Македонски партизани од егејскиот дел на Македонија

Една од првите позначајни активности што произлегуваат од соработката помеѓу Македонците и грчките комунисти е т.н. Драмско востание, кое започнало на 29 септември 1941 година. Бугарските воени и полициски сили започнале со настапување и на 30 септември востаниците се повлекле од рамните области, а борбите се фокусирале во северните области на Кавалско и Правишко. Во текот на овие три дена, 29 и 30 септември и 1 октомври, се смета дека се масакрирани од 2.500 до 3.000 лица во околината на Драма. Оваа бројка е потврдена и од бугарскиот даночен службеник Петар Јанков од Драма, во делото „Црна книга на бугарските злосторства во Источна Македонија и Западна Тракија 1941-1945“, издадена во Атина во 1945 година, на стр. 22

Од историските архиви:

Антифашистичката борба, како борба на Македонците за национална слобода и сопствена држава, не е ограничена само на територијата на денешната современа македонска држава. Имено, во борбите против нацистичка Германија и фашистичка Италија, како и нивниот сојузник царска Бугарија, учествува и македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, денес Република Грција. Македонскиот народ во Егејска Македонија активно учествуваше во антифашистичката војна во периодот од 1941 до 1945 година и даде голем број човечки животи за остварување на македонските национални интереси.
За разлика од Македонците од вардарскиот дел на Македонија, кои биле обединети и координирани од страна на Југословенската комунистичка партија, во Грција како природен сојузник на Македонците се пројавуваат грчките левичарски средини, особено Грчката комунистичка партија. Во рамките на соработката и сојузот со грчките левичари, македонскиот народ од егејскиот дел имал минимални и максимални националнополитички определби. Минималните барања се состоеле од признавање на македонските национални слободи – јазик, култура, историја и др., а максималните барања се состоеле од стремежот за обединување на македонскиот народ од сите делови на Македонија во рамките на една македонска национална држава.

Окупација на егејскиот дел на Македонија

Подготовките за окупација на егејскиот дел на Македонија ја вклучувале и царска Бугарија, како во планот на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, така и во планираните окупациски активности на Хитлер. На состанокот што го одржал Мусолини во палатата „Венеција“ на 15 октомври истакнал: „Бугарија може да влезе во нашата игра и јас нема да се поколебам да ги преземам потребните мерки за да ја искористам единствената можност што ми се укажува, нејзе да ѝ се овозможи реализирање на аспирациите кон Македонија и добивање излез на морето“.
Централниот дел на егејска Македонија (западно од реката Струма, па до Лерин на запад), потпаднал под германска окупација, додека западниот дел од Лерин, вклучувајќи го и градот Костур, па до албанската граница, бил под окупација на италијанските сили. Германија дозволила административно овој дел на Македонија да влезе во рамките на грчката квислиншка влада на генералот Чолакоглу. Во источниот дел на Егејска Македонија, со градовите Драма, Кавала, Серез и други помали места, била воспоставена бугарска окупаторска власт. Така, територијата на егејскиот дел на Македонија уште еднаш била прераспределена и низ неа повторно биле исцртани нови граници на поделба. Во согласност со ваквата поделба на Егејска Македонија, Македонците од овие краишта се нашле во една незавидна положба.

Сојузот со Комунистичката партија на Грција

Македонците од егејскиот дел од Македонија во периодот помеѓу двете светски војни многупати сами се обидувале да создадат свои организации или движења преку кои ги истакнувале своите барања и стремежи за решавање на македонското прашање. Овие македонски организации единствено делумно биле потпомогнати од Комунистичката партија на Грција, која ги прифатила ставовите на Коминтерната за македонското прашање. Оваа меѓународна организација што ја координирала и раководела работата на комунистичките партии, во предвечерието на Втората светска војна ѝ наложила на КПГ, како водечка антифашистичка политичка сила во Грција, да ги мобилизира и придобие Македонците со тезата за решавање на македонското прашање во рамките на грчката држава.
Проф. д-р Александар Литовски нагласува дека во рамките на ЕАМ, ЕЛАС и КПГ, особено во пониските раководни структури во егејскиот дел на Македонија, постоел негативен однос кон македонското националноослободително движење и кон поволниот третман на македонското национално прашање. Меѓутоа, и покрај овој став на грчките комунисти, Македонците од егејскиот дел на Македонија тактизирале и пред грчкото комунистичко раководство ја претставиле минималната политичка програма, односно признавање на македонското малцинство во рамките на грчката држава, а максималистичките принципи (обединување на македонскиот народ во рамките на една држава) ги оставиле за во иднина. Врз основа на овие принципи и во сојуз со грчките комунисти и другите левичари, Македонците ја започнуваат антифашистичката борба.

