Анализа за референдумската иницијатива за отцепување во канадската покраина Алберта
Неодамнешните најави дека постои реална иницијатива за референдум во канадската покраина Алберта за отцепување и осамостојување од матичната држава Канада беа повод за интересен новинарски колегиум и, во врска со тоа, една новинарска опсервација за еден меѓународноправен феномен, но и феномен на внатрешното право, во врска со кој постојат многу заблуди и нејаснотии. „Нова Македонија“ во две продолженија ќе направи напор синтетизирано да изнесе анализа на повеќе аспекти од претстојниот референдум во канадската покраина Алберта во врска со целовитоста и суверенитетот на Канада. Во таа насока, ќе се проанализираат прашања поврзани со децентрализацијата, уставноста и законитоста во современите сложени државни модели (федерација, конфедерација), како и прашања поврзани со феноменот на раздружување од матичната држава.
- Регионот Алберта во Канада е последен во низата примери кога регионалната автономија прераснува во политичка платформа за редефинирање на државата. На примерот на Канада ќе направиме политичка проекција за начинот и чекорите за редефинирање и дисолуција на државите, било да се тие сложени, неунитарни (федерации или конфедерации) или унитарни, како на пример Р Македонија, каде што постојат и некои меѓучекори што треба евентуалните сецесионисти да ги направат на внатрешнополитички и правен план за да дојдат во фаза на легитимно и легално отцепување (дисолуција на територијалниот интегритет и суверенитет) според меѓународното право…
Референдумската иницијатива закажана во канадската покраина Алберта, иако формално претставена како „референдум за можен иден референдум“, повторно отвори една од најстарите и најчувствителни политички дилеми на современиот свет. Имено, колку се навистина стабилни сложените држави кога еднаш ќе се отвори прашањето за суверенитетот на нивните составни делови? Изјавата на покраинската премиерка Даниел Смит дека таа лично е за останување на Алберта во Канада, а не за одвојување, не ја намалува тежината на самиот процес. Напротив. Самото поставување на прашањето за можноста за отцепување покажува дека во федералните и сложени државни системи, регионалниот политички идентитет може релативно брзо да се претвори во политичко барање за нов државен статус.
Токму затоа канадскиот случај има многу пошироко значење од дневнополитичкиот контекст во Отава. Тој претставува потсетник дека секоја држава што постепено го фрагментира својот суверенитет создава паралелни политички легитимитети и ги зајакнува регионалните центри на моќ, отвора простор за идни сепаратистички процеси без разлика дали тие ќе се реализираат веднаш или по неколку децении.
Референдумот во Алберта е закажан за 19 октомври годинава. Предвидено е гласачите да се изјаснат за 10 прашања што ги опфаќаат имиграцијата, правилата за покраински избори, уставните односи и дали покраината треба да започне процес за потенцијално напуштање на Канада. Гласањето служи како голем тест за националното единство, поттикнато од порастот на регионалното незадоволство по реизборот на федералната либерална влада предводена од премиерот Марк Керни.
НЕУНИТАРНИТЕ (СЛОЖЕНИТЕ) ДРЖАВИ СЕКОГАШ ГО НОСАТ ВО СЕБЕ И ПРАШАЊЕТО ЗА РАЗДРУЖУВАЊЕ
Историјата покажува дека речиси секоја сложена држава во одреден момент се соочила со прашањето на внатрешно разединување. Од распадот на Советскиот Сојуз и распадот на Југославија, па до референдумските процеси во Квебек, Шкотска или Каталонија, логиката е речиси идентична.
Кога регионите добиваат политички субјективитет, институционална автономија и чувство на посебен легитимитет, прашањето за „поголема самостојност“ природно почнува да се движи кон прашањето за „целосна самостојност“.
Во унитарните држави, централниот суверенитет е неделив и уставно концентриран. Но во федерациите и конфедерациите, суверенитетот е распределен, а токму таму се создава правниот и политичкиот простор за идни барања за отцепување. Канада денес е најсвежиот пример за тоа колку тенка може да биде линијата меѓу децентрализацијата и потенцијалната дезинтеграција.
Поуката од Алберта
Најважната поука од Алберта не е дали покраината навистина ќе се обиде да се отцепи.
Најважната поука е дека еднаш кога ќе се создадат институционални и политички механизми преку кои регионите почнуваат да се доживуваат како речиси самостојни политички ентитети, прашањето за раздружување неизбежно влегува во јавниот простор.
И тогаш веќе не станува збор само за право туку за политичка психологија, идентитет и чувство на посебност.
Токму затоа секоја држава што сака да остане стабилна мора внимателно да ја балансира локалната автономија со зачувувањето на единствениот и неделив државен суверенитет.
