Во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, вечерва, 3 јули 2026 година (петок), со почеток во 20 часот, во Ерменската католичка катедрала „Сурп Левон“ во Кадиќој, ќе се одржи пијано рецитал на македонската пијанистка Даница Стојанова.
-Стојанова е една од најреномираните македонски пијанистки и музички педагози, со богата меѓународна кариера како концертен уметник и долгогодишна работа во областа на музичкото образование. Во текот на својата кариера настапувала на бројни сцени низ Европа, Азија и Соединетите Американски Држави, а нејзината работа е препознаена со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија – велат од КИЦ во Истанбул.
На програмата на концертот ќе бидат изведени дела од Томислав Зографски, Николај Медтнер, Јана Андреевска, Благој Цанев и Енрике Гранадос, претставувајќи музичко патување низ различни епохи и композиторски изрази.
Концертот се реализира со поддршка на Асоцијацијата на Истанбулската филхармонија и во соработка со Ерменската католичка катедрала „Сурп Левон“, продолжувајќи ја мисијата на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул за промоција на македонската музичка и културна уметност, како и за јакнење на културниот дијалог меѓу Македонија и Република Турција.


































