Фото: Игор Бансколиев

По последното невреме и обилните врнежи од дожд беше предизвикана значителна материјална штета на имотите на граѓаните и на институциите во Тетовско, но настрадаа и Полог, Пелагонија, Велешко, Светиниколско, Скопско, Кумановско… Во голем дел од погодените подрачја водата од поплавените улици навлегуваше во подрумите на куќите и на зградите, откорнати дрвја паѓаа врз автомобилите, имаше урнати потпорни ѕидови, настрадаа посевите и насадите…, а пријавени беа и поплави во рудникот „Суводол“, од каде што се носат најголемите количества јаглен за РЕК „Битола“

ЗОШТО САМО ЛЕЧИМЕ KOГА МОЖЕ И ДА СПРЕЧИМЕ

Само неколку дена откако Дирекцијата за заштита и спасување на реката Вардар реализира спасувачки вежби за спасување и извлекување повредени и починати лица од поплави предизвикани од поројни дождови, на повеќе места низ Македонија се случија вистински потопи, во кои, за среќа, немаше човечки жртви, но имаше огромни материјални штети. Уште една ситуација, која којзнае по кој пат го наметна прашањето за способноста за превенирање на поплавите, но и на сите други елементарни непогоди, кои според голем број прогнози, сѐ почесто би можеле да се случуваат во земјава поради забрзаните климатски промени. А бидејќи ваквите непогоди стануваат сѐ попредвидливи, навистина изненадува тоа што надлежните дозволуваат, во случајов, поплавите и понатаму да ги загрозуваат животите и да предизвикуваат огромни материјални штети.
Следејќи ги настаните во изминативе неколку дена, може да се види оти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) уште кон крајот на минатата недела предупредила дека во текот на викендот ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер од над 70 километри на час и појава на град и дека Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш потоа ги повикал граѓаните на внимателност од силно локално невреме и можни опасни порои од обилен дожд. Животите на граѓаните, за среќа, овој пат не беа загрозени, но што со материјалните штети, кои сѐ уште се сумираат во сите делови од земјава.
Значителна материјална штета на имотите на граѓаните и на институциите беше предизвикана во Тетовско, од каде што, по состанокот на кризниот штаб на општината, рекоа дека за надминување на состојбите ќе биде потребна помош од Владата. А освен Полог, настрадаа и Пелагонија, Велешко, Светиниколско, Скопско, Кумановско…, каде што од поплавените улици водата навлегуваше во подрумите на куќите и на зградите, откорнатите дрвја паѓаа врз автомобилите, имаше паднати потпорни ѕидови, настрадаа посевите и насадите…, а пријавени беа и поплави и големи сливови на вода во рудникот „Суводол“, од каде што се носат најголемите количества јаглен за РЕК „Битола“.

– Ние, како Центар за управување со кризи, навреме и целосно го покривме делот за раното предупредување, така што граѓаните навреме беа известени да ги заштитат своите животи и имотите од најавеното невреме, а исто така ги известивме и сите општини во Македонија и Град Скопје, како и сите јавни комунални претпријатија под надлежност на локалната самоуправа за да можат навреме да се погрижат за инфраструктурата. Исто известување испративме и до надлежните министерства. Во конкретниот случај, треба да се знае дека главната цел што од нас се очекува да ја реализираме, а тоа е заштита на животите на граѓаните, ја постигнавме. За тоа што се направени одредени материјални штети објаснување треба да се бара во неизградената инфраструктура, поради што ние сѐ уште само во Скопје имаме атмосферска канализација, а во остатокот од земјава многу често има нефункционални одводни канали, урбанистички хаос бидејќи се гради и таму каде што во никој случај не би смеело, намален е шумскиот појас како природна заштита од поплави… Сето тоа делумно е во надлежност на локалните, а делумно на централната власт, кои, за жал, досега не успеаја да се справат со овие проблеми – објасни државниот советник во Центарот за управување со кризи, Драги Тарчуловски.
Поради сите наведни причини, дури и не толку големи врнежи во Македонија, резултираат со огромни материјални штети, објаснува тој, наведувајќи ги како голем успех во превенцијата во изминативе неколку години авионското засејување на облаците и учеството на државата со 40 отсто во осигурувањето на земјоделските површини од штетите предизвикани од невремето.

Инаку, вежбата што се одржа кон крајот на минатата недела не беше насочена кон превенирање, туку кон санирање на последиците од поплавите.
Заменик-директорот на ДЗС, Зулфиќар Зејнула, информира дека во 35 подрачја на дирекцијата има околу 300 вработени луѓе, но прашан дали е тој број доволен, тој рече дека кога станува збор за природни непогоди, никој не може да направи точна процена колку луѓе треба да има во екипите.
Координаторот на ДЗС за големи настани со пожари и поплави, Ивица Наумовски, рече дека овој настан е дел од процесот на едукација на силите за заштита и спасување што ги поседува ДЗС.
На новинарското прашање дали е доволна опремата со која располага, тој рече дека таа никогаш не би била доволна и секогаш ќе недостига екстра опрема.
Процените на штетите од поплавите покажуваат дека тие секогаш се многу повисоки од трошоците за спроведување на превентивните мерки. Превентивните мерки за заштита од поплави, какви што се регулирањето на речните корита, изградбата на насипи, пошумувањето… чинат помалку од санацијата на штетите што можат да настанат со поплавите. Д.М.М.


Пожар во Тетовско

На самиот почеток од работната недела по „поројниот“ викенд во Македонија, избувна пожар во Тетовско, од каде што само што беа пријавени огромни штети од поплавите. Поради пожарот што избувна во кругот на поранешната фабрика „Македонија табак“ на излезот од Тетово кон Скопје, вчераутро, по девет часот, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа за значително влошување на квалитетот на воздухот, по што во градот беше прекината и наставата, а до граѓаните беше упатен апел да не излегуваат без потреба од своите домови.
Во гаснењето на пожарот беа вклучени пожарникари од повеќе градови, како и екипи од МВР и од армијата со хеликоптери.
Информациите од терен кажуваат дека опожарениот простор во изминатиов период бил користен како магацин за стиропор и за градежни материјали.