Фото: Влада

Доставување на Предлог уставни измени до Собранието пред да биде формирана влада во Бугарија, според премиерот Христијан Мицкоски, „би било наивно“ и „таков унилатерален потег би значел целосно загрозување, и на така загрозените евроинтеграции на државата поради авантурите на претходната влада“.

За можноста да се изгради натпартиски став за уставните измени со одложено дејство, Мицкоски, повтори дека во својот говор на 23 Октомври повикал на „натпартиска позиција за многу од отворените прашања“, додека за можноста ЛДП да влезе во владината коалиција, рече дека за тоа не е разговарано ниту во рамки на коалицијата, ниту во рамки на партијата, но дека „секоја поддршка од пратеник што ги поддржува политиките на оваа Влада е добредојдена во рамки на гласањето во Парламентот“.

Во однос на Бугарија, Мицкоски нагласи дека треба „да добиеме било каков сигнал за да почнеме да одиме напред“ и дека „сигурно нема да влеземе во било каква авантура, инаку ние можевме тоа многу порано да го направиме ако бевме почетници во оваа работа“.

– Ние не сме ниту Бујар Османи, ниту Маричиќ, ниту Ковачевски да бидеме лековерни и наивни да веруваме на интересите на трети страни. Наш интерес се македонските граѓани, државата и евроинтегративните процеси и тука стоиме во првата линија и ќе ги браниме и ќе се бориме. Имајте доверба, никогаш нема да го засрамиме граѓанинот, без разлика на етничката, политичката, партиската или непартиската припадност. Имаме заедничка цел, а тоа е Македонија еден ден да биде од европското семејство – изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, егзибицијата на Бујар Османи, Маричиќ и Ковачевски ќе не следи цело време, но прашањето е дали тоа ќе биде последната жртва или на овој пат ќе има нови препреки.

– Ние не сме во овој процес влезени без да има јасно видлив крај. Се додека нема јасно видлив крај, немаме намера ниту еден потег да правиме. Првата наша фаза беше од позиција „тоа е тоа на маса“, до позиција „дајте да бараме решение“. Втората фаза е да имаме политичка влада кај нашиот источен сосед, која ќе може да земе и политичка одговорност. Често пати ми велат, ова се ситуации во кои треба да најдеме решение „вин-вин“. Не можеме, да најдеме „вин-вин“ решение. Не може двајца да победат. Тоа е невозможно. Овде ќе биде секој по нешто за изгуби. Но, вака како што е претходно концепиран Францускиот предлог, ние губиме се, а не добиваме ништо. Не мислиме да влеземе во процесот, и по шест месеци, година, три години, повторно некое прашање од средниот век да ни биде пречка да можеме влеземе во 22-век. Тоа нема да го дозволам додека сум претседател на Владата. Кога ќе дојдат медиокритети и егзибиционисти, какви што имавме изминатите седум години во политиката, можеби тие би прифатиле се на сметка на подлабокиот нивен џеб. Мојот интерес додека сум претседател на Владата е интересот на граѓаните. Се додека 75-80 проценти од граѓаните велат не така, вака, јас тоа мора да го почитувам и ќе го почитувам – изјави Мицкоски.

Прашан дали е можно да се изгради натпартиски став за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски, посочи дека за тоа повикал и во својот говор на 23 Октомври.

– И на говорот за 23 Октомври повикав на натпартиска позиција за многу од отворените прашања, кои што според нас како Влада, претставуваат сериозни предизвици. Секој е добредојден, вратата е отворена, секој што ги споделува овие стравови, секој оној што е загрижен, вратата е отворена, може да ни се приклучи – рече Мицкоски.

Имаме јасен план и јасна стратегија што треба да се направи, рече Мицкоски, според кого „мораме сите да се обединиме, бидејќи ќе бараат меко ткивко да не пресечат“. Мораме да се обединиме, подвлече Мицкоски, ако сакаме да се успееме и да ја исправиме грешката од претходно.