Пред почетокот на последната етапа, Хиндли имаше една минута и 25 секунди предност во однос на второпласираниот Карапаз, кој на крајот заостана 18 секунди. Хиндли ја загуби трката во 2020 година токму во последната етапа

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Хиндли е првиот Австралиец што триумфира на Џиро д’Италија

Џеј Хиндли (26) триумфира на годинашното 105-то издание на престижната трка Џиро д’Италија и со тоа стана првиот австралиски велосипедист што победил на таа грантур-трка.
Пред почетокот на последната етапа, која се возеше на хронометар, Хиндли имаше една минута и 25 секунди предност во однос на второпласираниот Ричард Карапаз од Еквадор, кој на крајот заостана 18 секунди. Третото место му припадна на Шпанецот Микел Ланда со 3,24 минути заостанување, а четврти беше двократниот шампион на оваа трка, Италијанецот Винченцо Нибали, со заостанување од девет минути. Хиндли ја загуби трката во 2020 година токму во последната етапа на хронометар.
– Во главата го имав тоа што се случи во 2020 година и не сакав да дозволам да ми се повтори истото. Да се победи тука е навистина неверојатно – изјави Хиндли, пренесува „Би-би-си“.
Годинашнава трка имаше вкупно 21 етапа, а беа извозени 3.450 км. На трката настапија 22 тима со 176 велосипедисти. Најмногу победи досега на оваа трка, по пет, имаат Алфредо Бинда, Фаусто Копи и Еди Меркс. Г.И.


КОЊИЧКИ СПОРТ – МАЈСКИ ТУРНИР И ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Во класата дебитанти четири први места

Во организација на коњичкиот клуб Вивакс, а на терените на клубот Бравадос во Волково, изминатиов викенд се одржаа 2. „Мајски турнир“ и 2. коло од Отвореното првенство на Македонија во прескокнување пречки за 2022 година. На програмата беа пет натпревари во класите А, Б, Ц, Д и дебитанти, со височина на пречките од 0,6 до 1,15 метар и ширина 1,3 метар.
Во класата А (0,8-0,9 м) победи Лиа Каев со грлото „Нур“ од клубот Анималс. Во класата Ц (0,90- 1,1 м) со одржан еден бараж триумфира Ева Димитриевска со грлото „Ерос“ од клубот Бравадос. Во класата Б (1-1,2 м) најуспешна беше Љупка Аврамовиќ со грлото „Колпо Гросо“ од клубот Бравадос. Во класата А (1,1-1,3 м) доминира Петар Милошевски со грлото „Надја“ од клубот Бравадос.
Во петтиот натпревар, во класата дебитанти (0,6-0,7 м), сите што го апсолвираа паркурот без казнени поени го делат првото место: Калина Колевска со грлото „Прешес“ од клубот Анималс, Горјан Атанасовски со грлото „Лори“ од клубот Илинден, Кристина Атанасова со грлото „Војвотка“ од клубот Анималс и Матеа Димовска со грлото „Прешес“ од клубот Анималс. Г.И.


ХОКЕЈ НА МРАЗ
Финска доминира, на олимписката титула ја додаде и светската

Хокеарите на Финска ја освоија четвртата светска шампионска титула откако славеа во финалето на Светското првенство (СП), кое се играше во таа земја. Во мечот за златниот медал, Финска го победи ланскиот светски првак Канада, со 4-3, по продолженијата (по три третини резултатот беше 3-3).
Планетарни првенства во хокеј на мраз се играат од 1920 година, а годинашното првенство беше 85-то по ред. Првпат во историјата на мундијалите две репрезентации играат во финалињата на три шампионати во низа. Финска ја освои својата трета титула на СП 2019 во Словачка, по победата во финалето над Канада со 3-1. СП во 2020 година не се одржа поради пандемијата на коронавирусот. Двете репрезентации играа во финалето и на СП 2021 во Летонија, кога победи Канада со 3-2, исто така, по продолженија (во регуларното време беше 2-2).
Финска, која деветти пат беше домаќин на едно СП, претходно беше планетарен првак во 1995, 2011 и во 2019 година, а од СП има и уште девет сребрени и три бронзени медали. Финска е и актуелен олимписки првак од Зимските олимписки игри (ЗОИ) одржани годинава во Пекинг.
Бронзениот медал го освои репрезентацијата на Чешка, откако во натпреварот за третото место ја победи селекцијата на САД со 8-4. Италија и Велика Британија испаднаа од врвната светска лига, а нови членови се Словенија и Унгарија. В година Светското првенство треба да се игра во Финска и во Летонија.