Фото: Архива на „Нова Македонија“

Ова е четврто продолжение во серијата текстови во кои загатнуваме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните

Клучните сфери во државата бараат искрен
и домаќински пристап (4)

Ова е четврто продолжение во серијата текстови во кои загатнуваме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните.

Низ стручни анализи, консултации со експерти, професори, поранешни дипломати, ќе понудиме повеќе насоки како претседателот на државата може да ја афирмира претседателската функција на многу повисоко ниво од сегашната протоколарна улога што ја има, без оглед што Уставот му го дава правото да биде врховен командант на вооружените сили. Намерата на овој серијал текстови е да се изнајде модус со кој во иднина, се разбира во согласност со Уставот и законите, ќе се обезбеди поголем пакет на ингеренции на првиот човек на државата, за да може и тој активно да учествува во креирањето на надворешната, внатрешната, економската, енергетската, образовната, здравствената и сите други политики важни за иднината на државата. Целта е претседателот во иднина да стане вистински репрезент, како на државата така и на граѓаните, поточно да биде оној граѓански коректор на сите погрешни политики и креатор на нови решенија и идеи што ќе значат вистински напредок на државата. Со еден збор, лидер

Квалитетно здравство, добар образовен систем и енергетска независност се клучни области од кои во добар дел зависи напредокот на секоја држава, па во таа насока и сите претседателски кандидати не штедат зборови кога во рамките на предизборните кампањи говорат за подобро здравство, подобро образование, но и изградба на енергетска инфраструктура, која ќе ја направи земјата енергетски независна.
Овие области не се под директна нивна надлежност и не се опфатени со претседателските ингеренции, но повторно сите иницијативи што би произлегле од претседателскиот кабинет се сведуваат на инвентивноста на шефот на државата преку различни форми да влијае на подобрување на состојбите во овие сфери.
Сите негови активности во таа насока во никој случај не се во колизија со законите, ниту, пак, со Уставот, бидејќи, во согласност со највисокиот правен акт во државата претседателот е репрезент на државата, па во таа насока може да презема активности што придонесуваат за подобрување на одредени состојби што се важни за развојот на државата.
Дел од аналитичарите, со кои продискутиравме околу модалитетите преку кои претседателот може да влијае во овие области, посочуваат дека сѐ се сведува на капацитетот на претседателот и на неговите лидерски способности да ги менаџира процесите што самиот ќе ги иницира.

