За време на Илинденското востание во август 1903 година, селото Невеска и соседното гратче Клисура за кратко биле ослободени од четите на македонските војводи Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Никола С. Андреев и Марко Иванов. Невеска била опколена од три страни од костурските чети, а од север – од леринските, вкупно 2.000 комити. Ослободувањето на Невеска, нахиски (општински) центар во Леринската околија, е еден од најзначајните настани во времето на Илинденското востание

Историски потсетник за уште еден значаен настан од август 1903 година

Непосредно пред започнување на Илинденското востание, заедно со Лазар Киселинчев, Иван Попов и Манол Розов одат во селото Руља и се помируваат со војводата Коте Христов, ги осветуваат шесте знамиња, при што Коте ветува дека ќе биде верен на Организацијата и дека ќе учествува во востанието. Во текот на Илинденското востание во 1903 година, до масовно дигање на народот дошло и во другите реони на Битолскиот револуционерен округ. Во Костурскиот револуционерен реон, востаничките акции особено биле интензивни во Пополе, Корешта и Клисурско. Во овој дел од Македонија на 4 август востаниците го зазеле гратчето Клисура и го држеле во свои раце сѐ до 27 август. Клисура во времето на Илинденското востание било гратче сo 3.000-4.000 жители, а неговата географска положба од воено-оперативно гледиште многу значајна, бидејќи се наоѓа на истоимениот планински преслап на патниот правец што од Костур водел кон Клисура. На 12 август еден востанички одред од 700 души го освоил и гратчето Невеска.
Костурчани, кои најмногу го посакувале востанието, најдоцна ја добија пораката од Главниот штаб. Прогласот од 26 јули, со кој за ден на востанието бил определен 2 август, на празникот Илинден, тие го добиле на ден Илинден над селото Дреновени. Веста за почетокот на востанието била поздравена со громогласно ура на востаниците, кое, по краткиот говор на Чакаларов, се слеало со ехото на соседните планини и ги затреперило срцата на жителите на Горно и Долно Дреновени. Половина час подоцна брзи курири го разнеле по селата повикот од Горското началство, составен набрзина од Лазар Поп Трајков, а препишан во стотина примероци: „Востанието е објавено денес. Македонија е во отворена борба со тиранинот. Отаде Вич борбата е започната од денес наутро. Ги повикуваме сите способни да носат оружје, по утврдениот редослед, да влезат во редовите на борците! Да живее борбата за слободна Автономна Македонија! Да живеат борците!“

Првиот ден поминал во мобилизација на вооружените сили. Во текот на ноќта одделни одделенија ги прекинале телефонско–телеграфските линии и го изолирале градот Костур. Вториот ден биле преземени безуспешните напори за да се започне поход на градот Костур, иако уште првиот ден биле испратени востаниците преоблечени во селска облека за да предизвикаат пожари, кои требало да бидат сигнал за напад на вооружените сили на соседните села Апоскеп, Жупаништа и Тихолишта. Раздвижувањето на аскерот го натерало раководството на востаниците да се откажат од планот за напад на Костур. Сепак, набрзо потоа, востаниците ќе ги извојуваат своите први победи и ќе ги ослободат градовите Клисура и Невеска. Заземањето на овие два града претставувало крупна победа на востанието во Костурско.
Добро обучените востаници во Костурскиот востанички реон покажале на почетокот на востанието висок степен на борбена ефикасност и со минимални загуби постигнале големи воени победи. Ова е особено важно ако се знае дека тие се случуваат откако по првичната збунетост, турската војска необично брзо се консолидира и концентрира големи сили во текот на август, по што петнаесетилјаден турски аскер презел контраофанзива.
Од војнички аспект, особено ослободувањето на Невеска, кое имало околу 6.000 жители, било едно од поголемите воени победи во текот на востанието. Гратчето било нахиски центар на југозападниот дел на Леринската околија и во него бил сместен турскиот мудур. Местото имало телефонско-телеграфска станица и гарнизон со околу 70 војници. По започнувањето на востанието, протераните турски војници од околните села се прибирале во Невеска, така што бројот на војниците во гратчето се зголемил на околу 250. Поголем дел од турските војници, кои не можеле да се сместат во касарната, биле сместени во шатори, надвор од градот.
Ослободувањето на Невеска, како и ослободувањето на Клисура, било дело на здружените востанички чети од Костурскиот и Леринскиот востанички реон. Врз основа на разработениот план кај селото Псодери, операцијата за ослободување на Невеска била изведена под команда на искусниот војвода Васил Чакаларов, а во содејство со војводите Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Никола Андреев, Никола Мокренски (Алај-бег) и др. Во нападот учествувале околу 700 востаници, кои од четири страни настапувале кон градот. Додека војводата Чакаларов ги следел и раководел со дејствата од соседната височинка од каде што имал преглед и услови да интервенира доколку акцијата биде загрозена од турскиот аскер, првата група востаници настапувала од север од страната на селото Бел Камен, втората од исток и југоисток од страната на селото Зеленич, трета од запад од страна на селото Елово и четвртата од југоисток од страна на селото Прекопана. Концентрацијата на силите траела во текот на денот и ноќта, а четата на Иван Попов успеала незабележано да се доближи на само 600 метра од шаторите на аскерот.