Историјата покажува дека кога тој баланс ќе се наруши — распадот повеќе не изгледа како невозможна опција. Р.С.
Редакциската опсервација продолжува утре со темата „Регистрирање на индикаторот кога државата почнува да го губи суверениот центар“
Канадски модел: Демократија или постојана можност за раздружување?
Со одлуката на канадскиот Врховен суд од 1998 година се утврди дека „покраините не можат еднострано да се отцепат“! Но, истовремено, судот призна дека „јасно изразена демократска волја на населението отвора обврска за политички преговори со федералната власт“!
Тоа е суштината на проблемот. Во сложените држави, дури и кога уставот формално не дозволува еднострано отцепување, самото постоење на федерални единици со висок степен на автономија создава механизам преку кој прашањето за независност станува легитимна политичка тема. Во пракса, тоа значи дека секоја економска криза, етничка поларизација, енергетски конфликт или спор околу распределбата на ресурсите може да стане повод за активирање сепаратистички агенди.
Канадската покраина Алберта денес го прави тоа преку прашањето за нафтата, федералните даноци и чувството дека официјална Отава (имено Канада) не ги разбира интересите на западниот дел од државата. Утре можеби некоја друга покраина може да го направи тоа преку идентитетски или јазични прашања… Р.С.
Балканот веќе го помина овој пат
За Македонија, канадскиот пример има дополнителна тежина затоа што Балканот веќе има историско искуство со постепено трансформирање на децентрализацијата во политичка платформа за раздружување.
Во поранешна Југославија републиките најпрво добија широки автономии, сопствени институции и уставни права, а потоа токму тие механизми беа искористени како правна и политичка основа за независност. Процесот не се случи прекуноќ. Тој започна со федерализација, продолжи со сегментирање на политичкиот суверенитет, а заврши со целосно раздружување.
Токму затоа во Македонија прашањата за уставниот карактер на државата, степенот на децентрализација и етничкиот модел на политичко организирање секогаш предизвикуваат длабоки општествени дебати. И треба да е така. Р.С.
Децентрализацијата има две страни на истиот медал
Од една страна, модерната децентрализација е европски стандард. Локалната самоуправа, регионалниот развој и поголемата финансиска автономија можат да ја направат државата поефикасна и подемократска.
Но, од друга страна, кога децентрализацијата почнува да се врзува со етничка територијализација, со создавање политички блокови по национална линија или со идеи за паралелни модели на суверенитет, тогаш таа престанува да биде само административна реформа. Тогаш станува геополитичко прашање.
Во македонскиот контекст затоа секоја иницијатива што би можела да се протолкува како создавање компактни етничко-политички региони неизбежно предизвикува стравувања кај дел од јавноста дека долгорочно може да се отвори простор за федерализација или конфедерализација.
Тие стравови не треба автоматски да се прогласуваат ниту за параноја ниту за апсолутна вистина. Но тие не смеат ни да се игнорираат, бидејќи искуствата од Европа и светот покажуваат дека сложените државни конструкции секогаш се почувствителни на центрифугални процеси. Р.С.
Внесувањето нови народи во Уставот – политичко или државно прашање?
Дебатата околу внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав дополнително ја отвори дилемата за тоа каде завршува европската интеграција, а каде започнува редефинирањето на државниот идентитет.
За еден дел од јавноста станува збор за техничко усогласување со европските барања и проширување на рамката на граѓанска еднаквост.
За друг дел, пак, тоа е дел од поширок процес на постепено менување на темелниот карактер на македонската држава и отворање простор за идни идентитетски и политички условувања.
Токму затоа ова прашање не може да се третира само како дипломатска формалност. Напротив, тоа има силна и државотворна димензија! Р.С.

Македонија меѓу европската интеграција и стравот од фрагментација
Најголемата грешка што може да ја направи македонската политичка елита е да ги игнорира овие дебати или да ги сведува на дневнопартиски пресметки. Современите држави не се распаѓаат само преку војни. Тие често се трансформираат постепено — преку уставни измени, редефинирање на надлежностите, создавање паралелни политички легитимитети и слабеење на заедничкиот државен идентитет. Канадскиот пример со покраината Алберта покажува дека дури и една од најстабилните западни демократии не е имуна на вакви процеси.
Ако такви дилеми се отвораат во Канада, тогаш сосема е природно Македонија — со својата сложена историја, етничка чувствителност и геополитички притисоци — внимателно да ги анализира сите модели што можат да влијаат врз долгорочната стабилност и на карактерот на државата. Р.С.

































