Диво месо

Кои се причините за постоењето диво месо во различни структури на една држава, во цивилизациите, па дури и меѓу државите? Причините се карактерните особености на обичните луѓе, политичарите, властодршците и моќниците. За Македонија, Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и неукоста, лекомисленоста, ароганцијата и властољубието на политичарите прераснаа во диво месо, што доведе до разнебитување на Македонците

Насловот на денешниов текст е позајмен од драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски. Драмата зборува за распаѓањето, пред Втората светска војна, на едно македонско семејство, кое го сочинуваат: таткото Димитрија, мајката Марија, трите сина: Симон, Стефан и Андреја и снаата Вера, жена на Симон. Имињата на трите сина ги опишуваат нивните карактери, па така, Андреја е бунтовникот (неговото име значи „мажествен, силен, воин“), Стефан е венценосецот (неговото име значи „венец, круна“, во поширока смисла „да заокружи“), додека Симон е послушниот (неговото име значи „слуша“). Нивната судбина е различна: Андреја завршува во затвор, Симон починува, додека Стефан во последната сцена на пиесата, пред урнатините на семејната куќа, сфаќајќи дека поради неговата желба за успех, манифестирана преку егоизам, ескапизам и ароганција, го прегазува своето достоинство и го разнебитува своето семејство, беспомошно пука во воздух.
За потребите на овој текст ќе се осврнам на два клучни настани од осмата сцена на пиесата, коишто, иако добро познати, сепак, ќе ги повторам уште еднаш.
Првиот настан е поврзан со доаѓањето во нивниот дом на гостинот од Германија и визиите на Марија за злото што го насетува од неговата посета, па така, таа пее: „Да сум бистра вода, мори мамо, да сум бистра вода, мамо мори мамице, јас знам кај да течам. (Пауза.) Диво месо“. На прашањето што е диво месо, Стефан објаснува: „Тоа е бабина деветина. Празно верување дека ако некому му влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расте и нарасне толкаво да го угуши човекот“.
Вториот момент е инициран од расправата во семејството, веднаш по заминувањето на гостинот, што настанува поради желбата на гостинот да ја откупи куќата, одбивањето на Димитрија и позитивниот пристап на Стефан поради неговата кариера. Расправата завршува со зборовите на Димитрија: „Да знаев какви ќе излезете, ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветер, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! И се прди на Европа за вас. Воздивнувате по Германија! А таткото што ги изгубил нозете за вам да ви направи куќа е помија што не знае два и два и им пречи на Европјаните да прават кариера. Не знаете да се чувате. Живеете на вересија. Ќе загинете по некои дупки, ќе ве изедат пајажини, името ќе ви се запусти, трага нема да остане од вас. Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење“.

Пиесата „Диво месо“ е напишана во 1979 година, а за неа авторот ќе рече: „Кога ја пишував пиесата ‘Диво месо’, мислев дека таа се однесува на минатото. Сега гледам дека се однесувала на иднината“. Се чини дека денес, четири години по заминувањето на Горан Стефановски од овоземниот свет, таа е сѐ уште актуелна, поради постоењето диво месо во различни општествени структури, па така не само семејствата туку и институциите во Македонија, државата Македонија и планетата Земја ги демнат застрашувачки, демонски, разнебитувачки искушенија што може да го задушат нивното постоење/нивниот опстанок.
Зошто вакви размисли? Кои се причините за постоењето диво месо во различни структури на една држава, во цивилизациите, па дури и меѓу државите? Причините се карактерните особености на обичните луѓе, политичарите, властодршците и моќниците. За што станува збор, можеби, најдобро говори филозофот – неоплатонист Јамблихус од Сирија пред околу 1.800 години: „Во сегашниот живот се збрани луѓе со повеќекратни барања, желби, активности. Некои се разгневени од желбата за богатство и луксуз, други од љубовта кон моќта и доминацијата, или од лудата амбиција за слава.“ Поаѓајќи од тоа, ќе се обидам да ги илустрирам предизвиците со кои денес се соочуваме, преку три примери.
Првиот пример се однесува на појавата на диво месо во институциите во Македонија, при што, тука, би се осврнал, на пример, на една образовна и/или научна институција (иако, има многу примери за тоа, но за да не ми замерат ќе се обидам генерално да пишувам, не именувајќи конкретни институции). Па така, институцијата е составена од одреден број, на пример, осум структурни единици или центри и доколку еден од овие центри станува, во однос на другите центри, доминантен, што значи располага со поголем број човечки, финансиски и други ресурси, тогаш често се случува раководителот на тој центар да стане дрзок, неук, арогантен, лекомислен, желен и жеден за власт, па дури на моменти и насилен, со еден збор диво месо во институцијата. Или, ако сакате Изногуд – да се послужам со ликот од еден француски хумористичен стрип – калиф наместо калифот, којшто себично се грижи само за центарот со којшто раководи, но не и за институција при којашто центарот е составен организациски дел. Неговите карактерни особености се манифестираат на различни начини што водат кон институционално задушување, од непочитување на редот и поредокот до самоволно преземање на ингеренциите на одговорните лица на институцијата, чиј составен дел е центарот, и на надлежните државни институции. И тогаш, општата конфузија и хаосот најчесто доведуваат до разнебитување на институцијата.

