Распродаден првиот тираж од новиот роман на Венко Андоновски

Се очекува нов рекорд во домашната книжевност

„Папокот на светлината“ од Венко Андоновски го доживува своето второ издание. За помалку од еден месец, секој примерок од првиот тираж си го најде својот дом во срцата на читателите.
– Ова е доказ за тоа колку македонската читателска публика е гладна за квалитетни книги од домашни автори. Како со години да чекале да се случи вакво нешто. И самата промоција на Венко Андоновски го најави тоа. Беше еден од најпосетените книжевни настани што се случиле досега кај нас. Во киното „Милениум“ започна разгатката на приказната што Венко ја чуваше во себе со години. За да се излее конечно во облик на роман за Јан Лудвик, херојот од „Папокот на светот“, кој во оваа книга стои пред нови животни искушенија со кои македонскиот човек секојдневно се соочува – велат од издавачката куќа „Три“.
Издавачот го подготвуваа новото издание на книгата и најавува уште еден рекорд во домашната книжевност.
Станува збор за новиот роман на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, авторот и професор Венко Андоновски, кој излезе десет години по објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“ и 22 години од „Папокот на светот“, книгата што ги освои речиси сите значајни книжевни награди (Роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“). Новиот роман се надоврзува (но не го продолжува) на „Папокот на светот“.
Јан Лудвиг, протагонистот што во „Папокот на светот“ трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа светлина што ја просветлува душата, наспроти оние што се задоволуваат да му бидат облека на ѓаволот. Според издавачот „Три“, овој роман претставува нов клуч за читање на „Папокот на светот“; во него тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам што и го уништи стариот свет, со сите негови морални вредности, и го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот продуховен свет.

„Папокот на светлината“ е целосно изворно дело, не е римејк или преработка на „Папокот на светот“ напишан пред точно 20 години. Освен сличноста во насловот, не постои тематска или структурна сличност меѓу нив. Врската меѓу двата романа е во тоа што во првиот главниот лик трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), а во новиот трага по папокот на светлината (љубовта кон бога, иако до таа љубов доаѓа повторно преку љубовта кон една жена).
Одлика на досегашните романи на Венко Андоновски беше двојството: секогаш имаше една приказна во минатото и една во сегашноста. Одлика на „Папокот на светлината“ е тројството. На тој начин овој роман станува и нов клуч за читање на „Папокот на светот“; тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам што и го уништи стариот свет, со сите негови морални вредности, и го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот продуховен свет. „Папокот на светлината“ е значаен прилог кон тој нов, продуховен свет.