Претседателот како креатор на дисперзиран ефективен јавен здравствен систем

Лошото јавно здравство е рак-рана на македонското општество, а најдобра потврда за тоа се илјадниците доктори и друг медицински персонал што го напуштија државниот здравствен систем и или, пак, заминаа на работа во странство. Повеќе македонски врвни доктори во кои државата инвестирала средства за нивно образование и специјализација веќе работат во странство, додека болниците во земјава едвај имаат стручен здравствен кадар со години. Тоа се одразува врз квалитетот на здравствените услуги што ги добиваат граѓаните, кои воопшто не се задоволни од грижата што ја добиваат во медицинските установи.
– Тука претседателот може да одигра голема улога доколку сака да помогне македонските граѓани да добијат здравствен третман според европските стандарди. Имено, помина деценија и повеќе како политичките гарнитури во земјава се натегаат дали да се гради нов клинички центар во Скопје или, пак, да се реновира стариот. Епилогот од инаетењето е плаќање пенали, повторно од џебот на граѓаните. Претседателот е тој што околу себе може да собере здравствени, градежни и други експерти, за да разработат стратегија како да се дисперзира целиот здравствен систем низ државата, со неколку големи клинички центри за да се растовари притисокот врз скопскиот клинички центар, а истовремено и граѓаните од другите делови на државата да добијат навремена и квалитетна здравствена грижа во местата каде што живеат, наместо да се изложуваат на дополнителни трошоци за патување од еден во друг град. Таа комисија на чие чело би бил претседателот, ќе ги следи активностите и ќе ги притиска надлежните министерства да ги разгледуваат иницијативите што ќе потекнуваат од претседателот. Така ниту едно министерство нема да може едноставно да го игнорира претседателот на државата доколку тој за своите иницијативи ја запознае јавноста и преку експертската фела постојано инсистира на средување на состојбите во здравството.
Од друга страна, претседателот може повторно да формира стручен тим, кој заедно со надлежните министерства ќе разработи стратегија како да се стимулираат квалитетните доктори да останат во државното здравство, а оние што си заминале и да се вратат, така што ќе им се понудат подобра плата, подобри услови за работа, постојано надградување на знаењето на државен трошок, со други зборови, повторно да се врати угледот на лекарската фела – велат познавачите.
Тие препорачуваат претседателот да започне кампања преку која континуирано ќе се следат млади и талентирани ученици на кои ќе им се дадат стипендии, подоцна ќе им се плати стипендија и ќе им се овозможат услови за вработување веднаш по завршувањето на образовниот процес. Тоа може да се дополни и со некои други бенефиции, како на пример поволни услови за решавање на станбеното прашање доколку тоа не им е решено, едноставно тие луѓе да бидат растоварени од секакви егзистенцијални грижи и да можат слободно да се посветат во она во што се најдобри, во лекувањето. На тој начин младите ќе имаат причина повеќе да останат во земјата и да го дадат својот придонес помагајќи им на своите граѓани.
Со тоа што фокусот ќе биде свртен кон подобрување на здравствената инфраструктура, сето тоа дополнето со градење квалитетен медицински кадар, претседателот директно ќе влијае на менување на состојбите во секторот што тоне сѐ подлабоко и ако нешто не се направи во скоро време, прашање е само кога ќе се случи целосен колапс на македонското здравство.

Образована нација гради силна држава, необразована ја растура и таа што ја има

Рака под рака со здравството оди и образованието. Од година на година Македонија добива сѐ помалку квалитетни и образовани кадри, а она што нешто вреди, ја напушта државата веднаш по завршувањето на основното образование. За тоа говорат фрапантните бројки од најновите истражувања, кои покажуваат дека за едно полугодие од училиштата низ земјата се испишале стотици деца, кои со семејствата се иселиле од државата.
– Претседателот на државата нема директни ингеренции во образованието, но повторно сѐ се сведува на тоа дали некој сака да направи нешто за својата држава и за своите граѓани. Никој нема да му забрани на претседателот да помогне во оваа област, а уште помалку такво нешто е спротивно на законот или на неговите ингеренции. Досега бевме сведоци на посети на ученици на претседателската резиденција како дел од образовната програма, на некакви школи и слично, но тоа не е вистинскиот начин да се подобрат состојбите во образованието. Потребна е коренита реформа на целиот образовен систем, а во таа насока претседателот на државата може, на пример, да го посети својот фински или литвански колега и да побара некој нивен образовен експерт да седне со македонските колеги и под негово покровителство да изготват платформа за реформа на македонското образование, која во координација со Министерството за образование и наука би можела да почне да се применува во нашиот образовен систем. Со други зборови, не треба да измислуваме топла вода, туку да учиме од искуствата каде што образованието е најдобро – велат аналитичарите.
Според нив, претседателот како покровител на овој тим може од прва рака да ги следи состојбите, да побара увид во плановите за реформи што ги има Министерството и да иницира поширока општествена дебата за тоа кој модел би бил посоодветен за нашите деца.
– Тоа е она што е потребно во оваа земја, спротивставување на повеќе концепти кога се планира некоја реформа, за на крајот од сите тие концепти или платформи да се одбере она што е најдобро и така да се дојде до најдоброто решение. Сите овие години го немаше тоа, туку секој министер тераше некоја своја реформа на своја рака, без да се консултира со никого. Во сето тоа претседателот воопшто не се вклучуваше, па затоа имаме образование какво што имаме, без свидетелства, без учебници, со лоши оценки на тестовите, буквално најлошо во Европа. Претседателот мора да биде свесен дека образована нација може да изгради силна држава, а необразована да ја растури и таа што ја има – истакнуваат аналитичарите.

