Генералштабот на Армијата на Македонија јавно се спротивстави на секој обид нарушување на кредибилитетот, интегритетот и угледот на АРМ, откако дел од поранешните и сегашни припадници на баталјонот за специјални намени „Волци“ во отворено писмо реагираа во одбрана на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки. Ваквите реакции од армиските редови уследија откако Ковачки и премиерот Димитар Ковачевски разменија низа навредливи прашања и обвинувања на вчерашната собраниска седница.
– Армијата, како и секогаш досега ќе опстои на определбата да не биде инволвирана во било какви партиски влијанија од било кого, а уште повеќе ќе се спротивстави на сите обиди од било кои групи или поединци кои политичките ставови ги пласираат затскриени во име на припадниците на Армијата – се наведува во соопштението од Канцеларија за односи со јавноста на Генералштабот, а во врска, како што посочуват, со објавите кои континуирано се појавуваат на социјалните мрежи и одредени интернет-портали, во кои во име на припадниците на Армијата се прават обиди за инволвирање на Армијата во политичките случувања.
Дел од „Волците“, пак, застанаа во одбрана на пратеникот Ковачки, откако премиерот го нарече кодош, дезертер и странски шпион.
– Реагираме по повод изнесените лаги за братот Драган Ковачки, кој од страна на премиерот Димитар Ковачевски беше наречен дека е кодош, дезертер и странски шпион – се вели во соопштението на дел од „Волците“, каде што се додава дека политиката не ги интересира.
Ковачки претходно на прес-конференција истакна дека Ковачевски го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е трајно за служење војска. Тој во прилог на тврдењата покажа документ, извадок од евиденциона книга на АРМ, што беше објавен на социјалните мрежи. ВМРО-ДПМНЕ потоа побара оставка и утврдување на деловната способност на премиерот.