетиката

Особено важен предизвик со кој мора да се соочи државата оваа година е економијата. Таа е буквално фрлена на колена, најпрво од последиците на затворените пазари поради пандемијата, а сега и со војната во Украина и неколкукратно зголемените цени на енергентите. Компаниите се соочија со екстремно високи цени на електричната енергија на берзите, проблематична стана и сигурноста во снабдувањето со струја, но и со гас, а како клучен предизвик останува зголеменото домашно производство на електрична енергија по прифатливи цени, што директно се одразува и врз конкурентноста на македонските фирми.
Проблемот со недостиг од квалификувана работна сила е фактор што исто така битно влијае на конкурентноста на компаниите. Со тој проблем сѐ повеќе се соочува македонската економија. Тоа е резултат на интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави.
Една четвртина, или 25 отсто од компаниите опфатени со анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, се изјасниле дека не се задоволни од инфраструктурата во местото каде што ја вршат дејноста.
Од бизнис-заедницата во Македонија веќе предупредија дека „новите даночни прописи, вака како што се форматирани, ќе се одразат неповолно на тековните економски активности, кои се уште неповолни поради екстензивноста на енергетската и економската криза кај нас и во светот“. Според нив, со новите даночни реформи многу деловни субјекти ќе бидат внесени во сивата зона и ќе јакне неформалната економија. Економистите и бизнисмените сметаат дека предложените даночни мерки нема да влијаат на остварување на еден од приоритетите на даночната реформа, а тоа е тој да биде еднакво праведен за сите економски учесници.
Сериозен проблем што се провлекува со децении, а кој сега во оваа енергетска криза исплива на површина, е немањето сопствени енергетски капацитети, бидејќи дома, освен РЕК-Битола, не постои посериозен енергетски капацитет. Обновливите извори ниту оддалеку не можат да ги задоволат потребите на економијата, па затоа е потребно итно инвестирање во нови големи енергетски капацитети што ќе овозможат стабилно и непречено снабдување со електрична енергија, по ниски цени.


Предизвици во надворешната политика

Македонија ја започна 2023 година како претседавач со ОБСЕ, признание што ќе мора да го оправда со посветена и напорна работа во насока на решавање на проблемите со кои се соочува Европа. Како главен приоритет на македонското претседавање е наведено токму подобрувањето на животот на граѓаните.
Пред земјата се наоѓа и процесот на евроинтеграции, односно продолжување на пристапните преговори со Европската Унија по завршувањето на скрининг-процесот во ноември.
Но не само евроинтеграциите, Македонија во оваа година треба да продолжи да биде активен партиципатор и во другите иницијативи во кои е членка, како Централноевропската иницијатива, Берлинскиот процес, Јадранско-јонската иницијатива, Процесот на соработка во Југоисточна Европа, Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци – МАРРИ, Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и Фондот за Западен Балкан.
Она што е особено актуелно во последните години е дејствувањето во рамките на Отворен Балкан, каде што Македонија ќе се соочи со голем број предизвици, пред сè како да ја задржи работната сила во земјава и да привлече работници и инвестиции тука, за да биде конкурентна со своите производи на поширок план.
Приоритет треба да бидат и Договорите за стратегиско партнерство со САД и Турција, во насока на обезбедување поголема соработка со овие две земји во сите можни сфери, почнувајќи од воената соработка, преку надворешнополитичката координација за одредени прашања, соработка во областа на здравството, образованието, економијата, буквално на секое поле каде што можат да помогнат нашите стратегиски партнери. Она што се добива како впечаток досега е дека земјава не ги користи доволно овие стратегиски партнерства.
Покрај тоа, во делот на приоритетите во надворешната политика треба да се води грижа за македонското малцинство во соседните земји, но и во дијаспората. Досегашните искуства покажаа дека земјава целосно заборави на малцинствата во соседните земји и со ништо не помага во насока на подобрување на нивните малцински права, во согласност со светските и европските практики.


Правосудството да ја врати загубената доверба

Особено тешка работа ја очекува земјата во делот на реформите на правосудството. Минатата година заврши со рекордно ниска доверба на граѓаните во правосудниот систем, која падна под четири отсто, што е поразително за една држава што сака да покаже пред Европа и светот дека во неа постои владеење на правото. Јавноста сведочеше на голем број случаи на селективна правда во кои оние што имаа пари си ја купуваа слободата, прекуноќ го менуваа местото на живеење за да отслужат казна во полуотворени казнени установи, додека за преостанатите се применуваа највисоките казнени одредби.
Покрај тоа, изостана ефикасното гонење на криминалот и корупцијата, па логично беше неопходно да се вклучат и САД со експертски тимови за да утврдат до каде е метастазирана оваа негативна општествена појава и да се предупреди со нови имиња на црниот список за домашни поранешни и сегашни функционери инволвирани во високата корупција.
Државната комисија за спречување корупција достави еден куп иницијативи до Јавното обвинителство во кои посочува на корупциски случаи, но тие завршуваат во фиока и со месеци се чека некој оттаму да се изјасни. Сериозни забелешки имаше и за работата на самото ЈО, дека недоволно се ангажира и дека е под политичко влијание.
Во меѓувреме судството продолжија да го тресат афери со непотизам. Да биде хипокризијата уште поголема, во моментот кога правосудството го допре дното, следуваа чекори што покажаа дека може да се тоне уште подлабоко во калта, со назначување разни стручни соработници на високи позиции од каде што ќе се оценува работата на судиите, на блиски пријатели на партиски моќници на местото на главен обвинител за гонење организиран криминал низ нетранспарентна постапка, која беше критикувана и осудена и од страна на меѓународната заедница.
Посебна приказна е Уставниот суд, кој долго време е неекипиран и не може да функционира во полн состав. Таму сите пикираат позиција, а ја добиваат во зависност од политичката подобност. Токму затоа судот е постојано на работ на кворум и во позиција во еден момент да се најде во ситуација да не може да ја оценува уставноста на законите.
Како и да е, едно е повеќе од јасно, а тоа е дека политикантството е длабоко навлезено во правосудниот систем и сè додека политичарите не ги тргнат рацете од правосудството, во Македонија нема да има вистинско владеење на правото.