Фото: Влада

Владата, односно владиното мнозинството и македонските граѓани опстојуваат на европскиот пат и се посветени на определбите за остварување на предусловите коишто ќе ни го отворат патот и конечно да го заокружиме нашето патување кон полноправното членство во Европската Унија. Ова е пораката што претседателот на техничката Влада, Талат Џафери им ја пренесе на претставниците на институциите на ЕУ при денешните негови средби во Брисел.

– Во тој контекст е зацртано мојата прва посетата да биде на Европската Унија, за да се покаже и практично да се пренесе определбата и заложбата за исполнување на сите предуслови за да можеме да продолжиме кон европскиот пат – изјави Џафери за МИА по средбата со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Претходно, денеска Џафери, придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, во Европскиот парламент имаше средба со европратениците Илхан Ќучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер, а доцна попладнево ќе се сретне и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во врска со денешното распишување на претседателските и парламентарните избори, Џафери истакна дека очекува Владата, граѓаните и политичките партии коишто ќе се решат да учествуваат во изборниот процес да направат дополнителни напори за да овозможат тој да тече мирно во рамки демократските вредности.

– Секако со тоа и да и олесниме на Државната изборна комисија, која што според Законот е единствена надлежна за спроведување на процесот на изборите. Според Изборниот законик, сите сме должни да придонесеме со своето однесување, пред се кон обврските што ги имаме и како институции и како граѓани, да учествуваме во тој процес и да обезбедиме мирни, фер, прифатливи избори од коишто ќе треба со полн легитимитет и легалитет да произлезат новите институции – истакна Џафери.

Од тој аспект, според него, потребна е координација на сите понатамошни активности во подготовката за спроведување на изборите за да може соодветно да се одговори на евентуалните обиди за странски мешања и влијанија во изборниот процес и да се оствари примарната цел за обезбедување мирен тек на изборите.

– Секако оценка е и во државата и на меѓународните партнери, а искуствено од претходните изборни процеси во други држави што се одвиваа во претходниот период, дека не се исклучува можноста од такво влијание, имајќи предвид дека веќе има индиции преку лажни вести и злоупотреба на медиумскиот простор дека се оди во тој правец. Сите ние сме должни да преземаме соодветни мерки за навремено да одговориме на тој предизвик – рече Џафери.

Тој потенцира дека како полноправна членка на НАТО, имаме можност да ја користиме инфраструктурата на институциите на Алијансата за да можеме да се справиме и да одговориме на овој предизвик.