Нападот го започнал со силен оган во три часот наутро леринскиот одред, кој напаѓал од северната страна на Невеска. Четирите одделенија на војводата Иван Попов, со прецизна стрелба оневозможиле турските војници да дојдат до оружјето, а други три се доближиле до војниците. Забележувајќи дека од спротивната страна нема стрелба, турските војници избегале панично во правец на Зеленич, оставајќи ги оружјето и опремата. Веднаш потоа војводата Попов, од северната, а Андреев од јужната страна влегле во градот. По влегувањето во градот востаниците наишле на отпор од турските војници во касарната. Но откако увиделе дека долго време нема да издржат, турските војници избегале. Востаниците во касарната заплениле 37 модерни пушки маузер, 6.000 куршуми, воена опрема, шинели и друго, по што ја запалиле.
Иако мудирот навреме избегал, последниот објект што бил освоен во Невеска бил мудирлукот. Во борбите за овој објект биле убиени тројца, а заробени седуммина заптии, меѓу кои и баш-чаушот Сулејман. Со оваа акција борбата за Невеска била завршена, а на мудирската кула било истакнато востаничкото знаме. По завршувањето на борбите, во текот на вечерните часови, костурските востаници се повлекле од градот, додека леринските, предводени од Ѓорѓи Поп Христов, останале уште два дена, со цел да помогнат за воспоставување на Привремена управа во градот. На 27 август 1903 година, турската војска, која имала околу 15 илјади луѓе, во две колони се упатила кон Невеска. Главната колона, со сила од 10 илјади војници, настапувала со забрзан марш од правецот на Клисура и селото Загоричани, а другата колона, која имала околу пет илјади војници настапувала од правецот на Лерин и селото Бел Камен.
Согледувајќи ја новонастанатата ситуација, во согласност со стратегијата за водење на вооружената борба и за да се избегнат непотребните жртви, востаниците решиле без борба да се повлечат од Невеска. И покрај брзата интервенција на османлиската војска, извлекувањето на востаниците било успешно спроведено, со што бил избегнат судирот со турскиот аскер. Главнината на востаниците се повлекла на југ, кон Емборската Планина во Кајларско, а помалиот дел од силите се упатил кон Корештата, во Костурско. Со цел да се избегне судирот со големите турски единици, повлекувањето се одвивало со забрзан марш. Востаниците успеале да ги избегнат судирите, иако турската војска ги имала запоседнато сите позначајни врвови и планински преслапи, па дури за да се стесни просторот за маневар и засолнување на востаничките сили таа спровела систематско сечење и палење на шумите. Но ни тие мерки не ги дале очекуваните резултати. Главнината на востаниците, без поголеми загуби, се извлекла од обрачот.

Според Димитар Љоровски Вамваковски од Институтот за национална историја, во периодот по Илинденското востание, ослободувањето на градовите Крушево, Клисура и Невеска, како историски настани, ќе биде постојан поттик за понатамошната борба на македонскиот народ за создавање на македонска држава и веднаш ќе стане дел од усната традиција кај македонското население.
– Во денешницава, пак, на ослободувањето на Клисура и на Невеска, при годишните традиционални чествувања на Илинденското востание, за разлика од ослободувањето на Крушево, генерално, може да се констатира дека не им се придава заслужената почит и внимание, иако, меѓу другото, и самиов текст е доказ дека сѐ уште, кај македонската историографија, постои тенденција да ги обработува овие настани и дека тие имале свое влијание врз македонската борба за државност во минатото, веројатно најмногу преку „идеалот на загинатиот херој“ – вели Димитар Љоровски Вамваковски.