Фото/Илустрација: Пиксабеј

Поранешниот полски премиер Лешек Милер изјави дека владата на Матеуш Моравјецки „ќе живее пократко од винска мушичка“

Превирања во Полска

Во Полска се создава Театарот на апсурдот на Јонеско. Ултраконзервативната партија ПиС, која ги загуби неодамнешните избори, со сите сили сака што е можно повеќе да го одложи своето заминување од власт и одење во опозиција по осум години. Иако е јасно дека нема мнозинство во полскиот парламент, Сејмот, ниту коалициски партнер (радикалната десничарска партија Конфедерација ја отфрли оваа можност, но и со неа не би го имале потребниот број гласови) со кој би можел да формира влада, лидерот на ПиС, Јарослав Качински, и неговиот близок соработник Анджеј Дуда, полскиот претседател, сепак му дадоа залуден мандат на „нивниот“ поранешен премиер Матеуш Моравјецки, според онаа народната „безработен поп и јариња ќе крштева“. Таа влада дури положи заклетва во претседателската палата пред Анджеј Дуда, пред да го помине ветингот на претставниците.

ПиС има најмногу пратеници, но тоа е само Пирова победа, па изведоа догматски трик повикувајќи се на уставната одредба дека тој што добил најмногу гласови има право на „прв избор“, односно право на обид да формира влада. Така, Качински и Дуда го турнаа Моравјецки во самоубиствена мисија да формира влада што, како што рече поранешниот полски премиер Лешек Милер, „ќе живее пократко од винска мушичка“, а полските независни медиуми веќе ја нарекуваат „влада на зомби“. Имено, веројатно ќе трае само до 14 декември, кога треба да се гласа за доверба.

Интересно е што дури и прокремљската агенција ТАСС во својот коментар дава само десет отсто шанси пратениците да ја поддржат владата на ПиС. Но, на самиот Моравјецки му е јасно дека станува збор за бесмислена и бесплодна работа, па во таа „техничка влада“ стави луѓе од својот „интимен“ политички круг, кои ѝ се сосема непознати дури и на пошироката полска јавност. Дури и мнозинството жени се во владата, што е популистички потег, но што покажува како ПиС ладно ги жртвуваше, испраќајќи ги на политичко минско поле. Единствено поистакнато име е Мариуш Блашчак, министерот за одбрана, кој до последен момент тврдеше дека нема да влезе во владата затоа што ја презеде функцијата шеф на пратеничкиот клуб ПиС, во што некои полски аналитичари дури гледаат најава дека Качински го подготвува за негов наследник. Така, неговото појавување во оваа краткотрајна владина епизода всушност беше тест за лојалноста и жртвата што е подготвен да ја направи за „трампистот“ ПиС.
Но, како што изјави за едно радио Марцин Кирвињски, висок функционер на Граѓанската платформа (Платформа обивателска – ПО), поранешниот премиер Доналд Туск – лидер на коалицијата што ја вклучува неговата ПО, партискиот сојуз на неколку центристички партии, Третиот пат (Трзеција дрога – ТД) и Левица – ќе биде „100 отсто нов премиер на Полска“, а владата со која ќе излезе во јавност е веќе договорена за кога парламентот конечно нема да гласа за владата на ПиС. Потоа, Сејмот ќе предложи нов мандатар, а тоа ќе биде Доналд Туск, што би можело да биде во втората половина на декември. Тие партии потпишаа коалициски договор и од 460 пратенички места во Сејмот, имаат доволно 248 за мирно владеење.

Сепак, пред Моравјецки да ги претстави програмата и министрите во Сејмот, полските медиуми наведуваат дека ПиС води очајна борба во потрага по „жетони“ што ќе им овозможат да останат на власт или барем да ја спречат стабилноста на владата на Туск. Со доаѓањето на Туск на власт, полската внатрешна, а особено надворешна политика ќе претрпи големи промени, т.е. Полска повеќе нема да биде „европски проблематичар“, туку ќе биде полојална на Брисел, велат аналитичарите, при што додаваат дека со тоа ќе ја остави Унгарија на Виктор Орбан сама на чистина, затоа што Словачка со Роберт Фицо не е толку силна алка во опозиција на ЕУ. Во Полска очигледно осамнуваат нови мугри, а по изборите во Холандија, Брисел повторно добива силен адут.

Подготвил: Митко Јовановски