Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија и нивното спроведување ќе го гарантира лично францускиот претседател Емануел Макрон, објави „БГНЕС“, повикувајќи се на извори во партиите членки на бугарската владина коалиција. Бугарската агенција тврди дека „Софија добила вакво ветување од Париз“, како што информирал претставник на бугарската Влада на седницата на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија одржана во петокот, на која главна тема биле односите на Софија со Скопје.

– Ова во пракса значи дека целосно му веруваме на Макрон, но во исто време ризикуваме да западнеме во децениски спор, бидејќи секоја од земјите членки ќе може да блокира каква и да било одлука. Тоа ќе биде бесконечен спор, а ние не сакаме турска варијанта – изјавил еден од изворите на БГНЕС, учесник на седницата на Советот.

Претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското Министерство за надворешни работи, наскоро ќе заминат во посета на Париз на средба со Макрон, кој ќе им презентира предлог за укинување на ветото на Софија, за старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, според „БГНЕС“.

Според друг учесник на седницата на Советот, францускиот план содржи предлози кои не се целосно јасни и воопшто не е сигурно дека Европската комисија може да даде гаранции за нивно спроведување во иднина.

Изворите посочуваат дека Франција инсистира на ваквото решение „поради желбата на Украина да започне преговори за членство во ЕУ“, а би претставувало многу лош сигнал ако Киев добие покана, а Македонија и Албанија продолжат да чекаат. Планот на Макрон мора да биде готов пред заседанието на Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ, но претходно треба да биде одобрен од бугарското Министерство за надворешни работи, посочува изворот.

– Бугарија многу повеќе од самата РСМ, а да не зборуваме за Франција, која прва ја блокираше РСМ, сака властите во Скопје да започнат преговори за членство во ЕУ. Решението е можно и може да се најде многу брзо, доволно е да постои минимална волја од страна на делегациите на двете министерства за надворешни работи – додава еден од изворите на „БГНЕС“.