Енергетската независност треба да биде врвен приоритет за секој претседател

Уште еден важен сегмент на кој претседателот мора да посвети особено внимание е градењето енергетска независност на државата, особено сега кога во годините што претстојат, само оние држави што располагаат со сопствени енергетски ресурси, тие ќе можат да имаат конкурентна економија и заштитен граѓански стандард.
– Претседателот на државата треба да биде тој врховен мудрец, кој ќе знае да процени што е најважно за неговата држава во времињата што следуваат. Очигледно тоа сега е енергијата, така што таткото или мајката на нацијата мора да водат сметка како земјата да не остане без овие ресурси и да не се доведе во подредена состојба, да биде енергетски зависна, а со тоа подложна на уцени. Пред некое време се крена голема врева околу давањето под концесија на голем енергетски проект во државава на странци, што силно ја мобилизираше енергетската експертска јавност, која решително го крена својот глас против продавањето на македонските природни ресурси на странци. Претседателот на државата е тој што прв треба да каже „стоп“, да спречи доведување на земјата во подредена улога. Истиот тој претседател треба да седне со енергетските експерти, со професори, научници, академици, да разработат стратегија кои сѐ проекти земјава може да ги изведе со сопствени средства и таа стратегија да се понуди и до Владата и до Собранието, но и во јавноста, сите да имаат увид и да знаат точно што земјава добива, а што губи. Тоа е транспарентен процес, кога претседателот ќе иницира постапки што бараат носење одлуки со консензус, односно кога сите ќе имаат впечаток дека на некој начин биле направени консултации со нив за одредена работа – појаснуваат аналитичарите.
За нив нема никаква дилема дека претседателот може и тука да дејствува, но повторно сѐ се сведува дали сака да го прави тоа.
– Да немаме никаква дилема, претседателот не треба да биде стручен за енергетика или за која било друга област, но може околу себе да собере неколку „бели глави“ што ќе му кажат што е добро за нашата енергетска самостојност. И самиот е свесен дека она што сами ќе го изградиме ќе ни остане и ние ќе ги црпеме придобивките отколку други да ни го градат и 50-60 години да ги берат плодовите од тоа. Претседателот треба да притиска сами да градиме инфраструктура, а ако процени дека некаде може да има и странска инвестиција, ниту тоа не е лошо заеднички да се разгледа и да се направи експертска анализа. Со години се говори за еден прекрасен проект „Вардарска Долина“, тоа сами не можеме да го изградиме, но претседателот на државата може да го напипа пулсот кај некои земји во врска со оваа идеја. Колку што се сеќавам, порано Франција беше силно заинтересирана за тој проект, така што може да се види дали можеме нешто заеднички да направиме во таа насока. Од една страна добиваме проект, од друга страна добиваме можен силен лобист во Европа бидејќи секоја земја сака да си ги заштити своите инвестиции, без оглед каде и да се. Затоа пак ќе речам, претседателот треба да биде визионер, отворена личност, која ги разгледува сите опции, ќе се консултира и на крајот ќе иницира проекти што буквално ќе потекнуваат изворно, од она што самата земја ни го нуди – посочуваат соговорниците.
Според нив, ова е само мал дел од она што претседателот на државата може да го направи доколку сака државата да се развива и да оди напред, а придобивките да ги чувствуваат граѓаните.
– Повторно сѐ се сведува на тоа дали некој сака нешто да направи за својата држава или народ или, пак, продава само празна демагогија колку да дојде на власт. Претседателот ги има сите можни ингеренции на светот, само клучното прашање е дали сака да ги искористи или поудобно му е да ужива во ладовината на претседателската палата и во привилегиите што му следуваат за време и по завршувањето на функцијата – заклучуваат соговорниците.