Фото: „Нова Македонија“

Граѓаните бараат цврсто принципиелен лидер, кој ќе го истакне македонскиот став на говорницата и во Обединетите нации и во Советот на Европа и во Европскиот парламент, но и во седиштето на НАТО, при што јасно ќе каже дека оваа малечка голема земја е предмет на уцени три децении и дека тоа што ѝ се прави е спротивно на секоја здраворазумна логика, особено кога станува збор за почитувањето на меѓународното право

Шефот на државата има безброј можности на меѓународната сцена отворено да ги изнесе македонските позиции (7)

Ова е седмо продолжение во серијата текстови во кои загатнуваме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните

Во финишот на претседателската кампања, непосредно пред првиот круг на претседателските избори, пулсот на народот присутен на митинзите на сите претседателски кандидати само ги потврдува резултатите од неодамнешната неформална теренска анкета што ја спроведе „Нова Македонија“, дека граѓаните сакаат чесен, вреден и искрен претседател, кој нема да се воздржува секаде да ги брани македонските интереси и да говори за нив.
Впрочем, во Уставот јасно е наведено дека „претседателот ја претставува Републиката“, што значи дека каде и да се појави, тој мора да говори во име на граѓаните и интересите на својата држава.
Она што беше потврдено во неформалните разговори во рамките на анкетата, а на што особено граѓаните реагираа, тоа е нивната желба на чело на државата да биде човек што секаде отворено ќе говори за Македонија, за нејзините интереси, за неправдите што ѝ се нанесуваат, без никакви задршки или внимателност кон претставниците, кои повеќе од веројатно нема да се почувствуваат пријатно кога ќе ја слушнат вистината.
Граѓаните бараат цврст лидер, кој ќе го истакне македонскиот став на говорницата и во Обединетите нации и во Советот на Европа и во Европскиот парламент, но и во седиштето на НАТО, при што јасно ќе каже дека оваа малечка земја е предмет на уцени три децении и дека тоа што ѝ се прави е спротивно на секоја здраворазумна логика, особено кога станува збор за почитувањето на меѓународното право.

Микрофоните од говорниците во меѓународните институции – мегафон за да се чуе вистината за македонското прашање

Одговорите на некои од прашањата за тоа зошто граѓаните сакаат претседател лидер од светски калибар, кој отворено ќе зборува за Македонија насекаде низ светот, се обидовме да ги добиеме низ разговор со повеќе социолози, правејќи еден вид општествена анализа за ваквиот граѓански порив.
– Во Македонија, како и во повеќето поранешни југословенски републики, но и на целиот Балкан, сѐ уште е присутен култот на Тито како светски лидер, кој успеа да се наметне како водач од светски калибар, парирајќи им тогаш рамноправно на САД и СССР. Тој говореше отворено во Обединетите нации, неговите повеќечасовни говори и денес се проучуваат на некои светски универзитети, така што тој мит остана присутен и меѓу нашите граѓани, додуша кај постарата генерација, но тие, раскажувајќи им на младите за Тито, како да го оживуваат култот на поранешниот југословенски претседател и меѓу младата популација. Таквиот култ раѓа очекувања и кај нашите граѓани, кои во сиот тој национален романтичарски занес по осамостојувањето сакаат претседател што ќе биде некаков фактор во пошироки рамки, кој ќе може од говорницата слободно да каже од која земја потекнува, кој ќе го впери прстот кон оние што иницираат војни и конфликти, но и кон оние што го прекршуваат меѓународното право. Македонија не е голема земја и можеби се преголеми нашите очекувања да имаме таков претседател, но доволно е да покаже пркос, да ги изнесе македонските позиции, односно да се слушне македонскиот глас – велат социолозите.
Според нив, граѓаните не сакаат во идниот претседател само обична протоколарна личност што ќе оди во Њујорк, Брисел или во други светски центри на моќ и ќе говори само на зададени теми што не се поврзани со проблемите со кои се соочуваат граѓаните во актуелниот момент.
– Граѓаните не очекуваат нивниот претседател да појде во ОН и таму да говори за климатските промени, за светската сиромаштија, за топењето на мразот на половите… Се разбира, тоа не се неважни теми, но за нас многу поголем проблем е што некој во 21 век наоѓа причини да ни го негира правото слободно да си ја именуваме државата, да имаме сопствен идентитет, јазик, историја, култура и слично. Ако продолжи да се погазува меѓународното право, како што се направи врз нашиот грб и стана практика, тогаш и без климатските промени самите ќе се уништиме како човештво. Можеби сме пристрасни и тоа го гледаме низ призмата на македонскиот случај, но нашиот претседател таму е претставник на Македонија и преку македонскиот случај ќе ги истакне сите недоследности направени врз неговата земја, за на крајот да поентира дека климатските промени само ќе го дозавршат она што цивилизацијата не успеала докрај, да се доуништи – наведуваат социолозите.

