Несомнено пораките што доаѓаат од грчките опозициски пратеници во врска со однесувањето на Грција кон Преспанската спогодба се јасен сигнал и за меѓународната заедница, особено за ЕУ и САД како посредници во целиот процес, кои сега јасно гледаат дека Договорот од Нивици е целосно компромитиран, и тоа исклучиво од грчка страна. Единствено што загрижува е нивниот молк околу целата оваа работа бидејќи како директни учесници во преговарачкиот процес, притисокот за имплементација на договореното апсолутно и севкупно го насочија кон македонската страна

И во грчкото собрание јасни пораки до грчката влада: Грција избегнува ратификација на три меморандуми на Договорот од Преспа!

Грчката нефлексибилност околу можноста да дозволи мало пролонгирање на рокот за замена на личните документи на македонските граѓани, кој во согласност со Преспанската спогодба истече на 12 февруари, беше капката што ја прелеа чашата на незадоволството имајќи предвид дека Атина беше таа што упорно одбива да ги спроведе обврските од Спогодбата од Нивици, кои се однесуваат на грчката страна.

Нератификуван договор од Нивици значи само дека Грција сѐ уште не го прифатила ниту го признала Преспанскиот договор

Имено, потврда дека Грција одбива да ја имплементира Спогодбата од Нивици пристигна од пратениците во грчкиот парламент од редовите на опозициската СИРИЗА, кои продолжија да прашуваат зошто грчката страна одбива да ги ратификува трите меморандума со Македонија, во рамките на Договорот од Преспа.
Грчките опозициски парламентарци сега отворено ја прашуваат владата на премиерот Мицотакис дали на тој начин Грција е таа што не го почитува Преспанскиот договор, односно го прави неважечки.
– Повеќе од четири години, под единствена одговорност на владата на Мицотакис, се чека на ратификација од Собранието на трите меморандума за соработка меѓу нашата земја и С. Македонија, во рамките на историскиот Договор од Преспа. Истовремено, Владата не го контролира и не го следи спроведувањето на Договорот од Преспа како што треба – рече пратеничката на СИРИЗА, Рена Дуру.

Ципрас: Ако Грција не го спроведува договореното, тогаш и Македонија нема обврска да се придржува до потпишаното во Нивици

И поранешниот грчки премиер и поранешен лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, своевремено го прозва грчкиот премиер за опструкциите на Преспанскиот договор поради нератификацијата на трите меморандума, јасно ставајќи му до знаење дека „ако Грција не го спроведува договореното, тогаш и Македонија нема обврска да се придржува до потпишаното во Нивици“!
– Едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на С. Македонија од грчки воени авиони, а другите се договори со економска содржина, кои кога ти, што се поволни за тебе, не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова – истакна претходно рече Ципрас.
Несомнено, грчките политичари отворено признаваат дека Грција не го исполнува својот дел од обврските, со што, де факто, договорот од грчка страна е ставен ад акта.

Има повеќе основи за тоа дека Преспанскиот договор е целосно компромитиран и ништовен

Следејќи го духот на меѓународноправната практика при склучување договори, како и обврските во тие договори, секое одбивање на која било страна потписник да го исполни својот дел од обврските, значи ништовност на договорот.
Впрочем, секоја држава има суверено право при склучување или раскинување договори, особено доколку договорот не е во согласност со „јус когенс“ или кои било основни услови од Виенската конвенција на договорното право од 1969 година.
И не се само меморандумите поради кои Преспанската спогодба на некој начин е невалидна, туку и самата форма на договорот. Имено, при склучувањето се споменува само хеленската република, но не и Македонија, туку земјата е именувана само како втора страна, со што не мора да се идентификува со потписниците и да презема какви било обврски. Понатаму, договорот е склучен без присуство на „бона фиде“, односно го нема принципот на добра волја, туку е наметнат, што во меѓународното право е чин без преседан и договорите склучени на таков начин се сметаат за ништовни.
Ништовноста на договорот може да се гледа и во делот на потписниците, бидејќи е потпишан од страна на министер за надворешни работи, а не од претседателот на државата како што предвидува востановената практика.
Дополнително, станува збор за исклучиво билатерален договор, кој по никоја основа не смее да наметнува обврски кон трети страни, така што забраната на важечки македонски пасоши без „северна“ за патување во трети земји е правно неиздржана.
Несомнено, пораките што доаѓаат од грчките опозициски пратеници во врска со однесувањето на Грција кон Преспанската спогодба се јасен сигнал и за меѓународната заедница, особено за ЕУ и САД како посредници во целиот процес, кои сега јасно гледаат дека Договорот од Нивици е целосно компромитиран, и тоа исклучиво од грчка страна. Единствено што загрижува е нивниот молк околу целата оваа работа бидејќи како директни учесници во преговарачкиот процес, притисокот за имплементација на договореното мораше да го насочат и врз грчка страна. Во спротивно, и тие признаваат дека договорот е компромитиран.