Драмско востание

Една од првите позначајни активности што произлегуваат од соработката помеѓу Македонците и грчките комунисти е т.н. Драмско востание, кое започнало на 29 септември 1941 година. Непосредно пред востанието е забележана активноста на учителот Атанас Гениос од селото Ираклија (Баракли – Џумаја по старо), кој подоцна е познат како комесар на 11-та дивизија на ЕЛАС под името Ласанис. Тој во август 1941 се појавува како водач на партизанската чета Одисеас Андруцос. Додека во Кукуш, пак, се појавила друга група под името Атанасиос Гијакос. Одредот Одисеас Андруцос извел диверзантски напади на полициските станици во селата Ефкарпија и Мавроталаса, при што до темел ги запалил полициските станици. Втора значајна акција била изведена на 22 септември 1941, кога бил нападнат германски конвој во близината на гратчето Лахна. По ова следувал силен одговор од германските сили, поради кои четите речиси се расформирале.
Нивното возобновување се случило речиси паралелно со окупацијата на оваа територија. Па, така, под иницијатива на Јанис Апостолос, Барба Параскевас, Мазаракис Арабаџис, Масракис Ламброс, браќата Петрос и Аргир Крокос, Петар Пастрамџи, Ѓорѓи Бончев, Николаидис, Атанас Карамусули, Георгиос Поридис и други, се појавуваат нови форми на организиран отпор и логистички акции. Комитетот на КПГ за Драма набрзо почнал да го издава и дистрибуира илегалниот весник „Неос дромос“ („Нов пат“), додека повремено биле издавани летоци и на македонски јазик.
На 20 август 1941 останува забележан говорот на Петар Пастрамџи (Македонец по род, подоцна познат како капетан Кичо) на првиот пленум на Околискиот комитет на КПГ за Драмско, каде што информира дека е веќе оформен штаб на кој му се потребни борци што немаат свои семејства. По сведоштво на Ѓорѓи Бончев, еден од учесниците во ова востание, од партизанскиот штаб на планината Макрош се дала наредба за почнување напади врз општините, полициските участоци и касарните за да се парализира окупаторот. А, датум одреден за почнување на овие акции била ноќта помеѓу 28 и 29 септември 1941 година, во 23часот.
Во одредениот термин групата од Просечен извршила напад на општината со девет борци, полицискиот участок со 20, додека касарната со преостанатите 18 борци. Утрото на 29 септември, во гратчето Просечен била прогласена народна власт. На овој митинг на македонски јазик се обратил Ѓорѓи Бончев, додека прокламацијата за востанието на грчки јазик била прочитана од Андониос Николаидис. Истиот ден тие се соочиле со силен напад од бугарската војска поддржан од два авиона, кои фрлиле бомби. Борците успеале да ги одбијат сè до ноќта, кога непријателот добил силна поддршка од минофрлачи и артилерија, по што започнал вистински масакр на населението во Просечен.
Во овие борби загинале десетина борци: Иван Велјанчев, Васил Шапков, Христо Европов, Ѓорѓи Шапера, и Ифандополос. Додека Прокоп Караиванов бил претепан до смрт, а Христо Болуџиевски, Димитар Росиловалиев, Ѓорѓи Пејков и двајца борци од селото Волак биле осудени на смрт и стрелани. Паралелно со нападот во Просечен, извршен е напад и во Доксат, Егри-Дере, Карликово (Микрополис), Чали (Ситагрос), Кубалишта и Силиндрик. Со извиците Зито и Ура, грчките и македонските партизани ги освоиле улиците на гратчето Доксат.

Бугарските злосторства по востанието

По неуспехот во Драма и при првите контрадејства на бугарските сили, партизаните се повлекле во базите во Кушница и Чал Даг за да се прегрупираат. Бугарските воени и полициски сили започнале со настапување и на 30 септември востаниците се повлекле од рамните области, а борбите се фокусирале во северните области на Кавалско и Правишко. Во текот на овие три дена, 29 и 30 септември и 1 октомври, се смета дека се масакрирани од 2.500 до 3.000 лица во околината на Драма. Оваа бројка е потврдена и од бугарскиот даночен службеник Петар Јанков од Драма, во делото „Црна книга на бугарските злосторства во Источна Македонија и Западна Тракија 1941-1945“, издадена во Атина во 1945 година, на стр. 22. Како главни наредбодавци на овие колежи се посочени бугарските воени лица полковникот Михаилов, мајорот Пецев и командантот на полицијата Стефан Магелански.
Бугарскиот колеж и терор се прошириле и надвор од драмската околија. Најголем масакр бил извршен на планината Пангеон, во манастирот „Света Богородица“ (Иконосафиниса), каде што биле исклани неколку стотици жени и деца. Бугарските власти формираат три жандармериски групи, кои од 1 до 6 октомври започнале со чистење на регионот. Со помош на артилерија и авијација, базите на востаниците во Кушница и Чал Даг се уништени. Последните остатоци на отпор се уништени до 5 ноември. Д.Ст.