Граѓаните сакаат гласноговорник што ќе говори во име на македонската кауза

На истата тема продискутиравме и со некои поранешни дипломати и експерти упатени во надворешната политика, кои исто така сметаат дека е крајно време претседателот да биде вистински репрезент на државата секогаш кога за тоа ќе му се укаже можност.
– Секоја година претседателите имаат можност да се обратат на разни теми во ОН, а тоа е одлична можност постојано да се повторува јасната македонска позиција, дека е погазено меѓународното право кога станува збор за името на државата, идентитетот и јазикот. Макар биле и досадни, но тоа треба да го повторува секој претседател постојано, како еден вид аманет. Ќе се лутат Грција и Бугарија, ќе реагираат нивните делегации во ОН, но тоа е нивен проблем, наша работа е постојано да ја соопштуваме нашата вистина наместо да внимаваме дали Атина или Софија ќе се навредат од говорот на нашиот претседател – истакнуваат соговорниците.
Тие, од контактите што секојдневно ги остваруваат со граѓаните во рамките на нивните неформални активности, констатираат дека граѓаните сакаат претседател без влакна на јазикот, што ќе говори отворено пред целата светска јавност за нашите проблеми.
– Граѓаните сакаат отворен претседател, кој секаде ќе го говори она што народот сака да го каже, а нема можност. Ќе го повторам примерот од пред 25 години, кога тогашниот заменик-министер за надворешни работи Борис Трајковски, по меѓународните критики за односот на македонските власти кон косовските бегалци, го порача она што граѓаните го чувствуваа и сакаа да им го кажат на странците, дека меѓународната заедница ја остава државава на цедило и од страна гледа сеир, додека земјава сама се справуваше со половина милион бегалци од Косово. Трајковски тогаш дрско им порача да испратат 100 авиони во Скопје и да ги пренесат бегалците во Стокхолм ако веќе толку биле загрижени за нив. Тоа беше изјава на пркос и гнев што тлееше во секој македонски граѓанин, храбра изјава што подоцна го направи претседател на државата. Истиот пристап треба да го има и нашиот претседател и затоа граѓаните од него очекуваат такви настапи, храбри, пркосни и без пардон кон никого кога станува збор за одбрана на вистината и правдата – потенцираат соговорниците.
Според нив, секоја меѓународна сцена секогаш е одлична можност за изнесување на македонските ставови.
– Ако не споменуваме, тогаш ниту една земја нема да биде свесна дека имаме идентитетски, јазичен или историски проблем. Но ако постојано и секаде го изнесуваме тоа, еднаш некој ќе праша кој навистина ги прави тие проблеми. Со молчењето само ги зајакнуваме позициите на Грција и на Бугарија и им помагаме во нивните анахрони политики кон Македонија и македонското прашање. Затоа ни треба гласен претседател, човек што со своите настапи ќе изгради авторитет како чесна, храбра и патриотски настроена личност, а не само уште еден обичен говорник во листата на говорници што кажале нешто колку да кажат. Народот сака водач и крајно време е да го добие – констатираат соговорниците.