Вториот пример се однесува на Македонија. За Македонија, Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и неукоста, лекомисленоста, ароганцијата и властољубието на политичарите прераснаа во диво месо, што доведе до разнебитување на Македонците. Тврдењето „Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло, никогаш не рекоа ‘не си Македонец’“ е погрешно. Нивното невелење „не си Македонец“, двојна негација во реченицата, не значи и никогаш нема да значи: ти си Македонец. Поточно, според ООН, термините „Македонија“ и сите нејзини деривати, што, впрочем, е предвидено со Преспанската спогодба, во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци. Меѓутоа, во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, Преспанската спогодба не може да забрани и понатаму да продолжиме да зборуваме, пишуваме, пееме, цртаме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја, народ, за Македонците во Егеј и во Пирин. Токму тоа од нас го бараат Бугарите. Преспанската спогодба можеби за некои е успех и најголемиот дипломатски дострел на Македонија, но за повеќето, вклучувајќи ме и мене, Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија се најголемиот наш срам. Ќе се запрашате зошто? Зар фактот што со Преспанската спогодба и со Договорот за добрососедство со Бугарија се откажавме од Македонците во Бугарија и во Грција не е застрашувачки, нечовечен, недостоинствен, неморален? Зар тоа не е почеток на крајот?
Третиот пример е посветен на давање краток осврт на меѓународната состојба. Подвлекувајќи дека за ова е потребна многу подетална анализа, вклучувајќи ги сите аспекти на глобалниот поредок, сепак се одлучив во денешниов текст да цитирам двајца врвни интелектуалци, Славој Жижек и Ели Заретски, користејќи нивни текстови објавени во мај 2022 година. Според Жижек, „треба да ја разгледаме двосмисленоста на нашата поддршка… со истата груба отвореност со која ги разгледуваме позициите“ на оние што не ги поддржуваме. „Треба да ги надминеме двојните стандарди со кои ја вреднуваме вистинската природа на европскиот либерализам“. Според Заретски, пак, „САД придонесоа за светскиот мир со учеството во Втората светска војна и, потоа, пополнувајќи ја празнината што настана во Европа веднаш по војната“.

Меѓутоа, САД со текот на времето, постепено, прераснаа, поради нивната доминантна и несразмерна улога во глобалниот поредок, во клучен генератор на проблеми. Иако, во принцип, САД немаат безбедносни проблеми, тие редовно започнуваат војни во странство, во Виетнам, Ирак или Авганистан и поттикнуваат милитаризација во светот. Тоа резултираше во нивна „арогантна надворешна политика“, што, денес, во услови кога светот е мултиполарен, може да предизвика сериозни предизвици.
Денешниов текст ќе го завршам со цитат од „Диво месо“, со зборовите што ги говори гостинот од Германија: „Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинитивна состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство“. Меѓутоа, за среќа, последниот настан влева надеж: Српската православна црква призна дека на овие простори Македонците постојат повеќе од еден милениум, па затоа да го искористиме поволниот момент, пристапувајќи кон креирање консензус за опстојба и одржлив развој на Македонија, да започнеме со процесот на градење благосостојба. Оти, македонизмот е жив и ќе опстои, а Македонија треба и може да има светла и просперитетна иднина.